Како Стив Џобс го промени капитализмот

10.10.2011 13:22
Како Стив Џобс го промени капитализмот

Деновиве на Џобс му се припишуваат заслуги за менување на нашиот начин на живот, нашето доживување на технологијата, начинот на кој комуницираме, начинот на кој слушаме музика и уште многу друго. Но јас сметам дека најголемата промена кој тој ја донесе е начинот на кој и противниците и поддржувачите размислуваат за капитализмот.

Да ја земеме старата изрека дека муштеријата секогаш е во право. На некој начин, тоа подеднакво важи и за компанијата Apple, и за секој друг произведувач. Компанијата ќе успее или ќе пропадне во зависност од тоа дали луѓето ќе ги купуваат нејзините производи. Но, од друга страна, успехот на Џобс е цврсто заснован на идејата дека на потрошувачите не смеете да им го дадете она што го сакаат, бидејќи тие, всушност, не знаат што сакаат.

Никој не знаеше дека го сака првиот Мекинтош, iPod, iPhone или iPad пред да постојат. Џобс постојано создаваше нови работи кои потоа луѓето посакаа да ги имаат повеќе од сè останато, токму поради тоа што не се обидуваше да им продаде нешто што веќе го посакуваа. Ова ја доведува во прашање идејата дека потрошувачката култура неизбежно значи потчинување на конвенционалниот, најмалиот заеднички именител. Пазарите не се нужно конзервативни, а вистински големите иновации можат да станат популарни.

Исто така, Џобс претставува досега најјасниот доказ дека исклучителноста не доаѓа без цена. И оптимистичкото open-source движење, кое смета дека со соработка сите добра можат да станат бесплатни, како и компаниите кои водат жестока борба, уверени се дека клучот на успехот е да се биде најевтин. Џобс покажа дека можете и морате да наплатите висока цена за производ со висок квалитет. Далеку од тоа дека ја осуди својата компанија на пропаст, всушност, водејќи се од овој принцип, за краток период Apple стана најголема компанија во светот. Останатите допрва треба да ја научат оваа лекција. Во новинарскиот и телевизиски бизнис, на пример, сите учиме дека не можете да го одржите квалитетот ако ги делите нештата бесплатно.

Меѓутоа, не се само трошоците во прашање. Џобс беше непопуларен поради начинот на кој цврсто ги контролираше авторските права на компанијата Apple, поради одбивањето да додели лиценца на трета страна и ги врза своите направи за сопствен софтвер. Ова се сметаше за недемократско, дури и за демагогија. Но дури и да не бил во право, неговиот успех покажува дека има нешто во идејата дека вистинската исклучителност бара цврста контрола. Тоа е принципот според кој се водат најдобрите ресторани, најдобрите производствени линии, па дури и многу од најдобрите филмови, претстави или танчерски продукции. Џобс мораше да ја убие идејата дека сè работи подобро ако е отворено, колаборативно и без предрасуди.

Исто така, Џобс ги направи мултинационалните брендови достојни за почит. Многумина кои ја критикуваат културата на „дизајнерски етикети“ и мислат дека сите мултинационални компании се зло, ги сакаат своите Мекинтош компјутерчиња и останатите уреди до таа мера што почнуваат да ве замараат со приказните за нив. Тие можат да тврдат дека овде не станува збор за лојалност кон брендот, туку само за ентузијазам кога се работи за одлични уреди. Но од ова јасно е дека вистински добрите брендови нудат производи кои имаат суштина. Брендовите кои треба да ги презираме се оние кои би можеле да се залепат за секој производ, а никој да не ги забележи. Брендовите на кои им се восхитуваме се оние чии имиња сме ги запомниле бидејќи ни гарантираат дека можеме да им веруваме на нивните производи.

Но можеби најдобар доказ дека Џобс нè натерал да размислуваме поинаку за капитализмот е тоа што воопшто разговараме дека нешто променил. Колку, според некои, „историјата преку големите луѓе“ е старомодна како и нејзиниот сексистички назив, толку и луѓето во деловниот свет им се подредени на безличните „пазарни закони“. Според ваквото сфаќање, динамичната ефикасност на слободниот пазар значи дека ќе се постигне максимален потенцијал за поголема ефикасност и добивка, не заради дизајнот, туку поради невидливата рака на пазарот кој работи онака како што е најдобро за него. Ако Џобс не ни го дадеше iPad, тоа ќе го стореше некој друг. Можеби не ист, и можеби не во истиот миг, но сигурно некој многу сличен производ, порано или подоцна.

Можете да помислите дека компаниите, ако навистина веруваат во ова, немаат причина толку да ги плаќаат своите работници за нивниот труд, бидејќи никој не е незаменлив. А всушност, тоа е уште поголема причина за да ги платат: со оглед на тоа дека некој неизбежно ќе ги пополни празнините на пазарот, сакате да бидете сигурни дека токму вашата компанија ќе ги пополни.

Грешката кај ваквиот начин на размислување е во тоа што тој подразбира дека на пазарот ќе се појават сите производи и компании кои можете да си ги замислите, и дека потоа преку некоја природна селекција најдобрите и најдобитните ќе опстанат и ќе успеат. Но овде не важи аналогијата со еволуцијата. На природата ѝ се потребни еони за случајна мутација која ќе ја произведе и тестира секоја можност. За среќа, човечката иновација може да делува побрзо, бидејќи воопшто не е случајна. И поради тоа што пазарот не ги генерира автоматски сите добри идеи, поединци можат да ги менуваат правилата на игра. Некои идеи се толку откачени што на никој не му текнуваат, некои кои се на прв поглед откачени ги игнорираат сите и само генијалците можат да видат дека тие се вредни.

Да, веројатно и без Стив Џобс ќе ги имавме МР3 плеерите, паметните телефони, лаптопите кои имаат „кул“ изглед и малите таблет компјутери. Ама не можеме со сигурност да тврдиме колку добри би биле тие и колку доминантни би станале. На пример, имавме евтини преносни е-читачи за книги и таблет уреди и пред да се појави iPad. Она што го направија Џобс и неговиот тим е тоа што измислија нов вид направа која навистина заживеа. И кога се случи тоа, тој постави нови правила на игра.

Можеме да кажеме дека Џобс е главниот адут во случајот против идејата дека пазарот е максимално ефикасен и дека може да се остави сам да се грижи за себе. Тој е шлаканица во лицето на фундаментализмот на слободниот пазар, но тешко дека тоа е некаква утеха за антикапиталистите. Џобс не покажува дека капитализмот е лош систем, туку само дека не е совршено саморегулиран.

Поради сево ова, капитализмот изгледа поинаку после она што го постигна компанијата на Џобс. Неговата компанија ги доведува во прашање и ортодоксиите на мрзеливиот пазар и идеалистичката антикапиталистичка критика. Вистина е дека сиве овие проблеми најдоа глас и израз некаде другаде во нашата култура, но со Џобс добија појасен и погласен израз, поткрепен со неоспорните докази кои ги претставуваат неговиот живот и неговата компанија. Светот можеби би бил поинаков без Џобс: не толку напреден, не толку убав, повеќе во склад со најмалиот заеднички именител. Кога сега би се нашле во тој свет, ние, секако, би го препознале. Но можеби не би ни се допаднал толку.

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото