Катедрала чиј градител е природата

17.10.2011 13:45
Катедрала чиј градител е природата

Метафората со шумата како катедрала на природата во целост се материјализираше во холандската покраина Флеволанд.

Уметникот Мариус Боезем уште во 1987 г. на една ливада засади јаболкници кои целосно го следат земјишниот план на готската катедрала Нотр Дам од Реимс.

Стеблата растат на местата на столбовите и потпорните ѕидови на оригиналната архитектура, додека прозорците се заменети со воздух, а покривот со небото. Сложената шема на готскиот свод се одразува на подот од оваа „природна“ катедрала, каде што бетонски ленти ги исцртуваат главните линии на накрсно-ребрестиот систем.

На оваа „Зелена катедрала“ (De Groene Kathedraal) како дел од ландартот ѝ биле потребни цели девет години за да израсне и да се обликува во готово уметничко дело. За јавноста е отворена во 1996 г., а се очекува дека дури во 2015 ќе ја достигне својата максимална височина.

Додека готските катедрали од камен и стакло во нивниот целосен сјај денес ги доживуваме како нешто вечно, оваа зелена катедрала го следи животниот циклус на природата и токму со својот раст предупредува на пропаѓањето и минливоста.

Поради минливоста на 150 метри долгата и 75 метри широката катедрала, десетина години по нејзиното „садење“, Боезем започнал со нејзина копија малку посеверно од првата. Втората катедрала има исти размери и облик, но сепак не е иста. Во суштина, таа е нејзина превртена копија, нешто како негатив, празнина во облик на чистинка среде букова шума. Видливи од птичја перспектива, овие две катедрали го концептуализираат односот меѓу архитектурата и просторот во природното опкружување.

Интересно е дека токму птичјата или можеби посовремената сателитска перспектива преку популарниот Google Maps го врати ова релативно старо уметничко дело во центарот на интересирањето. Имено, Џон Хил, барајќи одредени податоци на Гугл мапите од Холандија, сосем случајно налетал на Зелената катедрала. Воодушевен од сликата на полно и празно во облик на катедрала од Реимс, решил да ја објави приказната на блогот A daily dose of Architecture. Оттогаш информацијата почнува да се шири, а ние сме само уште еден чекор во сето тоа.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото