Европа и силувањето

14.10.2011 12:15
„Силувањето на Европа“ (1908) од Феликс Валотон

Меѓу Европа и Грција има интересен однос. За подобро да го разбереме, треба да се погледне далеку наназад во историјата и митското минато. Грција важи за колевка на нашата култура и цивилизација. Добрите Европејци тоа често го обзнануваа.

Во 19-от век расно, културно и цивилизациски свесните луѓе, по правило учените мажи, тоа го зеле многу сериозно. Но со колевките и изворите по правило лежи проблемот дека не можеш едноставно да се вратиш онаму каде што си замислуваш дека е твојот роден крај или дом, за да ја најдеш својата колевка или извор. Не, таа колевка и извори треба да се создадат и обликуваат. А ги создаваат и обликуваат оние кои замислуваат дека биле положени во тие колевки или дека произлегуваат од тие извори.

На нашите свесни европски претци, модерните и учени мажи, како што веќе реков, патот кон изворите на нашата култура и цивилизација им го покажале историјата и митологијата. Секако, историјата морале да ја пишуваат патемно – тоа е времето кога се раѓа Alterthumswissenschaft (наука за старото доба), како што тоа го нарекувале во краиштата каде што и биле најактивни – и при пишувањето често се потпомагале со митовите. Тоа било и време на процут на митологијата. Кога станува збор за Европа и нејзиниот грчки извор, митот не требало да се бара. Кој не го знае митот за Европа? Но требал да се протолкува.

Имено, со митот за Европа има потешкотии. Меѓу литерарните фрагменти што ги откривале, дешифрирале и толкувале јазичарите, имало такви кои наведувале одредени научници на помислата дека тој мит изворно можеби воопшто не бил грчки. Но, да земеме дека бил, што претставувало преовладувачко мислење. Меѓутоа, потешкотиите не биле отстранети со тоа. Имено, митот зборува за тоа како врховниот грчки бог, претворен во преубав бел бик, ја зграбил исто толку преубавата феникијска принцеза Европа и на својот грб преку морето ја пренел на Крит. Според неа нашиот дел од светот го добил името Европа (како што читаме кај римските поети кои, кога Римјаните ги освоиле Грците, сакале да ги обработуваат нивните митови). Во што бил проблемот? Во тоа дека Европа била Феникијка, дека имала семитско потекло. Европската свест во 19-от век била веќе доволно развиена и не можела да прифати дека нашата митска мајка е со семитска крв. И цели генерации европски академици напорно работеле за да ја измијат таа семитска дамка од нашите извори. Слично неприфатлива била и мислата дека братот на Европа, Кадмо, кој тргнал да ја бара и притоа стигнал до Грција, со себе го донел писмото. Нашата европска култура не можела да има семитско потекло! Дотолку повеќе, Кадмо се населил во Грција. Историчарите кои митовите ги читале како шифрирани историски факти не можеле да го избегнат заклучокот дека митот за Европа зборува за феникијската колонизација на Грција. Како во златното доба на европскиот колонијализам да ја прифатиме приказната дека нашата колевка била колонија – и притоа, уште и семитска? На тој начин научниците имале доста работа со обработката на нашата историја и втемелувачкиот мит. Германците, кои се најтемелни при чистењето на нашите грчки извори, кон средината на првата половина од минатиот век без никаква совест можеле да се сметаат за современи Грци, наследници на античка Грција, чувари на нашите извори. Нема ништо чудно во тоа што една од програмските цели на нацистите била токму преродбата, повторното раѓање на Европа, Neugeburt Europas.

Непосредно важен за нашата денешна Европа е вториот аспект на митот за Европа: тоа дека нашиот втемелувачки мит е всушност мит за силувањето. Кога Зевс со Европа на грбот допливал до Крит, презел човечки облик и ја силувал. Само еден средновековен христијански коментатор замислувал дека бог ја силувал Европа како бик.

Поинтересна од оваа сексуална фантазија е теолошката. Подоцна во средниот век се нашол коментатор, се разбира, христијански, кој Европа ја сметал за алегорија за душата, а Зевс во облик на бик го претворил во Исус, божјиот син, кој исто така презел телесен облик за да престојува меѓу нас на овој свет и да ни ги спаси душите. Па, како што Европа морала да го следи Зевс, така нашата душа мора да го следи Исус и да се придржува кон него како кон многу цврста потпора. (Во античките прикази на митот Европа со раката цврсто се држела за биковиот рог.) Она што старите Грци го нарекувале „свето венчање“, средновековните христијани го протолкувале во приказ на спасението. Но со тоа не им дошол крајот на интересните и симболични интерпретации.

Герхардус Меркатор, големиот фламански картограф, кој живеел во периодот кога Европа станала политичка заедница, кога станала „нашата мајка“, Европејците не ги поистоветувал со феникијската принцеза, туку ги идентификувал со бикот кој ја грабнал. Тој бик, запишал, добро ги инкарнира „наравот и природата“ на Европејците. Тој е „храбар, дрзок, украсен со рогови, има бела боја, широко грло, дебел врат, ухранет е; многу е издржлив, но ако дојде во допир со спротивниот пол, се разгорува, а потоа повторно е мирен и умерен. Таква е природата на Европејците“. Ако нашиот втемелувачки мит е всушност мит за силувањето, разбирливо е дека порано или подоцна доаѓаме до тоа да се поистоветуваме со напасникот.

За да не го поедноставиме премногу односот на Европа кон Грција, треба да воведеме уште еден историско-културен елемент. Кога Европа се појавува како географски поим во една од химните на Хесиод, тоа име означува дел од континеталната грчка територија. Во подоцнежните извори Европа е и ознака за еден од двата или трите континенти што ги познавале Грците, но најчесто настапува како име за делови од Грција и денешен Балкан. Кога станува збор за историографските и политичките извори, името Европа по правило го употребуваме во второто значење. Изворно (ако веќе зборуваме за изворите), Европа била дел од Балканскиот полуостров. Името во 4-век почнале да го присвојуваат апологетите на христијанизацијата на денешна Франција, а потоа апологетите на каролинското царство. Името овде го изгубило своето грчко значење и почнало да ги означува северозападните области од денешна Европа кои, поради црковната политика, станува сè понепријателски кон Грците.

Денес Европа – која ја вклучи Грција во Унијата како извор на својата култура и цивилизација, бришејќи го притоа грчкото значење на своето име, во склад со својот втемелувачки мит – ја силува Грција. Тоа силување, при кое на ЕУ ѝ потпомага ММФ, денес се нарекува решавање на должничката криза. Грчкото опирање кон тоа силување – осиромашувањето, развластувањето, намалувањето на правата и понижувањето – е отпор против сè посткапиталистичките пљачкашки економии и обидите за нивно спасување. Ако успее тоа спасување, утре сите Европејци ќе бидеме Грци.

Извор: dnevnik.slo

Слика: „Силувањето на Европа“ (1908) од Феликс Валотон

ОкоБоли главаВицФото