Од желба за одмазда, власта создаде монопол во новинското издаваштво

17.10.2011 12:19
Од желба за одмазда, власта создаде монопол во новинското издаваштво

Со пропаѓањето на „Плус продукција“, фирмата која ги издаваше сега веќе згаснатите весници „Шпиц,“ „Време“ и „Коха е ре,“ нејзиниот конкурент, МПМ, кој ги издава весниците „Дневник,“ „Утрински весник“ и „Вест,“ се здоби со неограничен монопол во дистрибуцијата на безмалку сите македонски периодични печатени изданија. Ваквата состојба во дистрибуцијата е полоша и од комунистичките времиња и бездруго треба да предизвика реакција на антимонополските власти.

Сите бевме сведоци на неодобрувањето на дел од јавноста во однос на конечното прекинување на ТВ програмата на А1 и реакциите кои велеа дека со тоа се загрозува демократијата, како и дека останавме без единствената вистински и отворено критичка телевизија кон власта. Иако ова е навистина трагично, особено што телевизијата е најмоќен медиум, а А1 беше најгледана телевизија, нејзиното затворање, сепак, не изврши поместувања кои би го загрозиле телевизискиот бизнис од конкурентска гледна точка, односно од гледна точка на нарушување на Законот за заштита на конкуренцијата.

Но, тоа не е така во новинско-издавачката дејност. Тука, покрај тоа што со затворањето на „Шпиц“, „Време“ и „Коха е ре“ беа изгубени весници што ја критикуваа власта и на македонски и на албански јазик, со затворањето на фирмата „Плус Продукција,“ која ги издаваше овие три весници, престана да постои секаква вистинска и реална конкуренција во дистрибуцијата на весниците и списанијата што се издаваат на територијата на Република Македонија. „Плус Продукција,“ покрај новинско-издавачката куќа МПМ, која ги издава весниците „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ и која е во сопственост на германскиот ВАЦ, беше единствената сериозна конкурентна фирма која имаше широко развиен систем на дистрибуција и пристап до продажна мрежа на весници и списанија во земјава. Денес тоа повеќе не постои и во однос на дистрибуцијата се вративме во време на комунизмот.

Добредојде на комунизмот во 2011

Во периодот од 1990 до 1995 година, кога во земјава веќе можеа слободно да се издаваат весници, потенцијалните издавачи се соочуваа со огромен проблем – недостигот од независна ротациона печатница која би им ги печатела нивните весници. Затоа, тие мораа да одат во тогашната НИП „Нова Македонија,“ која ја поседуваше единствената машина за печатење весници и да се надеваат дека ќе добијат некаква пристојна цена, како и дека ќе им биде дозволено да направат весник кој ќе биде конкурентен на „Вечер“ и „Нова Македонија,“ кои тогаш беа во склоп на НИП-от. Се разбира, тоа никогаш не се случуваше.

Првиот независен дневен весник, „Република“, чиј прв број излезе по Денот на независноста, 9 септември 1991 година и кој од недостаток од алтернативни печатници мораше да се печати во НИП-от, пропадна по само 6 месеци постоење и тоа во вторите 3 месеци, откако бевме избркани оттаму, се печатевме во печатница која не беше наменета за весници, туку за книги – на несоодветни машини, лист по лист, печатењето траеше цела ноќ, за утрото да биде отпечатен многу мал тираж и цената по примерок да биде повисока од продажната.

Низ слична голгота помина и списанието „Млад борец“, кое, во 1989 година, од младински весник се трансформира во политички магазин. Ние, во редакцијата, бевме принудени материјалите за печатење да ги доставиме цели 7 дена пред да излезе весникот и таму тие беа на увид на НИП-от, каде безочно се крадеа нашите теми и цела недела се објавуваа во нивнитe дневни весници, пред нашето списание да биде отпечатено.

Денес состојбата е иста со дистрибуцијата. Системот за дистрибуција и продажната мрежа до која има пристап МПМ, станаа единствен начин на ефикасно и сериозно разнесување на весници и списанија во земјава. Дури и критичкиот „Фокус“ се дистрибуира преку МПМ, а и неделникот за забава „Крема,“ кој извесно време беше дури и во сопственост на „Плус Продукција,“ пред да му биде предаден на главниот уредник, од јули започна да се дистрибуира преку МПМ.

