Заробена вистина (4)

13.10.2011 12:52
Кога Тито фотографира

На сликата горе: Кога Тито фотографира

АСНОМ

Со оглед на крупното историско и политичко значење на АСНОМ, како го имате доживеано заседанието? Што беше пресудно за неговото одржување?

Мислам дека АСНОМ имаше еден преттекст - Преспанското советување на 2 август во Преспа, на кое главен реферат има Кузман Јосифовски Питу. Делови од тој реферат се сочувани. Таму е покренато прашањето за организирање иницијативен одбор за свикување на АСНОМ.

Сите кардинални подготовки околу АСНОМ се врзани со името на Питу. Јас лично мислам дека историјата ќе докаже и покаже дека Питу е сепак најзначајната фигура во нашата НОБ и македонска национална револуција.

Треба да се подвлечат некои работи без кои тешко може да се објасни АСНОМ. Во октомври 1943 во Црвена Вода (Дебарца) издаден е Манифест на Главниот штаб на Македонија, во кој по првпат се говори за една нова Југославија. Затоа што првите две години 1941/42 се одбегнуваше името на Југославија. Тогаш уште немаше некои контури како ќе изгледа таа нова заедница. Ние го прифативме ставот на КПЈ за вооружено востание против окупаторите, но тешко кај македонските маси, па и кај самите комунистички водачи, можеше првите години отворено да се говори за повторно враќање во една Југославија – уште не се знаеше што ќе биде на теренот на Југославија и постоеше големата омраза од она бившо македонско ропство под великосрпска доминација. Во Манифестот за првпат поотворено се говори за таа работа. Како што е познато, една група интелектуалци, меѓу кои и бившиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, напишаа приговор на Манифестот. Основната точка на приговорот е дека целосно македонското национално прашање не може да се разреши во границите на бивша Југославија, туку треба пошироко на Балканот. Втора точка од приговорот е дека Главниот штаб нема право да издава таков програмски манифест, тоа треба да го направи некое друго тело. Главниот штаб им одговара со посебно писмо дека перспектива, за некое решавање на прашањето е само во рамките на партизанското движење во Југославија со братските народи под команда на Тито.

Тогаш настанаа некои расправи во самиот ЦК за тоа како да се постапи спрема оваа група. Според кажувањето на Глигоров, Питу имал скоро исти забелешки, но тој како член на ЦК морал малку поинаку да се однесува. Питу пишува и писмо до ЦК за состанокот со оваа група во кое покрај другото нагласува дека тие се плен на скопската чаршија. Но она што е битно тоа е финишот. Сепак неговата тактичност доведе до тоа сите овие луѓе во април 1944 година да излезат во партизани. Сите тие се активни учесници на АСНОМ, а и во голема мера и автори на документи кои се донесени на ова заседание.

За одлуките на АСНОМ може да се каже дека се многу блиски на основната декларација на големата Француска револуција во однос на човековите права за што е донесена посебна декларација. Во неа се набележани сите оние права кои се повторени во уставот од 1991 на самостојна Република Македонија. Чувствувам потреба да цитирам некои од тие права. Првата точка е: „Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание". Втора точка: „На националните малцинства на Македонија се осигуруваат сите права на слободен национален живот". И тоа што според мене е израз на демократскиот развој во тој момент: „На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста на личноста и имотот. Загарантирано е правото на сопственост и часна иницијатива во стопанскиот живот". Значи, Македонија како федерална единица ја почитува и ја штити приватната сопственост, што неколку години по војната беше напуштена. Друга значајна работа за нашиот демократски развој е одлуката за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Но, уште пред тоа, во есента 1943 година, на слободната територија Копачка, во село Подвис е основано првото училиште на македонски јазик. Одлуката за јазикот е потпишана од Ченто како претседател и од Арсов како секретар. Точни датуми за некои настани не се познати, но од споредбените проучувања на документите произлегува дека иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ е формиран во првата половина на ноември 1943 година. Првиот состав го сочинуваа: Методија Андонов - Ченто (претседател), Страхил Гигов (секретар), Михајло Апостолски, Цветко Узуновски, БоркоТемелковски и Венко Марковски. А подоцна, на 30 април 1944 проширен е на 22 члена. Во текот на неговото ширење неколку пати во самото раководство се покренува прашање за обединување на Македонија, бидејќи е тоа една традиција односно дамнешен македонски стремеж.

Меѓутоа, тука има една голема пречка. Атлантската повелба потпишана меѓу Черчил и Рузвелт не предвидува промена на границите на државите во Европа. Значи, се гарантираа границите на сите држави кои влегоа во антифашистичката војна. Фактички на таа повелба се истраја и после на сите мировни конференции по војната. Направени се корекции само на два пункта во Европа. Еден е кон Полска, од страна на Германија дадена и е источна Шлезија, претежно населена со Полјаци, и друга корекција од страна на Италија – Истра и словенечкото приморје. Нигде на друго место нема никакви промени. Неколку пати е покренувано прашањето за обединување на Македонија и секогаш се наидува на пречки. Во тој поглед и Тито не дозволуваше таа работа да се постави кај нас, за разлика од она што се случи во Словенија и во Хрватска на нивните две антифашистички собранија кои ги одржаа уште во 1943 година пред Второто заседание на АВНОЈ. Тие во своите заклучоци донесоа декларации со кои веќе одлучија да ги приклучат словенечкото приморје, односно Истра кон своите идни републики. Напати кај нас се шпекулира дека Тито повеќе бил наклонет кон Словенците и кон Хрватите, отколку кон нас Македонците. Всушност, не се работи за тоа. Тито беше во тек со настаните во антихитлеровската коалиција. Знаеше за Атлантската повелба и знаеше дека таа работа тешко ќе може да се реализира - обединета Македонија, затоа што Грците беа активни уште при првиот отпор кога Хитлер направи наезда на Грција, односно пред него Мусолини, дури тие добија некои битки и зазедоа некои делови од Албанија. Тито уште на првото заседание на АВНОЈ во Бихаќ бараше од Коминтерната дозвола да се формира Национален комитет за ослободување на Југославија како една привремена влада. Коминтерната остро се спротивстави на таа работа. Познато е дека во 1943 година, под притисок на англоамериканците, Сталин ја распушти Коминтерната.

Крсте Црвенковски (Прилеп, 16 јули 1921 - Скопје, 21 јули 2001) е еден од водечките македонски политичари, познат и како дисидент во македонското комунистичко движење предводено од Лазо Колишевски. Учесник е во НОБ и носител на орденот народен херој и на Партизанска споменица 1941.

Од книгата на Мирче Томовски и Крсте Црвенковски, Заробена вистина; „Култура“, Скопје, 2003

Останатите текстови од Црвенковски на Окно ќе ги најдете на следниов линк.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото