Haikudikter (Хаику песни)

14.10.2011 10:54
Haikudikter (Хаику песни)

Шведскиот поет Томас Транстромер е добитник на Нобеловата награда за книжевност за 2011 година поради, како што соопшти Кралската шведска академија, „згуснатите, проѕирни слики со кои ѝ дава свеж пристап на реалноста“.

Транстромер е еден од најголемите шведски поети на 20-от век, и е автор на 12 поетски и прозни книги. Неговите песни се преведени на над 50 јазици во светот.

Роден е во 1931 г. во Стокхолм. Дипломирал психологија, а првата збирка песни ја објавил на 23-годишна возраст. На почетокот на 1990-те доживеал излив, па затоа не може да ја користи десната страна од телото. Поради тоа научил да пишува со левата рака.

Транстромер е првиот Швеѓанец кој добил Нобелова награда за книжевност од 1974 г. (тогаш наградата ја поделија Ејвинд Џонсон и Хари Мартинсон). Тој е сто и осмиот добитник на Нобел за книжевност, а осми Европеец кој го добил ова признание за последниве десет години.

Последен пат Нобелова награда за книжевност му е доделена на некој поет во 1996 г., и тогаш ја доби полската поетеса Вислава Шимборска.

Инаку, Транстромер е добитник и на Златен венец на Струшките вечери на поезијата во 2003 г.

Ја пренесуваме пораката која тогаш тој ја испрати до своите колеги од Одборот на Струшките вечери на поезијата

До Струшките вечери на поезијата

Чувствувам дека ми се укажува огромна чест со изборот да ја понесам наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2003 година и со нетрпение очекувам пак да ја видам Струга. Македонија и Струга во мене будат ведри спомени уште од 1979-та година.

За првпат тогаш ја поведов мојата сопруга Моника на еден поетски фестивал, а сега, кога погледнуваме наназад во животот, тие денови ни се враќаат преполни со содржина. Учесниците беа млади (барем така се сеќаваме!), полни со ентузијазам, заинтересирани за песните на колегите, а разговорите траеја до доцна во ноќта. Навистина сеќавањето го освежува животот.

Кога веќе му заблагодарувам на Одборот за доделување на „Златниот венец“, би сакал истовремено да се заблагодарам и за преводот на македонски јазик. Ние што доаѓаме од мали јазични подрачја знаеме колку сме зависни од меѓусебното преведување при што мотивот не е во некаква економска добивка туку во квалитетите на текстот или, можеби наједноставно искажано, во љубовта кон прочитаните песни.

Благодарам од сè срце!

Томас Транстромер

 

***

Мислите мирни
како плочки мозаик
во дворска сала.

 

Напев во магла.
Кајче рибарско –
трофеј на вода.

 

Светли градови:
звуци, бајки, броеви –
но поинаку.

 

Див ветер мине
низ куќата во ноќва –
име на демон.

 

Страшни борови
в иста трагична бара
на век и веков.

 

Носен од мракот
сретнав голема сенка
во тој чифт очи.

 

Смртта се ведне.
Јас сум шаховски проблем.
Таа е на потег.

 

Оган, син оган
се крева од асфалтот
небаре питач.

 

Тивко како дожд,
сретни шепот од лисје.
Чуј ѕвоно од Кремљ.

 

Шумата ме буни.
Бог таму е без пари.
Ѕидови светат.

 

Шарена страчка
скока упорно цик-цак
преку полето.

 

Следат алеи
на ремени од зраци.
Викна ли некој?

 

Штом миг ќе дојде
ветрот слеп се одмора
врз фасадите.

 

Сум бил и таму –
на еден варосан ѕид
се ројат муви.

 

Слушам шум од дожд.
Шепотам една тајна
да стасам таму.

 

Превод од шведски јазик: Миодраг Станковски

Од книгата „Томас Транстромер - Одбрани песни“ во издание на Струшките вечери на поезијата, 2003 г.

meh...

meh...

ОкоБоли главаВицФото