Најпрвин да расчистиме две работи. Под еден, „Плус Продукција“ се занимаваше, пред сè, со дистрибуција на своите или блиските весници и списанија – дневните „Шпиц“, „Време“ и „Коха и ре“ и магазините „1Е“, „Крема“ и „Бебе Магазин.“ Повремено некоја надворешна странка ќе се осмелеше да ризикува и да предаде друга стока за дистрибуција – ЦД-а, ДВД-а, или по некое списание за и тоа да биде дистрибуирано од возилата на „Плус продукција.“ За жал, како и во редица други бизниси на Велија, и овој имаше сенка на неплаќање, односно многу реална опасност издавачите да не ги видат парите од продажбата, што ги бркаше потенцијалните клиенти. Но, тоа за темава не важно. Она што е важно е дека пред затворањето на оваа, во земјава постоеја две сериозни дистрибуции за весници и списанија и на МПМ никој не можеше да му каже дека има комплетен монопол во оваа дејност.

И под два, во Македонија постои само уште една далеку помала дистрибутерска куќа, која се занимава со дистрибуција на оној мал тираж на српски весници и списанија, но нејзиниот опфат е многу ограничен и во однос на бројот на киосците (повеќе од двојно помал, па дури и тројно помал од оној на МПМ), а кога станува збор за внатрешноста на земјата, оваа дистрибуциска куќа не ни врши дневна достава, туку само двапати неделно. Ова значи дека ако сакате да го читате белградскиот дневен весник „Курир“ во Прилеп, на пример, сите броеви во текот на неделата треба да ги купите во два дена зашто тогаш пристигнуваат. Исто така, оваа дистрибутивна куќа е целосно насочена кон српските весници, зашто го чека камионот кој ги носи од Белград и започнува да ги дистрибуира по 9 часот, така што тие на киосците во Скопје стигнуваат во претпладневните часови, откако најголем дел од тиражот на македонските весници веќе е продаден утрото или претходната вечер.

Вака не било ни во комунизмот. Дури и пред 1990 година, во Македонија, покрај киосците на НИП-от, постоеја и киосци на тогашниот „Тутун“, кои на почетокот не продаваа весници, но, потоа, при крајот на 80-те години од минатиот век, започнаа да ја вршат и оваа услуга за тоа претпријатие да прерасне во сериозна дистрибуција и продажна мрежа. Покрај „Тутун,“ постоеја и околу 50-тина киосци на белградска „Политика,“ така што, потенцијалниот издавач, кога стануваше збор за новинска дистрибуција, можеше да бира меѓу НИП-от и „Тутун.“ Денес ваков избор нема. Денес постои само МПМ, која во дистрибуцијата на дневни весници во земјава има пазарна концентрација од 100 отсто, а во дистрибуцијата на списанијата има пазарна концентрација од 95 отсто зашто мал број од неделниците и месечниците, еден незначителен дел од тиражот го предаваат и на другата дистрибутивна куќа, која е наменета за српските весници и списанија и која овој мал тираж од македонски списанија, кој го добива, го носи на истите киосци како и МПМ со што издавачите, всушност, не добиваат ништо.

Од поклонение до поклонение

Ова, исто така, за жал, едноставно значи дека ако сакате да издавате дневен весник, неделник, или какво било друго периодично издание и да имате сериозна шанса да преживеете, морате да отидете на поклонение во МПМ, исто како што во првата половина на 1990-те се одеше на поклонение во НИП-от за печатење, да ги оставите вашите весници и да се молите дека тие ќе имаат еднаков третман со домицилните изданија. Исто така, треба да го проголтате чувството дека одеднаш сте станале мазохист, зашто со дистрибуцијата преку МПМ, вие всушност ја финансирате сопствената конкуренција. Денес дури и страшниот поранешен директор на НИП-от од пред 15 години, Панде Колемишевски, својот весник „Бизнис“ го дистрибуира преку МПМ. Како што тоа го прават и сите други весници надвор од оваа фирма: „Вечер“, „Нова Македонија“, „Капитал,“ „Македонски спорт,“ итн. Сите тие се дистрибуираат преку МПМ. Сигурно не зашто сакаат, туку зашто немаат друг начин.

