Слепило

29.09.2011 10:53
Слепило

Веќе ја замислувам ситуацијата по светските универзитети кога на нивните факултети, отсеци, катедри, специјалистички ситуации итн., ќе се проучува славниот општествен феномен, во стручната литература наречен како "Синдром Македонија". Се разбира, станува збор за општественото, да не кажеме државното доцнење. Па, ние, конечно, последни кренавме востание против Отоманската империја, кое, нормално, беше – преурането. Последни кренавме востание во НОБ (или како и да се вика денес револуцијата во Втората светска војна), последни спроведовме референдум за независност (со прилично чудно прашање), газда Језда кај нас преку ТАТ се реинкарнираше неколку години по балканскиот феномен на овој тип државни кражби, на крајот и вооружениот меѓуетнички конфликт го имавме едно седум години по потпишувањето на Дејтонскиот мир и, секако, по смртта на Туѓман и падот на Слободан Милошевиќ.

Веќе гледам како ги преведуваме на македонски учебниците од светските десет, или колку и да беа, светски универзитети, во кои се обработува токму прашањето на општествената мрзливост и државничката недозреаност, наречена, ете, "Синдром Македонија". Гледам како министерот за образование, а секако и премиерот Груевски, ги промовираат овие значајни изданија, како државата Македонија, со еден збор кажано, октроира дополнително знаење на овдешните 187.747.186 универзитети... И како е тоа сигурниот пат, покрај онаа туристичка рута околу Скопје 2014, кој нè води во Европа.

Но, работите и навиките се менуваат. Замислете, градот Скопје, општина Центар, па и цела држава, ја прослави стогодишнината на улица "Македонија" во 2011 година. А не, како што со право се очекуваше, некаде во 2134 година. Добро, злобници како мене ќе забележат дека оној султанот, кого Милтон Манаки го запре за до овековечи во својата камера, дојде во Скопје во јуни, а не во септември, и дека тогаш веќе беше готова улицата Јени џаде, дека беа донесени трамваи и коњи специјално од Виена, дека пред Железничката станица е нареден специјален цветен аранжаман итн. Како и да е, доцнењето на прославата од само нешто повеќе од три месеци зад вистинскиот роденден на улицата, во суштина, претставува нешто што во теоријата се нарекува "аномалија на синдромот Македонија", со други зборови отстапка од очекуваното доцнење.

Појавата на задоцнета памет, или ако сакате задоцнето сеќавање, е општо распространета епидемија не само меѓу домицилното население, туку и кај секојпосетител што некогаш влегол тука. Дебело критикуваниот, сè уште неизграден стар-нов МНТ, веќе е градба за пофалба. Спомен-домот во Пелинце веќе не е комуњарска дивоградба, туку во соодветните моменти радо посетено место на власта. Дури и оние што тврдеа дека договорот околу името со Грција, во смисла дека со него ќе се замени референцата БЈРМ, не се повеќе општи и сеопшти предавници. Напротив, еден куп владини гласноговорници меѓу новинарите, значи меѓу луѓето на кои не им е во попис и опис на работното место да ги штитат и промовираат националните интереси, барем не на она државотворно ниво на кое тоа го прават овие општествено-политичко-партиски работници, веќе тврдат дека историската улога на оваа Влада е токму таа - да ѝ ја покаже вистината на Европа и да влезе во неа, односно да ѝ го смени името на државата.

Со други зборови, дојде време да се обединиме, а за да се постигне толку неопходното единство тогагаш треба да се тргне целото "ѓубре" од улиците што може да ја замати оваа обединетост. Првин, како што тоа обично се случува, се елиминираат најслабите, овојпат децата-питачи. Имаше некои обиди на почетокот да се тргнат коњите од улиците, ама, ако не ме лаже видот, коњите сè уште шетаат како што ќе им падне на ум. Од Градот велат дека она чудно возило за една коњска сила, што неодамна онака помпезно го промовираше лично, со глава и брада, скопскиот градоначалник, ги исполнило своите очекувања. Добро, не е прибран ниту еден коњ, ама самата појава на возилото им влева страв во коски, така што коњите автоматски се повлекуваат во своите подземни скривници. Исто како и луѓето.

Оние што не се кријат, туку ги кријат како најскапоцен дијамант, се следната најмалку отпорна група – новинарите. Весниците се затвараат, телевизиите се најобични пропагандни машини, радијата се небитни... Веќе нема ниту еден неделник во земјата. Но, на новинарите не им требаат медиуми за да направат скандал. Тие не се обични проследувачи на настани, туку создавачи на настани. Особено ако се викаат Мирка, Миленко и Бобан. Тие знаат да се искраднат како човекот-пајак, да сплетат мрежа, да те заплеткаат во неа и да ја спасат татковината од евроболшевиците, предавниците, платениците и останатите паразити. Ех, што ти е да поседуваш новинарски вештини...

Она што вообичаено во новинарскиот жаргон се нарекува спинување, а некои го именуваат како манипулација, не е ништо друго освен колективно слепило пред она што навистина ни се случува. Првото прашање (или констатација) е дека Миленко Неделковски добил пасош. Што се случи? Доби ослободителна пресуда по обвинението за измама? Му застаре случајот? Нешто друго се случи? За жал, нема каде да се прочита за што станува збор. И второто изненадување е агресивноста на Бобан Нонковиќ, кој, за разлика од Борјан Јовановски, Слободанка Јовановска, Билјана Секуловска, се претстави како вистински доајен, Егон Ервин Киш, што би се рекло. Па, ја нападна демократијата во ЕУ, па, се жалеше на дискриминација, па...

Во суштина, сево ова дава надеж. Како што влегоа овие тројца новинари во зградата на Европскиот парламент во Брисел, така белким ќе можеме и ние да влегуваме во нашиот Парламент, на пример, каде што нормално владее суфицит на демократија и каде што општо познатиот толерантен човек Трајко Велјановски ќе ви дозволи да му се дерете и да го навредувате.

Да живее демократијата. Само најпрвин да ги поубиеме оние што мислат поинаку.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Џилијан Лудвиг

Ијаааа... ТАТ државна

Ијаааа... ТАТ државна кражба?

Шо прајш бе, ќе те пее газдата.

ОкоБоли главаВицФото