Скопје 2014 – изгубени во кафкијанскиот простор

12.10.2011 11:27
Скопје 2014 – изгубени во кафкијанскиот простор

Неверојатно! Каква екстремна конфузија и неред. Пробајте да ја прераскажете визуелизацијата на проектот Скопје 2014 и сите објекти кои се вклучени. Обидете се само да ги наброите предвидените скулптури и објекти и многу бргу ќе се соочите со невозможноста тоа да го сторите. Кој нормален мозок ќе разбере, а не па да ја запамети содржината на таа психотична визуелизација?!

Перцептивната психологија би објаснила дека има неколку категории на реакции на вакво нешто. Прво, имате група луѓе на кои толку екструдираната баналност им е надвор од видно поле бидејќи се длабоко во неа; тоа е група која ќе вирее и со и без овие објекти. Второ, имате група луѓе кои се упорни и се обидуваат да разберат (а не можат да ја сфатат големата слика) и тогаш когнитивната грешка или едностраната презентација ќе им склопи шема на девијации која, повторувајќи се, ќе им ја попречи можноста за рационално расудување, а срамот, пак, од неуспех ќе ги натера да лажат самодоверба и поддршка на она што го преферира масата. Трето, има луѓе кои ќе се смеат од среќа дека конечно и ние имаме сè, буквално – сè! Четврти се оние кои ќе се смеат од лудило и невера на сопствените очи, скришно барајќи ја скриената камера на плоштад и тајно надевајќи се дека секој момент креаторите ќе ни кажат априлилили. Последни се апатичните карактери кои овој пат оправдано ќе плачат. Каква конфузија од реакции и сите на едно место, во нашето Скопје! Сега е вистински момент на оваа конфузија на ликови во описот да се додадат локацијата и ситуацијата. Имено:

Кафкаизам е епоним кој се употребува во опишување на карактеристичен тип ситуации, концепти и идеи кои наликуваат на романите на Франц Кафка, поточно на романите Процес и Замок и на новелата Преобразба. Главна карактеристика на овие романи е чувството на магла, дезориентираност и на нерешлив лавиринт. Тоа се силни чувства, сеприсутни во нашето секојдневие; единствено што недостасува за нашето секојдневие да биде плукнат роман на Кафка е уметноста на изразот на големиот писател, се разбира и неговата креативност.

Изразот кафкаизам често се употребува и во опишувањето на општествени системи и силни бирократи кои се стремат кон намерно искривување на реалноста во своја полза, сè со цел да го засноваат владеењето врз безкрупулозноста во уништувањето на рационалното кај луѓето. Ова архитектонско силување на нашиот главен град во најмала рака би било совршена сценографија за еден роман или луда инспирација за генијалниот писател. Можеби тоа е целта на надлежните – воскреснување на светот на Кафка – тоа дури би била валидна мотивација, меѓутоа се сомневам дека мотивацијата зад овој урбан садизам е уметноста или што било поврзано со неа.

За почеток е сулудо да се објаснува нешто што би требало да е јасно како бел ден дека не е во ред. Има толку многу причини против изведба на Скопје 2014 што не знам која да ја одберам прва. Исто така е јасно и дека мора стручната јавност, иако се наоѓа во недостојна положба и иако нејзиното мислење е сосема игнорирано, да продолжи да се обидува да се спротиставува на силеџиството и бруталната природа на овој проект. Од каде да почнам?

Би можела да почнам, бидејќи сум архитект, од анализа на она што се гради. Архитектурата е физичката слика, визуелната форма или гешталтот на едно општество. Во историјата на светот приказните за минатите општества се оформувани врз архитектонски и археолошки докази за истите. Ако замислиме, строго хипотетички, дека еден ден во далечната иднина, некој би го открил Скопје и би се обидел на сметка на археолошките пронајдоци да создаде слика за нашето општество, кутриот пронаоѓач нема да знае каде и во кој период сме живееле. Апсурдно звучи, нели? Дали во 17 век во барокен период, дали во 21 век во античка Грција (да не споменувам дека градиме наш идентитет со строго грчки архитектонски елементи: јонски столбови итн.), во модерната на 20 век или во надреално сулудиот стил на цртаните јапонски филмови од 21 век?! Можеби после макотрпно анализирање идниот археолог ќе намириса блага сличност со движењето на францускиот академизам и нивниот ампир стил од 18 век кој имаше за цел да ја велича славата на царот и неговата војска преку монументализирање на објектите на единствениот начин што тогаш го знаеле – на прва најопшта (благ епитет) асоцијација – преку директно копирање на античката архитектура. Набргу оваа претпоставка идниот археолог ќе ја напушти зашто објектите кои се во стилот на античката архитектура всушност во исто време и не се. Тие содржат некои од елементите (столбови, можеби некое цокле или тимпанон), меѓутоа редот, пропорциите и каноните – не се „антички“. Хм... Кога нашиот имагинарен херој ќе стаса до плоштадот ќе доживее – еурека! Па да, овој град е правен по моделот на Лас Вегас! Сè ќе му биде јасно за еден краток миг. Сега ќе му биде јасно зошто има многу објекти од различни периоди и стилови наредени еден до друг и со кое лице тие гордо стојат исправени покрај реката. Во овој миг ќе помисли дека и Калето е дело на 21 век, најрано на 20 век. Меѓутоа, и оваа претпоставка ќе ја напушти кога ќе види дека Скопје не се наоѓа среде пустина, ниту Градскиот ѕид е голем хотел... Всушност, ќе види дека има многу станбени објекти, а многу малку објекти од забавен карактер. Тука некаде ќе ја разбере тежината на нејасното, на апсурдното и ќе се штипне за да се разбуди од овој лош, сè уште неиздаден (со причина) роман на Кафка.