Колку состојбата е сериозна и колку овој дистрибуциски монопол на МПМ е моќен, како ја злоупотребува својата монополска положба и како драстично го извртува весникарскиот и магазинскиот бизнис во Македонија, најдобро покажува праксата на МПМ во своите весници да дава на подарок цели списанија и со тоа да ги става во подредена состојба другите издавачи, создавајќи им нелојална конкренција, со оглед на тоа што МПМ списанијата ги дава бесплатно, а независните издавачи мораат да ги продаваат од 30 до 100, па и повеќе денари за да преживеат. Уште поголем проблем или монополско и нелојално однесување на новинскиот пазар е фактот што МПМ, овие бесплатни списанија, кои ги става во своите весници, ги издава и печати, заработувајќи од дистрибуцијата на изданијата на независните и малите издавачи.

Настрана фактот, пак, што и дневните весници на МПМ се финасирани донекаде од парите што компанијата им ги наплаќа за дистрибуција на туѓите дневни весници.
На надворешните издавачи МПМ им наплаќа 25 отсто од продажната цена, 15 отсто од оваа цена задржува за себе, а 10 отсто одат за сопственикот на киоскот. Тоа значи дека провизијата од секој продаден примерок на весниците на другите издавачи, слободно може да се пренасочи кон финансирање на “Утрински“, „Дневник“ или „Вест.“

Како немилосрдно да го уништиш послабиот од себе

Уште потрагична е состојбата со неделниците и месечниците. Од издавачите на политичките списанија, на пример, какви што се „Фокус“,„Денес“ и донеодамна „Форум,“ МПМ добива доволно средства во текот на годината да може да ги покрие сите или дел од трошоците за издавање на својот сопствен неделен политички магазин „Публика“, кој не се продава по цена од 30-50 денари, како сите други, туку се дава бесплатно во саботното издание на „Дневник“ и како таков им конкурира на списанијата што ги дистрибуира, драматично намалувајќи ги нивните приходи, па дури и загрозувајќи го нивниот опстанок („Форум“ веќе не постои, а „Денес“ е на работ на постоењето и тоа подолг период и излегува нередовно).

Просто е неверојатен деловниот садизам на МПМ, кои направија сè за да го отежнат постоењето на „Глобус,“ на крај давајќи им го на уредниците, за да имаат алиби да го затворат зашто тогаш почна да се третира за туѓо издание (ете, не плаќаат печатење), иако беше јасно дека „Глобус“ не може да опстане сам на пазарот. Во исто време, врхушката на МПМ започна да издава нов неделник, со нова, политички подобна редакција, за кој не бара никакви пари, туку бесплатно го печати и дели во „Дневник.“

Ваквата пракса не застанува тука. МПМ дистрибуира неколку списанија и весници специјализирани за здравје како што се „Здравствен код,“ „Народен лекар,“ „Убавина и здравје“ и потоа нема проблем бесплатно да го дели списанието „24 часа здравје“ во своите весници секоја недела. Понатаму, МПМ дистрибуира и редица списанија за храна на надворешни издавачи, па потоа нема проблем да го подарува своето списание за готвење во дневните весници. Ист е случајот и со списанието за енигматика. И него МПМ бесплатно го дели во своите дневни весници, додека собира пари за дистрибуција од бројните енигматски списанија на малите издавчи. На ваквите примери им нема крај.

Сте се запрашале ли некогаш зошто во весниците надвор од МПМ, како „Вечер“ или “Нова Македонија“ или „Капитал“ не можете да најдете бесплатни списанија како подарок? Одговорот е во тоа што тие немаат своја дистрибуција од чии провизии би можеле да ги финансираат таквите подароци.

Направете една штих проба. Застанете пред еден добро снабден коиск. Одвојте ги настрана списанијата и весниците на српски јазик. Сите останати изданија, а богами и ЦД-а, ДВД-а, книги и што уште не, на тој киоск се донесени од дистрибуцијата на МПМ. Видете за колку различни периодични изданија станува збор и ќе добиете слика за тоа колку многу пари заработува МПМ од дистрибуција.

Ало, антимонополисти! Разбудете се!

Во секој случај, овде има и тоа како работа за Агенцијата за заштита на конкуренцијата. Единствен начин за заживување на весникарскиот и магазинскиот бизнис во земјава е на МПМ да му се постави висока условна казна, која би била редуцирана до подносливи или симболични нивоа ако компанијата се согласи да се подели на две фирми, при што дистрибуцијата би се издвоила.

