СДСМ и квадратурата на кругот

30.09.2011 10:05
СДСМ и квадратурата на кругот

Имаат ли социјалдемократите попаметна работа освен да се занимаваат со самите себе? Каде води судирот Црвенковски-Бучковски? Што може да се очекува од СДСМ по поразот на изборите и по лошиот старт на опозицијата во третиот мандат на Груевски? Дали кризата низ која поминува СДСМ ќе биде надмината или ќе бидеме сведоци на целосен крах на "државотворната" партија во Македонија?

Кога работите стојат лошо и кога постојат лоши перцепии, не треба да се бега од зборот криза. Но, би било многу погрешно ако таа криза се претстави како последица на последните бранувања во СДСМ. Од друга страна, би било наивно кризата да се врзува за судирот на струите во партијата, на определени важни личности или, пак, таа да се објаснува како последица на лошата кадровска политика. Не постои партија во светот која била поштедена од меѓупартиски пресметки. Посебно по изгубени избори.

СДСМ не била и не глумела монолит, но ретко се случувале јавни препукувања. Бидејќи тоа стана тема на денот, сега, се чини, и СДСМ има желба побрзо да се затвори ова непријатно поглавје во историјата на социјалдемократите.

Судбината на левите партии е да се соочуваат со поделби. Дали тоа прв го кажал Бухарин, Плеханов или Кауцки, во моментов, и не е толку битно. Поделбите во левицата, ако не се разберат само како гола борба за позиции или, пак, како резултанта на политичката технологија на преживување што доби моструозни размери во комунистичките партии, во основа, изразувале еден квалитет, поточно, една специфичност во однос на десните или на центристичките партии. Левицата била склона на поделби, бидејќи таа сакала да го менува светот, историјата, кај нејзе бил импрегниран телеолошкиот аспект дека власта е само инструмент за исполнување на важни идејни начела. Борбите во левицата ја рефлектирале борбата на идеите, на концептите, на идеологиите.

Се рабира, социјалдемократските партии го загубија тој екслузивитет да бидат платформи за битка на идеите, и денес тие повеќе наликуваат на центристичките отколку на традиционалните леви партии. Ретко која социјалдемократска партија во Европа остава впечаток дека има амбиција да го менува светот. Една од причините за кризата на социјалдемократијата е што се одалечи од своите идеали, од своите некогашни мисии, па сега изгледа дека е впрегната само да управува со капитализмот, а СДСМ, како и сите посткомунистички левоцентристички партии, не можат да се пофалат дека се блиску до традиционалните леви идеали, а особено дека нивен главен предизвик ќе биде изградбата на капитализам со човечки лик.

Да биде иронијата уште поголема, СДСМ е една од ретките леви партии од поранешните комунистички држави, која ќе биде запаметена како партија која го инаугурираше и го имплементираше капитализмот. Во деведесетитте, мисијата на СДСМ беше Македонија да добие "нормален" систем, на сметка на дотогашниот "најправеден и најхуман" во историјата на човештвото. СДСМ расчисти со утопијата, за сметка на реалноста. Социјалдемократите во Македонија ја избраа најпрагматичната солуција – го демонтираа комунизмот и почнаа да создаваат институции кои соодвествуваа на новата ера во Европа. Она што е особено битно, СДСМ не доживеа внатрешни бранувања или ломови поради тоа што како лева партија се најде во една толку неприродна позиција. Нормално, имало и сè уште има критики за прагмата или за изведбата, но концептот не бил никогаш оценет како погрешен. СДСМ не познава криза поради оваа промена во идентитетот (лева партија да вози десно) ниту, пак, сега се особени гласни барањата за враќање кон некои изворни, леви корени. Во изминатите години на сметка на СДСМ беа изнесувани секакви критики, но не паметам дека некој ја напаѓал поради нејзината левоцентристичка идеологија, а особено за тоа дека ја влече Македонија претерано во лево.

Сето ова укажува дека СДСМ на идеен план е сè уште компактна партија. Дали СДСМ има потреба од промена на идеологијата, со што би се променила и партиската стратегија? Ова е многу тешко прашање, но во оваа анализа ќе се задоволам најпрво со една констатација, која на овој или оној начин, е историска константа – ако една партија не се соочува со криза во идеологијата или, пак, смета дека на идеен план го избрала вистинскиот пат, тогаш, дури и најголемите проблеми се лесно решливи. Раководството и членството на СДСМ сметаат дека програмските начела и вредностите што се застапуваат не се нималку дубиозни, напротив, тие и понатаму се сметаат за пропулзивни и прогресивни и покрај трите изборни порази.

Но, доколку и еден ден СДСМ се најде во позиција да ја проблематизира својата идеологија (политичкиот конкурент им сугерира да се реформираат и да се модернизираат), ќе се увиди дека изборот не е голем, а солуциите не се многу ветувачки, ниту за партијата, а ниту за државава. Објективно гледано, СДСМ не може да ја реши квадратурата на кругот во која западна социјалдемократијата. Затоа, ако се сака алтернатива заради алтернатива, социјалдемократите во Македонија можат да заиграат на картата да одат уште полево, а тоа би значело, наједноставно кажано, реафирмација на т.н. државен социјализам. Уверен сум дека СДСМ нема да ја избере оваа опција – прво, бидејќи е тоа анахронен модел; второ, форсирањето леви тези кога електоратот е залепен на десните (националистичките) е бесмислено и, трето, тоа би значело дека постојниот десен монизам ќе мора да се замени со лев монизам.

