Прилеп, лето 1940

07.10.2011 14:06
Прилеп, лето 1940

Во тој период, на почетокот на 1940 година, Партијата во Прилеп се впушти и во поотворени акции. За една од најударните се сметаше пишувањето пароли со црвена боја - против скапотијата, против војната и сл. При една таква акција настана провала. Меѓу останатите беше провален и секретарот на Месниот комитет Мице Димевски, дрводелски работник, кој дојде на местото на Тиквар кога овој замина во Покраинскиот комитет. Мице успеа да побегне некаде во Србија, каде што порано имаше работено како дрводелски работник. Организацијата беше обезглавена за момент. И тогаш во согласност со ПК на нејзино чело дојде Кузман Јосифовски. Под негово раководство Организацијата направи големи чекори во своето зацврснување, омасовување и активирање низ акции (работнички штрајкови, сѐ до демонстрации на 2 август - Илинден).

Во раното лето на 1940 година матурирав. Повторно влегов во партиската ќелија а по месец и пол и во МК, сега веќе како секретар на МК на СКОЈ. На седницата на новоформираниот МК на СКОЈ се бираше секретар со тајно гласање. Имаше двајца кандидати - јас и мојот школски другар Благоја Корубин. Добив повеќе гласови и станав секретар. Тогаш некако автоматски секретарите на скоевските раководства стануваа и членови на партиските форуми. Овде останав до есента додека не заминав на студии во Скопје.

Партиската организација во Прилеп во 1940 година разви голема револуционерна дејност. Најсилно беше штрајкачкото движење (кондураџиските, дрводелските и други работници, работниците во Тутунскиот монопол, па и самите тутунари). Во едно сепак релативно мало гратче сето тоа силно се почувствува. Сите, и граѓаните и власта, почувствуваа дека дејствува некоја тајна (илегална) организација. КП почна да се здобива со сѐ поголем авторитет. Активноста на Партијата кулминираше со големата Илинденска демонстрација во која учествуваа илјадници луѓе. Два-три дена пред Илинден во Прилеп пристигнаа Сретен Жујовиќ, инструктор на ЦК КПЈ и Перо Тиквар, тогаш веќе организационен секретар на Покраинскиот комитет. Тие на седница на МК поставија задача на Илинден да се организира демонстрација. Идејата на Жујовиќ беше на повеќе места во Македонија токму на тој датум народот да се потсети на своето револуционерно минато и да тргне по патот на обновување на борбените традиции.

На Илинден, рано утрото поголема група (нешто преку стотина) комунисти и симпатизери излеговме на излет во Плетварско: попладнето (негде прикверечина) слегуваме в град и од кај бившата учителска школа (сега прилепската болница) настапивме со борбени песни и пароли. Спонтано околу нас почна да се собира младина и народ. Прв говорник на Корзото беше Борка Талески. Тој одржа, огнен говор со кој ја распали масата. Потоа се јави Тарцан (Трајко Бошковски). И на крајот, пред џандармеријата да нѐ растури, на говорницата се качи секретарот на МК Кузман Јосифовски. Целиот настан беше големо изненадување за сите во градот. Настанаа апсења: затворот се наполни. Партијата организира собирање на народна помош и храна за затворениците. Акцијата наиде на масовна поткрепа. Во чаршијата помошта се собираше скоро легално. Властите издвоија четворица меѓу затворениците (Борка Талески, Трајко Бошковски-Тарцан, Методија Андонов-Ченто и Коце Ќурчија) и ги испратија во Белград на Ада Циганлија за да им суди судот за заштита на државата. Поради недостиг на докази судот ги ослободи (неколкумина од нив беа после испратени во новоформираниот концлогор во Иваница). Овие акции придонесоа Партијата да почне да се омасовува и околу неа да се собираат и симпатизери.

Ова мала сторија ја искажав за да се приближам до одговорот на Вашето прашање.

Мислам дека неколку детали беа пресудни за мојата определба да се најдам на левицата во Македонија.
Прво, семејството, кое беше патријархално, но видно патриотски ориентирано. Потоа, гимназискиот амбиент кој влијаше на моето интелектуално и духовно профилирање. Читав, многу читав. Мислам дека само тоа можеше да ја исполни мојата бескрајна љубопитност. Читав сѐ што ќе ми дојдеше под рака. Не ми беше доволно тоа што го изучувавме како млади комунисти - класиците на марксизмот кои несомнено влијаеја на мојот поглед врз светот. И, овде би го сместил скоевскиот и партиски ангажман, односно окружувањето со личности кои во тие историски времиња и интелектуално и морално беа на страната на прогресот. А, тоа не беше лесно во едно мало место какво што беше Прилеп. Беше потребна памет, човечка смелост и многу дарба да се кренат луѓето на отпор против една реалност која ги држеше во социјална беда, во национална обесправеност, во интелектуална сиромаштија.

Крсте Црвенковски (Прилеп, 16 јули 1921 - Скопје, 21 јули 2001) е еден од водечките македонски политичари, познат и како дисидент во македонското комунистичко движење предводено од Лазо Колишевски. Учесник е во НОБ и носител на орденот народен херој и на Партизанска споменица 1941.

Од книгата на Мирче Томовски и Крсте Црвенковски, Заробена вистина; „Култура“, Скопје, 2003

Сликата е од стрипот „Мирко и Славко“ на Desimir Žižović Buin

Други текстови од Црвенковски на Окно:

Капитулацијата на Југославија, 1941

11 Октомври 1941

Слични содржини

Општество

ОкоБоли главаВицФото