Ова е сосема вообичаен начин на справување со монополи и се презема кога една компанија има огромна монополска позиција на пазарот, иако не е предвиден во нашиот Закон за заштита на конкуренцијата заради европските стандарди. Од друга страна, пак, тие стандарди не се правени за мали и сиромашни економии во кои недозволените концентрации се јавуваат како печурки после дожд и националната економија е преполна со монополи. Поделба му се случи на американскиот телекомуникациски монопол АТ&Т уште пред еден век, а истово Европјаните и Американците сакаа да му го направат на „Мајкрософт“ пред само неколку години. Но, за негова среќа, се случи налетот на интернетот и издигањето на „Гугл,“ како и сè поголемото усвојување на оперативните системи и на „Гугл“ и на „Епл“ и тоа особено во мобилните уреди, што донекаде го нивелира монополот на „Виндоус“ оперативниот систем, па на „Мајкрософт“ му беше дозволено да продолжи да работи без да биде поделен на 4 различни фирми.

Антимонополската комисија, исто така, треба да обезбеди начин и да постави ограничувања со кои ќе се спречи прелевање на средства од едната кон другата фирма за да не се продолжи со актуелната пракса на искористување на помалите играчи на новинскиот пазар како што тоа се прави сега.

Вака се прави во нормалниот свет. Дали вакво нешто има шанси да се случи и кај нас и покрај јасниот дистрибуциски монопол на МПМ, прашувате? Тешко. Многу тешко. Ако се простува пренесување на шишиња преполни со пари преку половина континент и ако на весникарските јубилеи почесни гости се шефовите на државната безбедност, што е тогаш еден монопол меѓу пријатели? Ништо, нели?

Авторот е бизнис уредник на порталот Плусинфо.мк.

Neka zgasnat site vesnici i

Neka zgasnat site vesnici i onaka se bezkorisni, cim ne se pokriva toa sto treba, vo interes na politikata i lokalnite moknici ebete si mamata neka ve piknat u dupka oko ne mi trepka

Петрески, да поработиме сите

Петрески, да поработиме сите ние заедно малку на цената на интернетот и на достапноста на истиот. Тогаш ќе може да заживеат интернет-весниците/порталите. Со цена на дистрибуција 0, драстично ќе бидат намалени неколкуте бариери за појава на нови медиуми во Македонија.
Тоа е ако се гледа напред, ако се гледа во моментов џабе и дистрибуција и се... кога нема ниту медиуми, ниту новинари, ниту газди, а богами ниту храброст.

Даниел, Крајниот резултат од

Даниел,

Крајниот резултат од полемиката околу тоа дали весниците ќе преживеат или не се уште не е познат. Но, она што е важно, јас засега барем, а богами и во следните 5-10 години не би ги отпишувал.
Велиш да поработиме интернетот да биде поевтин. Не знам колку успех ќе имаме. Телеком операторите не дозволуваат резиденцијален интернет без претходно да купиш фиксен телефон. Најевтината понуда е 650 денари за 10 гигабајти плус разговорите на фиксен. Токму заради ова околу 40-50 отсто од населението нема дома интернет, како што и 50 отсто од граѓаните немаат кабловска. Не знам како да поработиме со оваа сиромаштија кога најголем дел од вработентие земаат до 15 илјади денари месечно. Само 2,3 отсто од вработените имаат плати над 500 евра, вели синдикатот. Дури и во САД, кога пукна рецесијата, обичните луѓе најпрвин се откажуваа од кабловска и од интернет, па после од се друго.
Кога станува, пак, збор за државата, тука немам големи надежи. Агенцијата за електронски комуникации лежи на куп пари. Во 2009 година купи држави обврзници во износ од 10 милиони евра сосема надвор од законот, наместо тие пари да ги вложи во развој на телекомуникациите. Ај тоа, туку сега се подготвуваат и да си градат зграда, најверојатно единствена на Балканот во посед на една обична државна агенција. Од друга страна, сите овие пари можеа да се чуваат или за да се субвенционира интернетот или дигиталните приемници кои ќе мора да ги имаме за пар години за да можеме да гледаме телевизија. Можеа да ги поделат бесплатно на оние што немаат кабловска.
Во секој случај, мислам дека весниците се многу важни. И тоа може да се случи нивната важност да се зголеми на локално ниво зашто во земјава не постои локален печат кој еден ден ќе мора да се појави. Од друга страна, верувај ми, од веб сајт на интернет во земјава не се живее. Ние во плусинфо имаме повеќе или ист број на кликови како и најтиражните весници, но не можеме ни да сонуваме да добиеме толку реклами колку што се објавуваат во нив. Настрана фактот што сме критички настроени кон власта.