Ова е само груба површна анализа на големата слика на новото Скопје и на она што овој град ќе го говори за нашата изгубеност, конфузност и невкус. Во време кога светот се ориентира кон глобализација и кон единство во различностите, ние забревтано и одлучно се движиме назад. Проектот Скопје 2014 тотално се разминува со денешнината, со какви било архитектонски и естетски стандарди.

Би можела работите да ги согледам и од друг агол, наместо од големата урбана слика на Скопје, од единките кои го сочинуваат градот, од анализата на објектите и на нивната естетика, содржина и значење. Ќе ја земам Триумфалната порта како претставник на проектот Скопје 2014 и ќе дадам своја кратка анализа. Триумфална порта е монументална, највлијателна и дистинктивна структура од Римската античка архитектура. Оригиналниот пример е Портата на Титус од 1 век во Рим, која е изградена во чест на императорот Титус и неговите победи. По моделот на оваа порта се изградени уште три познати порти во Лондон, Париз и Минхен, и сите се изградени на почетокот на 19 век за славата и огледувањето на егата на победите на Англичаните врз Французите и обратно. Портата во Берлин е од 18 век, била дел од фортификацијата на градот. Ајде сега да видиме што претставува нашата порта. Сигурно не сме дел од трендот на копирање на римската архитектура која како треска ја тресела Европа во 18 век; за оваа игранка доцниме три века. Не дека сме имале некој силен војсководец кој се враќа со малкуте преживеани од долги и пусти освојувања па треба да го пречекаме со голем спектакл. Во недостиг на реален повод за изградба на ваков објект, ќе си дозволам да шпекулирам и да кажам дека единствената можна причина е надоместок на рането (или нереализирано) его, произлезен од чувството на инфериорност на некои индивидуалци или, уште полошо, на една нација. Примери за демонстрирање на важност и единственост преку пренагласување на моќта (градење мегаломански објекти, по форма или содржина) има многу низ историјата, пораката кај сите е иста, во суштина жална. За естетиката на портата или кој било друг проект нема ни да почнам да дискутирам.

На крај ќе го спомнам и идентитетот на Скопје, ќе го спомнам како граѓанин, ќе ги спомнам топонимите, Корзото, Старата чаршија, ќе ги спомнам луѓето кои паметат како се живеело во Топана, Маџир Маало, кои го помнат соживотот и кај им била куќата пред земјотресот, ги помнат ановите и амамите, ќе ги спомнам оние скопјани кои сè уште одат во театар наместо во Рамстор, оние кои колективно прават ајвар во двор од зграда, ќе ги спомнам сите оние мали работи кои ни ги забранија, изрушија итн. Вистинскиот идентитет на Скопје, неговиот мирис и лик – никаде ги нема. Наместо тоа се гради една лажна фасада на некој град кој не постои, и кој никогаш не постоел таков каков што го претставуваат и сега се срами сам од себе и живее во конфликт. Проектот Скопје 2014 како да е направен од лица кои го презираат Скопје и сега латентно се обидуваат да го уништат, да создадат нешто свое, ново Скопје, нивно, приватно, боже-сачувај Скопје.

Што ќе се случи, останува да видиме. Јас се надевам дека нашата приказна нема да има класичен крај на Кафка или можеби ќе биде токму таква незавршена приказна, сама, оставена да плови во просторот на Скопје и свеста на граѓанинот.

Авторката е дипломиран инжинер-архитект

Илустрација: Сенхор Рикардо

Останатите илустрации се земени од видеото „Скопје 2014“

уа соросоиди!

уа соросоиди!

ima li potreba da se trosat

ima li potreba da se trosat zborovi na vakov komentar?Ete sepak potrosiv.

не ли е кафказки простор ?

не ли е кафказки простор ?

грешка, пардон хаха

грешка, пардон
хаха

"Вистинскиот идентитет на

"Вистинскиот идентитет на Скопје, неговиот мирис и лик – никаде ги нема" Tochno. Skoroevicjite nespretno obiduvajki se da vratat neshto od staro Skopje (retro avtobusi, staro nov teatar) kje go unishtat srceto na skopskiot prepoznatliv identitet-Zelenoto pazarche! Gluposta znae da bide drska i nadmena; sigurna vo sebe otvoreno ja proklamira svojata mokj preku ustata na nashite politichari

Голема придобивка од проектот

Голема придобивка од проектот Скопје 2014 е тоа што ќе се намали употребата на халуциногени дроги. На пример, во вакво опкружување, за да се искривам ми требаат само неколку пива, евентуално ракиичка - две.

vistina. iako e paradoksalno

vistina. iako e paradoksalno zimajkji go vo predvid faktot deka tvorcite na proektot (sudejkji po delata) mora da bile na nekoi drogi.

Воопшто не се согласувам со

Воопшто не се согласувам со ваквото демонизирање на дрогите, можеби се штетни за здравјето, но се корисни за креативноста. Творците за 2014 покажаа таков степен на неинвентивност и одсуство на чувство за уметност што е речиси сигурно дека никогаш не пробале никаква дрога.

mislam deka nekreativni i

mislam deka nekreativni i ogranicheni lichnosti nemoze nikakva droga da gi napravi pokreativni, odnosno go tvrdam tokmu sprotivnoto.

А за се е крива Европа! Не

А за се е крива Европа!
Не товари во воз без возен ред, не заклучи в купе и ни мушна слеп патник, ТВОР! А за вкусовите невреди да се дискутира.
П.С. како што објавува Викеликс, МРТВ во рамките на образовната програма, ќе емитува серија емисии за новокомпонираниот архитектонски стил РЕТАРД.  

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Јавни простори / Историја
Никола Гелевски
Јавни простори
Став / Теорија
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото