Капитулацијата на Југославија, 1941

09.10.2011 14:32
Капитулацијата на Југославија, 1941

Тогашната влада на Цветковиќ-Мачек капитулира пред Хитлера и на 26 март потпиша протокол за пристапување на Југославија кон тројниот пакт. Српскиот народ, особено оној борбениот, одлучно се спротивстави на тој акт. Се дигна на бунт и на 27 март се случија големи демонстрации во Белград: нив ги водеа патриотски расположените граѓани, а потоа се вклучија и комунистите и добро ги искористија. Демонстрации имаше и по други српски градови, а некои се одржаа и во Скопје и сл. Српската власт во Прилеп уште со првиот ден на војната почна да се сели, да бега за Србија. Многумина заради злоделата што ги беа направиле се плашеа од одмазда. Партијата зазеде став - Србите да не се малтретираат и да им се помогне.

Јас веднаш ја напуштив илегалата и се вклучив во партиската работа. Во Прилеп власта бегајќи остави многу магацини (и од војската) полни со стока. Народот навали да ги ограби магацините. МК на Прилеп даде директива комунистите да се распоредат кај магацините и да се направи некаков ред во делење разна стока на луѓето. На комунистите им беше забрането да земат што било за себе.

Прилепската партиска организација, не чекајќи никакви директиви одозгора, стапи во акција. Веќе на 1 април вечерта се состана Месниот комитет и донесе значајни одлуки. Нивна поента беше - комунистите и народот да му дадат отпор на окупаторот. На состанокот е заземен став за бојкот на новата окупаторска бугарска власт - ниту еден комунист не смее да и служи, а исто така од тоа да се одвраќаат сите чесни граѓани. Се заклучи во прво време да се настапува повнимателно т.е. да се говори „ни аир од Србите, ниту бериќет од Бугарите". Формирањето комисија за собирање оружје и војничка опрема значеше ориентација кон борба, кон вооружена борба. По овој состанок, веќе на 9 април во куќата на Борка Симонот се одржа советување со секретарите на ќелиите и други поистакнати комунисти во градот, советување на кое се пренесоа заклучоците од МК.

Јас бев присутен на советувањето од 9 април. Тие денови започнавме ние, прилепските комунисти, да ја бележиме својата историја на Револуцијата, на востанието на Македонија. Таквиот став на Месниот комитет не беше никако случаен: Организацијата во последните две години пред војната систематски беше подготвувана за настаните кои доаѓаа. Утредента по ова советување мене ме кооптираа во МК на Партијата. Тоа членување во Комитетот не беше за долго. Со идењето на Тиквар во Прилеп дојде и предупредување дека во Месниот комитет имало многу интелектуалци. Всушност, бевме само ние двајца - Борка Талески и јас. И во овој случај дојде до израз постојаното секташтво на КПЈ во однос на интелектуалците. Тоа беше причина за моето излегување од МК.

Ја продолжив активноста како секретар на интелектуалната ќелија. Во неа главно членуваа студенти, еден учител и други. Преку неа одеа врските и со најголемиот број интелектуалци кои не беа во Партијата (беа наши симпатизери). На партиската организација во Прилеп

ѝ беше слаба точка селото. Таму нашето влијание беше скоро никакво. Тоа беше, впрочем, главна карактеристика на Партијата во цела Македонија, со исклучок на Битолско и Преспа. Поради тоа МК оформи комисија за работа на село. И ние пливнавме по селата, преку разноразни врски да создадеме барем некоја потпора. Се сеќавам дека на 22 јуни сабајлето 1941 бев во селото Ропотово (во ова село ние имавме организација уште од пред војната). Кога се вратив попладнето разбрав дека Германија го нападнала СССР. За нас тоа не беше баш големо изненадување. Сведоци бевме на големо движење на германски војски од Грција кон север. Бевме свесни дека сега нашата положба коренито се менува, па и самиот начин на борба.

МК на Прилеп истата вечер се состана и донесе заклучоци меѓу кои најважен е тој за отпочнување со решителна вооружена борба против окупаторот. Нема повеќе „чување на кадрите"; се работи за живот или смрт; МК формира и воен штаб на чело со Вера Ацева како началник. Утредента во куќата на Благоја Ристиќ-Бале се одржа партиско советување на кое МК ни ги пренесе заклучоците (на сите секретари на ќелии што бевме присутни и на некои други поистакнати комунисти). Сите потоа веднаш тргнавме во директна работа поврзана со вооружената борба.

Околу амбиентот кој беше карактеристечен за ова време би сакал да изнесам и еден настан кој говори за тоа дека кај нас, македонските комунисти, веќе превладуваше една таква состојба на духот и на свеста која беше врзана за македонската национална кауза. Така, пред да дојдат бугарските окупаторски војски, во Прилеп со автомобил стигна Данаил Крапчев, министер за надворешни работи во придружба на уште некои политичари и државници на Бугарија. Тој беше обиколил неколку места во Македонија за да ја испита положбата. Данаил беше роден брат на мојата баба по мајка ми, Ирина. И се разбира, Данаил дојде во домот на баба ми. Ние дојдовме да го видиме и да го поздравиме „знаменитиот" вујко. За време на ручекот во еден момент тој се сврте кон мене и ме запраша: „А, бе Крстју, се прикажува дека си бил прогонуван за б'лгарштината"? „Не, вујко, му одоворив, погрешно ти кажале". Данаил се стаписа. Не оти тој не знаеше во каква работа сум јас вплеткан, туку сакаше да ми пружи шанса да се предомислам. По окупацијата од страна на Бугарите сите студенти отидовме во Софија за запишување на универзитетот. Јас бев на гости во неговиот дом. Тоа не беше случајно. Тој сакаше јас постојано да бидам под негова контрола, бидејќи ние секојдневно демонстриравме по софиските улици. Во Софија останав кусо време. Кога потоа во Софија беше мајка ми кај него тој и рекол: „Благородна, твојот син е непоправлив комунист".

Крсте Црвенковски (Прилеп, 16 јули 1921 - Скопје, 21 јули 2001) е еден од водечките македонски политичари, познат и како дисидент во македонското комунистичко движење предводено од Лазо Колишевски. Учесник е во НОБ и носител на орденот народен херој и на Партизанска споменица 1941.

Од книгата на Мирче Томовски и Крсте Црвенковски, Заробена вистина; „Култура“, Скопје, 2003

Фотографијата е од филмот „Десант на Дрвар“ (1963, Фадил Хаџиќ)

Други текстови од Црвенковски на Окно:

11 Октомври 1941

Прилеп, лето 1940

ОкоБоли главаВицФото