Ако СДСМ нема криза на стратегиски план, тогаш, се чини, решението треба да се бара само на тактички план, што во крајна инстанца, се сведува на прашањето на лидершипот, кадровската политика, новиот дискурс и на подобрата организациона поставеност на партијата. Но, инсистирањето на овие прашања е само вовед во уште поголема заблуда. На СДСМ не му цутат розите затоа што е Бранко лидер а не некој нов лик. На СДСМ не му е тешко затоа што Бранко и Бучко се караат и не се поднесуваат. Главниот проблем кај СДСМ е што немаат стратегија против популизмот, бидејќи против таков противник не помагаат традиционалните методи на политичка борба.

Бранко Црвенковски застана одново на чело на СДСМ со образложение дека оваа битка, една од најтешките во поновата историја на Македонија, не е можна без негово учество. За членството и за симатизерите на СДСМ, Црвенковски е најдобрата солуција, бидејќи тој е човекот кој ја симболизира партијата и најдобро знае како таа да се консолидира и да функционира. Притоа, се изнесуваше само еден голем хендикеп поради камбекот на Црвенковски – фактот што со него тешко можат да се привлечат приврзаници кои во минатото, па и сега, не припаѓале или не биле блиски на левиот политички кампус. Овој проблем Црвенковски го апсолвираше и се обиде да го реши со ветувањето дека се откажува од јавни функции.

Дали Црвенковски е потрошена инвестиција на СДСМ, а Владо Бучковски и Ѓорѓи Спасов се најголемите промашени инвестиции кај социјалдемократите, на прв поглед, се теми кои треба да ги решаваат органите и членството на СДСМ. Повеќе од извесно е дека по овие бранувања, а и по оние што следуваат, Црвенковски нема да биде сериозно загрозен. Но, дали по овие турболенции СДСМ ќе излезе како посилна и поорганизирана партија, тоа е прилично напрегнато прашање.

Во опозициска партија, која бележи порази во низа, логично е постојано да се расправа за лидершипот, за потребата од нов риланч, за нови лица, итн. Но, некогаш, овие теми кои се стопроцентно логични и консекветни за секоја нормална демократија, придонесуваат да се избегне соочувањето со прашањето од кое и СДСМ сака да побегне – каква стратегија треба да се избере против популизмот.

По 5 јуни, Црвенковски не може да се пофали дека има таква стратегија. СДСМ против себе има противник кој не бира средства и кој е подготвен да применува постојан пресинг. На сето ова, опозицијата требаше да одговори со некои хетеродоксни модели на политичко дејствување. До 5 јуни се велеше дека Црвенковски ја врати волјата за борба или се победи стравот од борба против популизмот. Но, по 5 јуни, СДСМ продолжи со политиката на кумулирање на гневот, наместо да стане медиумот низ кој постојано ќе струи бесот и незадоволството на речиси една половина од електоратот. СДСМ уште го следи имиџот на "фини и паметни", на безмалку кадифени типови, кои во сегашнава балканска крчма имаат против себе "опасни тепачи", кои се подготвени за борба во секое време и на сечиј терен. СДСМ уште сака да прима, наместо да задава удари. СДСМ уште купува време за да биде поактивна и поагресивна партија.

Фајтерството што се бара од СДСМ е содржано во фамозниот збор – радикализација. Од преголема употреба, овој збор многу кажува, но и ништо не кажува. Радикализацијата може да значи егзалтирање на незадоволството кај народот, но, може да значи и состојба која води во граѓанска војна. Кога ќе се избере тој пат, никој со сигурност не ќе може да тврди како работите ќе завршат. Затоа, таа одлука, е многу тешка одлука.

Но, некаква борба мора да се води, И што е особено битно, на нејзино чело мора да биде Црвенковски, лидерот на опозицијата. Црвенковски беше на чело на масовните митинзи. Но, не мораат сите битки да почнуваат и да завршуваат со масовки! По парламентарните избори, оваа власт даде многу поводи за битки кои СДСМ мораше да ги прифати, но тие изостанаа бидејќи Црвенковски не сакаше да се троши на митинзи на микро-план. Фајтерскиот дух слабее, конфузијата расте, а депресијата царува, кога се пропуштаат незапаметени политички скандали и невидени притисоци.

Затоа, ако Црвенковски заслужува критика, тоа е поради фактот што неговото фајтерство претпоставува кумулиран ефект, наместо да го изразува вистинскиот момент и вистинскиот повод. Црвенковски нема многу време за да расчисти со оваа слабост. Освен тоа, Црвенковски мора да даде личен пример дека се оди во битка и со слаби ресурси и во тешки околности (финансиски и медиумски). Тоа е подобра солуција отколку да се биде пасивен. Само така, главна тема во Македонија ќе биде Груевски, а не Црвенковски.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Ендрју Јанг

Нострадамус, се колнам во се`

Нострадамус, се колнам во се` најмило, пред да го прочитам текстот, а кога ги видов насловот и должината, знаев дека некако ќе свртиш на две работи:

1. Ќе го браниш Бранко
2. Ќе повикуваш на радикализација (или, со други зборови, како што си призна, граѓанска војна - за тоа ти симнувам капа).

И бев во право. Проѕирни сте, комуњарчиња гребаторчиња.

Патем, се пишува турбуленција.

Очаен текст, поочаен и од

Очаен текст, поочаен и од самата(СДСМ)партија.

СДСМ не е државотворна

СДСМ не е државотворна партија туку криминален клан, а Црвенковски треба да оди во затвор како кум на транзицијата. Плус многу се глупи, ВМРО не треба ништо да прави и вечно ќе остане на власт со ваква опозиција, си пукаат сами у нога цело време.

ОкоБоли главаВицФото