Академски паразитизам

05.10.2011 13:00
Академски паразитизам

Кои се најсуровите капиталисти во западниот свет? Покрај чии монополистички пракси WallMart изгледа како маалски дуќан, а Руперт Мардок како социјалист? Попрво врбата ќе роди грозје одошто ќе го погодите одговорот. Имено, има многу кандидати, но мојот глас не оди за банките, нафтените компании или здравствените осигуруватели, туку кај академските издавачи. Можеби се чини дека станува збор за застарен и небитен сектор, ама тој е сè освен тоа. Од сите корпоративни измами, на нивното изнудување е нужно најитно да се испратат телата за заштита на пазарната конкуренција.

Сите тврдат дека се согласуваат оти луѓето би требало да бидат поттикнувани на разбирање на науката и другите облици академско истражување бидејќи без актуелно знаење не можеме да носиме кохерентни демократски одлуки. Но издавачите ставија знак „не приоѓај“ на вратата.

Научните статии vs. Мардок

Можеби ве навредува политиката на Мардок за плаќање според која наплаќа по една фунта за еднодневен пристап кон Times и Sunday Times. Но барем во тој пристап можете да читате и симнувате неограничен број статии. Читањето една статија во списанијата на Елсевир (Elsevier) ќе ве чини 31,5 долари, Спрингер (Springer) наплаќа 34,95 евра, Вили-Блеквел (Wiley-Blackwell) 42 долари. Прочитајте десет статии и ќе платите десетпати повеќе. Покрај тоа, овие списанија трајно ги задржуваат авторските права. Сакате да читате писмо печатено 1981 г.? Тоа ќе ве чини 31,5 долари. Се разбира, можете да појдете во библиотека (ако сè уште постои). Но и библиотеките се погодени од огромни надоместоци. Просечната цена на годишната претплата за списанија од областа на хемијата изнесува 3792 долари. Некои списанија годишно чинат и до 10 000 долари. Најскапото кое сум го видел е она на Елсевир Biochimica et Biophysica Acta од 20 930 долари. Иако академските библиотеки поради заштеда ги кратеа претплатите, списанијата сè уште им одземаат 65% од буџетот, што значи дека морале да намалат при откупување книги. Надоместот за списанија чини значаен дел од трошоците на универзитетите кои се префрлаат на студентите.

Мардок им плаќа на своите уредници и новинари, а неговите компании ги создаваат повеќето содржини кои ги објавуваат. Академските издавачи бесплатно ги добиваат своите статии, рецензии (проверени од страна на други истражувачи), па дури и поголемиот дел од уредничката работа. Материјалот кој го добиле не го нарачале и финансирале самите тие туку ние, низ истражувачките субвенции и академски стипендии. Но, за да го видиме, ние мораме повторно да платиме, и тоа дебело.

Приходите се астрономски: изминатава фискална година, маржата на Елсевир изнесувала 36% (724 милиони фунти од 2 милијарди приход). Исходот од тоа е контрола на пазарот: Елсевир, Спрингер и Вили ги купија повеќето конкуренти и сега издаваат 42% од сите статии објавени во списанијата.

Рентиерски капитализам

Што е уште побитно, универзитетите се присилени да ги купуваат нивните производи. Академските трудови се издаваат само на едно место, а истражувачите кои сакаат да бидат во тек со својот предмет мораат да ги читаат. Побарувачката не се менува, а конкуренција нема бидејќи различни списанија не можат да објавуваат ист материјал. Во многу случаи издавачите ги обврзуваат библиотеките на купување големи пакети списанија независно од нивните желби. Веројатно не изненадува дека еден од најголемите крадци кој ги ограбуваше луѓето од оваа земја – Роберт Максвел – заработи најголем дел од своите пари низ академско издаваштво.

Издавачите тврдат дека мораат да го наплаќаат тој надомест поради трошоците за производство и дистрибуција и да додадат вредност бидејќи (според Спрингер) „развиваат брендови и ја одржуваат и усовршуваат дигиталната инфраструктура која ја револуционизираше научната комуникација во текот на изминативе петнаесетина години“. Анализата на Deutsche bank дојде до други заклучоци: „Ние веруваме дека издавачот додава релативно мала вредност во издавачкиот процес... кога тој процес навистина би бил толку сложен, скап и би ја додавал вредноста која ја тврдат издавачите, 40-процентната маржа би била невозможна“. Наместо помагање при ширењето на знаењето, големите издавачи го спречуваат бидејќи нивниот долгорочен производствен циклус може да го одложи издавањето на откритието за една година, па и повеќе.

Се работи за чист рентиерски капитализам: монополизацијата на јавните ресурси, а потоа наплаќање претеран надоместок за користење. Друг израз за ова е економски паразитивизам. За да го добиеме знаењето за кое веќе сме платиле, мораме да им платиме данок на господарите на учењето.

За кадемските истражувачи ситуацијата е лоша, за лаиците уште полоша. Ги упатувам читателите на рецензираните трудови, на принципот дека тврдењата треба да се следат до изворот. Читателите ми велат дека не можат самостојно да просудат дали чесно сум ги презентирал резултатите од истражувањето. Независните истражувачи кои сакаат да се информираат околу важни научни прашања мораат да го одврзат кесето. Тоа е данок на образованието, задушување на јавниот ум, а се чини дека е во спротивност со Општата декларација за човековите права која вели дека „секој има право на учествува во научниот напредок“.

Борба против ветерници

Издаваштвото од отворен пристап (open acces), наспроти ветувањата и некои одлични извори како Јавната научна библиотека (Public Library of Science), не успеа да ги истисне монополистите. Весникот Економист во 1998 г., испитувајќи ги можностите на електронското издаваштво, предвиде дека „деновите на 40-процентната маржа ќе набрзо умрат како што умре и Роберт Максвел“. Но во 2010 г. маржата на Елсевир е иста (36%) како и во 1998.

Владините тела, освен неколку исклучоци, не се спротивставија. Краткорочно гледано, владите би требале да ги препуштат академските издавачи на своите органи за контрола над конкурентноста и да настојуваат сите трудови кои настануваат од јавно финансираните истражувања да бидат ставени во бесплатна јавна база на податоци. Долгорочно гледано, треба да работат со истражувачите за да се исклучат посредниците и да создадат единствена светска архива на академска литература и податоци. Рецензирањето би го надгледувало независно тело кое би можело да се финансира од библиотечните буџети кои моментално се пренасочени во рацете на приватниците.

Монополот на знаењето е неоправдан и анахрон исто како што беа и законите за пченка (Законите за пченка во В. Британија беа на сила 1815-1846 г. со цел да се ограничи увозот на оваа култура. Законите овозможија генерирање профит и политичка моќ на земјопоседниците). Да ги отфрлиме овие паразитски врхушки и да ги ослободиме истражувањата кои ни припаѓаат нам.

Извор: The Guardian

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Активизам

ОкоБоли главаВицФото