Жижек меѓу „окупаторите“ на Волстрит

13.10.2011 11:51
Жижек меѓу „окупаторите“ на Волстрит

Веќе четири недели движењето без лидер „Окупирајте го Волстрит“ Зукоти паркот во финансискиот дел на Менхетен го претвори во револуционерен камп во кој стотина демонстранти извикуваат пароли против тајкуните и банкарите.

Тие поставија шатори и полски кујни, а повремено се соблекуваат голи, свират гитари, удираат на тапани, водат политички расправи, им објаснуваат на дојденците дека протестот се однесува кон уривање на системот, се чита и се дели самиздатот „Журнал на окупираниот Волстрит“ (The Occupied Wall Street Journal), кој е испечатен во дури 50 000 примероци откако двајца слободни новинари собраа доброволни прилози за неговото печатење.

Пораките се главно социјално обоени и го одразуваат незадоволството на младите поради растечката невработеност. Протестите се проширија и во другите американски градови, како Лас Вегас, Чикаго, Лос Анџелес, Мајами и др. Зукоти паркот во Њујорк е полн со луѓе – некои известуваат дека има 5000, а некои и дури 15 000 лица на протестите. Движењето покажува висок степен на организираност – има сопствени сили за безбедност, иако не ги нарекуваат така, туку – де-ескалација (De-escalation). Организаторите ги повикуваат присутните да не ги прекршуваат правилата за забрана на употреба на дроги и алкохол и да го почитуваат туѓиот имот.

Протестот се прошири и на неколку универзитети. Њујоршката полиција уапси околу 700 лица на 2 октомври кога над 1500 активисти протестираа против алчноста на мултинационалните компании и против корупцијата.

Кога протестот започна на 17 септември, полицијата им забрани на демонстраторите да подигнат шатори во паркот според некој закон за скитници кој забранува престој на јавно место по истекот на одредено време во денот. После тоа масата луѓе почна да шета нагоре-надолу по Волстрит. Поддржувачите им доставуваа кутии со храна, облека и цигари. Мноштво приврзаници ги следат преку ајфоните и андроидите, а поддршка им изјави и светската хактивистичка организација Anonymous. Меѓу оние кои ги поддржаа активистите на „Окупирај го Волстрит“ се и режисерот Мајкл Мур, глумицата Сузан Сарандон, како и неколку хип-хоп изведувачи. Филозофот и адвокат Корнел Вест, автор на книгата „Расно прашање“, им даде поддршка и одржа предавање.

Протестот на почетокот се сметаше за маргинален, и финансиските моќници од терасите набљудуваа што се случува под нив, но движењето постепено се ширеше низ Америка и формираше подружници во Чикаго, Сан Франциско, Вашингтон, Албакерки, Бостон...

По десетина дена игнорирање и посериозните медиуми почнаа да известуваат за нивните активности. Интересно е дека списанието Forbs објави разговор со младиот Том Кејл, активист кој му се придружи на ова движење и кој се бори против сексуалната злоупотреба на затворениците. „Капитализмот отсекогаш бил грабеж во тек. Капиталистичката главна растечка индустрија отсекогаш била војната“, изјави тој.

Протестот не само што се прошири низ Америка, туку почна и да ги зафаќа другите земји во светот. Најавени беа протести во Канада, Британија, Германија и Шведска. Некои сметаат дека протестната акција во Њујорк е првиот сериозен одговор на американската левица и демократи на акциите на десните популисти собрани околу партијата „Чајанка“ (Tea party), популистичко движење кое го критикува Обама, бара намалување на даноците и се противи на реформите на здравствениот систем во САД.

Во неделата, на 9 октомври, на протестантите во Зукоти паркот им се придружи и Славој Жижек, словенечкиот филозоф, отворајќи го семинарот Radicalism 101. Меѓу другото, тој изјави: „Постои опасност. Немојте да се заљубите во себе. Убаво си поминуваме овде. Но запомнете: карневалите се евтини“.

На учесниците им предложи да ја прифатат партијата Чајанка, која е блиска до Републиканците. „Тие можеби се глупави, ама не се ваши непријатели“.