Поздрав,
Владимир Петрески

Владимир Петрески зашто сееш

Владимир Петрески зашто сееш магла, зашто кукаш БЕ Владимир?! Зашто?!?
Вие кукавиците, кувавичишта, кукавичишки наоѓате било каква причина извртена во ваша корист за да кукате и критикувате, па после Европа ќе не вози итоа за евтини пари за една обична кукавичка платичка за некое корумпирано издајничко новинарче
Што ќе кажеш на тоа дека еден од кабел операторите БЕЗ УСЛОВ ти нуди 500 денари неограничен интернет со брзина од 6 Мбита + телевизија.....500 денари Владимире!! 500!..... па зар и тоа ти е многу, ако сакаш да имаш е-весник, дури и за најскапаните веб страници доволно е администрирање со ваков интернет.
 

Хм... што да се каже на ваков

Хм... што да се каже на ваков коментар преполн со навреди, со погрешно сфатена смисла во однос на податокот за цената на чинењето на Интернетот, како и за тоа како се прави весник и што, всушност, претставува новинското издаваштво и во печат и на Интернет.
Имам два избора - или целосно да го игнорирам овој коментар, или потешкиот, да се обидам да ги засилам аргументите и да објаснам.
Најпрвин за „кукањето.“ Ако моето спротивставување на монополизацијата на дистрибуцијата на печатот е „кукање“, тогаш се кукавици сите оние законодавци во цел свет кои во сите нормални држави носат закони против монополите. Не знам што друго да додадам, а да не завлезам во баналности.
Цената на Интернетот беше спомната не во смисла дека е прескапа, туку во смисла дека и таква каква што е има огромен број семејства што не можат да си ја дозволат. Како што има и куп семејства што немаат ниту компјутер.
И на крај за новинското издаваштво. Само со пристап до интернет не се прави интернет весник, ниту, пак, било какво макар и малку посериозно издание. Посериозно издание мора да има професионалци - луѓе кои ќе можат да живеат од својот труд во тоа издание зашто работното време ќе мора да го посветат на неговото создавање (погледнете го импресумот на плусинфо.мк). Само со пристап до Интернет може да се направи блог. Арно ама, ајде видете на Алекса колку блогови има меѓу првите најпосетувани 400 сајтови во земјава - ниеден.
Понатаму, веб сајт во земјава не може да опстане само од реклами. Ниту имаме стопанство за таква работа, ниту пак имаме просветени компании. Освен маркетинг, нема друг начин да се монетаризира трудот посветен на портал.
Тука во игра доаѓаат весниците. Тие, покрај средства од маркетинг, добиваат и пари од продажба. Е, во таков случај една професионална редакција може да опстане. Се разбира, кога не би постоел овој монопол за кој говори текстот и кога во земјава би имало независна дистрибуција. Инаку, секој издавач на дневен весник има огромен проблем. Не бива дури ни да направи своја дистрибуција. Трошоците за разнесување на само еден дневен весник низ цела Македонија се далеку повисоки од средствата што би се собрале од продажба. Така што, ако некој издавач сака да направи и своја дистрибуција, треба одеднаш да почне да издава неколку различни весници и/или списанија, значи да разнесува и продава повеќе изданија одеднаш, за дистрибуцијата да биде исплатлива. А, таква евентуална издавачка офанзива на овој сиромашен пазар личи на научна фантастика.

прикаската има и друга

прикаската има и друга страна: Шпиц беше бесплатен дневен весник и МОЖЕШЕ ДА СЕ НАЈДЕ НА ИСТИТЕ МЕСТА КАДЕ ШТО СЕ ПРОДАВАА ДРУГИТЕ ДЕНВНИ ВЕСНИЦИ.
во ниедна нормална држава не е така.

бесплатните весници се на места строго определени за тоа.
весниците на Велија и неговата дистрибуција беа конкуренција, но не лојална.

ОкоБоли главаВицФото