Статут на пролетерските народно-ослободителни ударни бригади

10.10.2011 13:10
Богдан Богдановиќ, Могила на непобедените

1. Пролетерските народно-ослободителни ударни бригади се воени ударни формации на народите на Југославија под раководство на Комунистичката партија, чии борци се исковани во редовите на нашите херојски партизански одреди во процесот на борба против окупаторот и неговите слуги.

2. Во редовите на пролетерските народно-ослободителни ударни бригади се регрутираат борци, поединечно и колективно, доброволно, со што на тој начин ги преземаат сите обврски на пролетерските бригади.

3. Пролетерските бригади се гаранција за успешна борба против окупаторот и неговите домашни слуги, за успешна борба против националното поробување и економското угнетување. Оттаму службата во овие бригади е најголема чест за секој поединечен борец.

4. Укажувајќи на правилниот пат за борба и со своето сопствено жртвување, пролетерските бригади околу себе ги собираат сите слободољубиви и напредни слоеви на народот и на тој начин го сочинуваат јадрото на идната народна армија.

5. Бригадите се подвижни единици кои секогаш мораат да бидат подготвени да дејствуваат таму каде што е потребно. Освен тоа, сите единици во бригадата секогаш мораат да бидат оспособени за целосно самостојни акции.

6. Дисциплината во бригадите е железна. Оваа дисциплина не е слична на дисциплината во капиталистичките армии. Тоа е самодисциплина заснована врз свеста и политичкото убедување на секој поединечен борец. Таа се заснова врз длабокото уверување на целиот колектив како целина дека таквата дисциплина е неопходно нужна заради успешна борба против сите непријатели. Темелот на таквата дисциплина е безграничната љубов за правда на работниот народ од градот и селото – љубов за конечна победа над сите непријатели на народот.

Ова бара строго и безусловно извршување на сите наредби на воените старешини и политички раководители. За кршењето на дисциплината, за свесното саботирање на наредбите, најстрого ќе се казнува.

Меѓу борците, како и меѓу командниот систем и борците, треба да владеат вистински другарски односи, а во стројот и во службата треба да владее вистински војнички дух.

7. Со бригадите и со нивните единици раководат штабови. Тие се чувари на дисциплината; тие ги подготвуваат и раководат со операциите, се грижат за исхраната и за снабдување со сите материјални и борбени потреби.

8. Во штабовите на бригадите се формираат постојани воени судови од 3 лица, и тоа: заменик на политичкиот комесар, заменик на командантот и еден член на Партијата од редовите на борците.

Ако баталјоните дејствуваат одвоено од бригадата и самостојно, тогаш и кај нив се формираат воени судови од 5 лица. Овие воени судови не се постојани, туку повремени.

9. Секоја пролетерска народно-ослободителна ударна бригада мора да има свое знаме. Знамето е црвено, со срп и чекан во горниот десен агол, со петокрака во средината и со извезен наслов.

Освен бригадите, знамиња имаат и баталјоните, само малку помали, со истите амблеми и со своето име со реден римски број на баталјонот во бригадата.

10. Секоја пролетерска бригада се состои од:

- Штаб;
- Најмалку четири ударни баталјони;
- Придружни чети;
- Артилериски единици;
- Мотомеханизирани делови;
- Комори;
- Санитет;

а) Штабот се состои од:

- Команден дел, кој го сочинуваат: командант и политички комесар, заменик на командантот и заменик на политичкиот комесар.

Командниот дел заеднички ги донесува сите одлуки. Во текот на борбата командантот и политичкиот комесар мораат да бидат заедно.

Командантот и командирите се главната единица. Во заедница со политичките комесари, тие изработуваат оперативни планови и се грижат за подигнување на политичкото, војничкото и идеолошкото ниво во единиците.

- Коњички вод, со сила од околу 30 коњаници. Со водот раководи водник.

- Вод за врска, кој го сочинуваат повеќе специјални десеттини: курирска (скијачка), телефонска, радио. Со водот раководи водник.

- Пионерски вод, кој го сочинуваат повеќе специјализирани десеттини: пионерска, минерска. Со водот раководи водник.

- Културна екипа, која врши политичко-пропагандна работа на идеолошка изградба на борците. Со неа раководи водачот. Тој според упатствата на политичкиот комесар ги подготвува сите културни приредби, забави, села, манифестации, разработува разни прогласи, темати, се грижи за умножување и изработка политички материјал.

б) Ударните баталјони се со јачина од 300 партизани, формирани во три до четири ударни чети, со по три вода од по две до три десеттини. Треба да се настојува секоја десеттина во четата да има најмалку по едно автоматско оружје. Секој баталјон има воена комора, секоја чета има по две грла за носење лесно автоматско оружје, муниција, кујна и останатите борбени потреби.

Со баталјонот раководи штаб кој се состои од командант, политички комесар, заменик на командантот и заменик на политичкиот комесар.

Со четата раководи командантот кој се состои од командир, политички комесар и заменик на командирот. Политичкиот комесар на четата во секој вод има по еден делегат за политичка работа.

Со водот раководи водник.

Должноста на раководните органи во баталјонот се исти како и оние во штабот на бригадата, само во рамки на баталјонот, четата, водот.

в) Придружната чета се состои од:

- Од онолку митралески водови, со по најмалку две орудија, колку што има баталјони во бригадата. Со добивањето на оружје се настојува секој баталјон да има своја митралеска чета од четири до осум орудија.

- Од водачи на лесни фрлачи на мини, кои при развојот за борба начелно се доделуваат на баталјоните, односно на четите. Со зголемувањето на наоружувањето на придружните чети овие орудија ќе влезат во состав на четата.

- Водачи на тешки фрлачи на мини, со чија употреба раководи штабот на бригадата. Со добивање на повеќе орудија сите фрлачи ќе влезат во состав на баталјонот.

г) Артилериските единици можат да се состојат од поединечни орудија и батерии (4 орудија), па сè до еден дивизион (3 батерии – 12 орудија).

д) Мотомеханизираните единици се формираат според можностите и потребите.

ѓ) Комората се состои од онолку одделенија колку што има баталјони, повеќе од едно за единиците на штабот на бригадата. Комората може да биде колска, коњска или механизирана.

Баталјоните ги следат нивните коморски делови при доделувањето на самостојни задачи.

При заедничкото дејство на бригадите комората може да биде обединета.

11) Борците на народно-ослободителните ударни бригади на капите имаат ознака – ѕвезда петокрака со срп и чекан.

Старешините имаат ознаки како и во партизанските одреди.

Ословувањето се врши како и во партизанските одреди (другар, другар десетар, другар водник, другар командир, другар командант, другар комесар).

Забелешка:

Според овој статут треба да формираат и да се организираат и народно-ослободителните партизански одреди на Југославија.

Врховен штаб на
Народно-ослободителната партизанска
и доброволна војска на Југославија

 

„Статутот на пролетерските народно-ослободителни ударни бригади“ е објавен во Bilten Vrhovnog štab narodno-oslobodilačke vojske Jugoslavije, број 14-15, февруари-март 1942 година.

ОкоБоли главаВицФото