„Ви велат дека промената е невозможна. А што е можно денес? Само следете ги медиумите. И во технологијата, и во сексуалноста, сè е можно. Можете да патувате на месечината. Можете да станете бесмртни со помош на биогенетиката. Можете да имате сексуален однос со животните, или што и да е. Но погледнете во областите општество и економија: сè се смета за невозможно. Сакате малку да се зголемат даноците за богатите, а тие ви велат дека тоа е невозможно, ќе сме ја изгубеле конкурентноста. Сакате малку пари за здравствена заштита, а тие ви велат дека тоа е невозможно. Тоа значи тоталитарна држава. Нешто е погрешно во светот во кој ви се ветува бесмртен живот, но во кој не може да се потроши малку повеќе за здравствена заштита...“

Го критикуваше и Џорџ Сорос, милијардерот кој ја финансира левицата: „Првин ви ги зема милијардите, потоа ви враќа половина и тоа го прави најголем хуманитарец. Земете ги парите, ама не престанувајте да се борите против системот...“

Во продолжение, две видеа од говорот на Жижек во Зукоти паркот во Њујорк.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Извор: vreme.com


Славој Жижек: Крајот на капитализмот


Сите ние сме губитници, но вистински губитници се оние кои седат во канцелариите на Волстрит. Тие се спасени со милијардите кои се наши пари. Нè нарекуваат социјалисти, но тука секогаш постоел социјализам за богатите.

Велат дека не ја почитуваме приватната сопственост. Меѓутоа, во финансискиот крах во 2008 година се уништени многу повеќе тешко стекнати приватни имоти отколку што сите ние тука заедно би уништиле ако деноноќно кршиме.

Ви велат дека сте сонувачи. Вистинските сонувачи се оние кои мислат дека работите можат да продолжат на овој начин во недоглед. Ние не сме сонувачи. Ние се будиме од сонот кој се претвора во кошмар. Ние не уништуваме ништо. Ние само сме сведоци како системот се уништува самиот себеси. Сите ја знаете класичната сцена од цртаните филмови. Мачорот ќе дојде до амбисот, но продолжува да чекори, игнорирајќи го фактот дека нема ништо под него. Дури кога ќе погледне надолу и ќе забележи дека нема почва, тогаш паѓа. Тоа е она што ние сега го правиме. На луѓето од Волстрит им зборуваме: „Еј, погледнете надолу!“

Во средината на април, кинеската влада ги забрани филмовите и продажбата на романите во кои се обработува алтернативната стварност или патувањето низ времето. Ова е добар знак за Кина. Тоа значи дека нејзините жители и понатаму сонуваа за алтернативи, па дури државата мораше да ги забрани.

Нам тука не ни треба забрана, бидејќи владејачкиот систем целосно ги уништи капацитетите. Погледнете ги филмовите кои постојано ги гледаме. Лесно е да се замисли крајот на светот – некои астероиди го уништуваат целиот живот. Но, не можеме да го замислиме крајот на капитализмот.

Црвено мастило

Што тогаш правиме тука? Дозволете ми да ви раскажам прекрасен виц од комунистичките времиња.

Човек од Источна Германија е испратен во Сибир на работа. Знаел дека неговата преписка ќе ја читаат цензори, па им рекол на пријателите: „Дајте да смислиме некоја шифра. Ако писмото што ќе го добиете од мене е напишано со сино мастило, тогаш е вистинито, а ако е со црвено тогаш е лажно“.

По еден месец неговите пријатели добиваат писмо. Сè е напишано со сина боја. Во него пишува: „Тука сè е прекрасно. Продавниците се полни со храна. Кината прикажуваат добри филмови од Запад. Становите се големи и луксузни. Единствена работа која не може тука да се купи е црвеното мастило“.

Вака живееме ние. Ги имаме сите слободи што ги сакаме. Но, ни недостасува црвеното мастило, јазикот со кој би го артикулирале своето отсуство на слобода. Начинот на кој нè научија да зборуваме за слободата – војната против тероризмот итн. – ја фалсификува слободата. И тоа е она што сите вие го правите тука, ни давате црвено мастило.

Меѓутоа, постои опасност. Не се вљубувајте во себе. На сите сега им е убаво тука, но добро запомнете: карневалите се евтини. Она што е важно е денот потоа, кога сите ќе мораме да се вратиме на своите животи. Дали нешто ќе се смени? Не сакам сите да се присетувате на овие денови и да велите: „Ох, беше толку убаво и бевме толку млади“. Не заборавајте дека нашата главна порака е: „Дозволено ни е да размислуваме за алтернативите“.

