Син модро плав најлон

14.10.2011 12:43
Син модро плав најлон

Сакав да пишувам за нашата опседнатост со минатото.

Ама, премногу боли сегашноста.

Сакав да го поставам прашањето: Каде било „историското ВМРО“ за време на фашистичката окупација на Македонија и што правел тогаш десничарот Ванчо Михајлов?

Ама, не сум баш нешто расположен за историски реминисценции.

Сакав да пишувам за пародијата со „партиските чистки“ на обезглавените партизански споменици, за комедијата од пикници и ајверијади, за скандалозното доделување на наградите 11-октомври.

Ама, бргу замина 11 октомври.

Сакав да ја пародирам тезата на уредникот на „Дневник“ дека „Македонија може да ѝ дели лекции на Европа за мултикултурализмот и за мултиетничката демократија, зашто таа кај нас најдобро функционира“.

Ама, нема потреба.

По неколку дена „рокна“ мултиетничката пописна комисија среде попис. Па, стварно нема смисла сега да му се ситам на човекот кој најпосле успеал да пронајде нешто што „кај нас најдобро функционира“.

Сакав и да ја запеам „Четири месеци попис се спрема, а владата, гајле си нема...“

Ама, не ми е до песни за „попишанковците“. А допрва ќе следи и „Враќање на попишаните“.

Сакав и за „трамвајот“ на Коце некој збор да кажам.

Ама, белким нема да остане саде пуста желба.

Сакав да пролафам и за попската национална телевизија и за луксузниот благословен прескап „Мерцедес“ на архиепископот на МПЦ-ОА.

Амин, белким ќе има и друга прилика.

Сакав нешто и на тема „Извештајот од Брисел подобар од ланскиот снег!“

Ама, спинот на пропагандистите следниот ден стана „лански снег“.

Сакав и за радоста на нашите „преродбеници“ што пак исчезна „македонски“ од извештајот да проговорам.

Ама, да ги оставиме да се порадуваат што пак имаат прилика да глумат патриоти.

Сакав и да потсетам што предвидов уште во 2006: „Што мислите кој прв ќе влезе во ЕУ - Македонија или Црна Гора? Со вакви македонски политичари, јас се обложувам на Црна Гора.“

Ама, премногу ме плаши иднината, за да губам време на потсетувања.

Сакав нешто и за апсењето и сомнежите за мачење на нашите политички затвореници да напишам.

Ама, во извештајот на ЕУ прочитав дека не бил пријавен ниту еден случај на илегално апсење.

Сакав и за „изворите“ на „Вечер“ во Комисијата за лустрација да пишувам.

Ама, и во наредните месеци Комисијата за лустрација ќе продолжи да кодоши во „Вечер“.

Сакав нешто и за владината „превентивна“ кампања на CNN.

Ама, големата грижа на „Њујорк Тајмс“ за „авторитаризмот во Македонија“ ме премисли.

Имам уште стотина теми во главата за кои би напишал по една колумна.

Ама, една реченица не ми излегува од глава. Од Обвинителниот акт против осомничениот за убиството на плоштад при прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ:

„Пред да го напушти местото, а по констатирањето на смртта телото на починатото младо момче го покрила докторката XXXXXX со син модро плав најлон.“

Ми се допадна ова

Ми се допадна ова размислување и затоа и покрај тоа што ретко несто нкоментирам би казал нешто само за првото пашање ,,Каде беше ВМРО и Ванчо Михајлов во Втората светска војна... За Ванчо Михајлов и неговите политики не ми се ни зборува но за Вмровците од тоа време не сакам да се спомнуваат во таква конотација затоа што тие биле ударната сила на партизаните и до 1945 се поздравувале со стисната тупаница и го прифаќале комунизмот само заради заедничката борба против фашизмот и 1945 биле подмолно ликвидирани на скопско кале,во Штип, Кичево, подоцна и Велес и Струмица, тука биле и се бореле, ама со идеја за Македонија не за Југославија и немале никаква врска со Ванчо Михајлов.Би го спомнал само Павел Шатев и доволно е да не зборуваме за ВМРО Обединета и Димитар Влахов кои всушност ја обединуваат заедничката борба за Македонија на ВМРО и комунистите се до настапувањето на Србокомунистите на Колишевски кои ги ликвидирале најдобрите партиоти не само од ВМРО туку и од вистинските комунисти патриоти без резервни комбинации под соседски патронат.
Ова е мој коментар само затоа што ги почиувам оние што квалитетно размислуваат и ги согледуваат глупостите на вистински начин како онаа трагикомична изјава на докторката во службен документ.Ги почитувам и луѓето со име и презиме без камуфлажи.

Слични содржини

Жарко Трајаноски
Став
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски

ОкоБоли главаВицФото