Долг е патот пред нас. Мораме да се соочиме со вистински сериозните проблеми. Знаеме што не сакаме. Но, што сакаме? Која социјалистичка организација може да го замени капитализмот? Какви нови водачи сакаме?

Декофеинизација!

Запомнете дека проблемот не е ни во корупцијата ни во алчноста. Проблемот е во системот. Тој ве тера да бидете корумпирани. Штитете се не само од непријателите, туку и од лажните пријатели кои веќе на големо работат за да го „разредат“ овој процес и, како што добивате кафе без кофеин, пиво без алкохол, сладолед без масти, ќе се обидат од ова да направат безопасен, морален протест – таканаречен процес на „декофеинизација“.

Причината за нашето присуство тука е тоа што ни е доста од светот во кој ќе бидеме задоволни од себе ако рециклираме лименки „кока-кола“, дадеме неколку долари во хуманитарни цели или купиме „старбакс“ капучино, при што еден процент од неговата цена оди за гладните деца од Третиот свет.

Ние не сме комунисти, ако комунизмот значи оној систем кој се урна во 1990 година. Запомнете дека денес тие комунисти станаа најефикасните и најсурови капиталисти. Во Кина денес имаат капитализам кој е подинамичен од американскиот, а не му е потребна демократија. Немојте да дозволите да ве уценуваат дека сте против демократијата ако го критикувате капитализмот. Бракот меѓу демократијата и капитализмот е готов.

Промените се можни, но што ние денес сфаќаме дека е можно? Доволно е само да ги следите медиумите. На една страна, во технологијата и во сексот сè е можно. Можете да патувате во вселената, да станете бесмртен со помош на биогенетиката и да имате секс со кој било или со што било. Од друга страна, кога ќе погледнете во областа на општеството и на економијата, речиси сè се смета за невозможно.

Сакате да ги зголемите даноците за богатите, а тие ви велат дека тоа е невозможно, затоа што тие ќе изгубат од компетитивноста. Сакате повеќе пари за здравството, а тие ви велат: „Невозможно, тоа подразбира тоталитарна држава“. Дефинитивно нешто смрди во светот каде ви ветуваат дека ќе бидете бесмртни, а не може да се издвои уште малку за здравствена нега.

Можеби тука треба да ги одредиме приоритетите. Не сакаме поголем туку подобар стандард. Единственото нешто заради кое сме комунисти е затоа што се грижиме за основните проблеми – на природата, на интелигенцијата, на биогенетиката... За ова, и само за ова, вреди да се бориме.

Комунизмот навистина падна, но сите проблеми останаа.

Ни зборуваат дека ние тука не сме Американци, но конзервативните фундаменталисти кои тврдат дека се вистински Американци треба да ги потсетиме што е христијанството.

Тоа е Светиот дух. А што е Светиот дух? Тоа е еднакво општество на верници кои ги поврзува меѓусебна љубов и кои така се однесуваат сама на сопствена одговорност. Во оваа смисла, светиот дух сега е тука со нас. А таму долу на Волстрит се паганите кои богохулат и обожаваат идоли. Сè што ни треба е да бидеме трпеливи.

Ме загрижува ако сега само одиме дома и во иднина еднаш годишно се среќаваме, пиеме пиво и носталгично се присетуваме колку убаво ни беше тука.

Ветете си себеси дека ова нема да се случи. Знаеме дека луѓето копнеат по нешто што всушност тоа вистински не го сакаат. Немојте да се плашите вистински да го сакате она по кое копнеете.

Многу ви благодарам.

ГЕНИЈАЛНО! Ми се допаѓа тоа

ГЕНИЈАЛНО! Ми се допаѓа тоа што Жижек полека но сигурно се дистанцира од оние интелектуалци кои мрморат некој апстрактен јазик и се промовираат како радикали. Тешко е да не се заљубиш во Жижек :-)

ТЕшко е да се заљубиш во

ТЕшко е да се заљубиш во Жижек кој наплаќа илјаднии евра за предавања по Марксизам и оди во Њу Јорк за да биде во жижата и со самото тоа да си го зголеми хонорарот за предавањата.

ОкоБоли главаВицФото