Што ако Европа се распадне?

17.10.2011 15:10
Што ако Европа се распадне?

Оние кои се задоволни од еврозоната мораат добро да знаат што сакаат со монетарната унија, посебно во мигот на „сè поболниот југ“, за да не се остварат соништата на евроскептиците.

Што ако Европа се распадне? Цел живот бев проевропски ориентиран, еврофил. И европската историја покажуваше да се оди по тој пат. Но што ако нештата се сменат и Европа тргне по патот кој би ги израдувал евроскептиците.

За време на последните педесет години Европа институционално напредуваше. Од заеднички пазар со шест западноевропски држави до силна Унија со речиси 500 милиони жители во 27 земји-членки, од Португалија до Естонија и Финска, а на југ до Грција.

17 од нив делат заедничка валута – еврото, а не постојат ни гранични контроли во шенген-просторот. Овде е и, за волја на вистината – кревката, Европска конвенција за човековите права (сега под лесниот напад на британските конзервативци), а која му овозможува на секој жител на 47-те европски држави, вклучувајќи ја и Русија, во случај на повреда на основните човекови права, да може да се жали во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Подобра Европа немаме

Европа никогаш не била пообединета. Никогаш толку нејзини граѓани не биле слободни, не живееле во демократско опкружување како рамноправни членови на една економска, политичка и безбедносна заедница.

Вистина, на нашиот континент постојат и сиромаштија, неправда, нетолеранција, па и прогони. Обидете се да живеете како Ром или Синт во источна Европа. Не сакам да разубавувам ништо. Но ќе ја парафразирам познатата реченица на Винстоин Черчил – ова е најлошата можна Европа од сите оние кои ги имаме, но подобра немаме.

Сега сето тоа е доведено во прашање поради лошо осмислената, преширока и недисциплинирана монетарна унија која би можела да се распадне и да доведе до трајни поделби.

Уште пострашно е тоа што повеќе не постои ни емоционална мотивираност, но ни политички мотори кои ја придвижуваа идејата за обединување. Граѓаните на Германија, Холандија но и другите главни земји од Унијата не се склони кон дополнителни интегративни чекори кои се потребни за да се одржи монетарната унија.

Посебно ги обвинувам политичарите, како Ангела Меркел, бидејќи не покажуваат онакво водство какво што е потребно за јавноста да се увери во значењето на Унијата, иако сите се членки на суверени национални демократии (спротивно на тоа што го тврдат евроскептиците). Да не беше така, зарем целиот финансиски свет – од Вашингтон до Пекинг – речиси без здив би го чекал гласањето за Европскиот стабилизациски фонд во парламентот на една мала Словачка.

И порано тврдев дека многу од сегашните потешкотии во еврозоната можеа да се предвидат во 1990-те. Уште во 1998 г. напишав дека „рационалистичкиот, фунционалистичкиот, перфекционистичкиот обид Европа да се зацврсти низ монетарната унија“ би можел да се претвори во своја спротивност. Можеби во следните десет години ќе бидеме сведоци на пишувањето нова историја на Европа за тоа како обединувањето беше една неуспешна идеја.

Искуството со Босна

Како проевропеец се залагам за проектот на единствена Европа. Неодамна објавив петиција во која истакнувам дека еврозоната може да се спаси само со силна фискална интеграција и стратегија на раст. Дури и евроскептичниот британски премиер Дејвид Камерон неодамна за Financial Times изјави дека Германија и Франција треба посериозно да се заложат за да ги смират финансиските пазари и на тој начин да ја сочуваат еврозоната.

Досега напишав 537 коментари во кои образложувам дека еврозоната мора и може да се спаси. Сега сакам да прашам што ќе се случи ако пропадне таа? Можеме да претпоставиме дека ЕУ во 2030 г. би можела да биде нешто налик на Светото Римско царство од 1730 г.: постоело на хартија, но повеќе како украс одошто политичка стварност. И што тогаш?

За нас, проевропејците, тоа парадоксално би можело да биде еден вид ослободување. Имено, ние, како приврзаници на една идеја, веќе со десетлетија ја браниме постоечката состојба, со сите нејзини недостатоци. За разлика од нас, евроскептиците ја уживаа славната неодговорност на опозиција – и се знае дека бриселските институции се лесна мета за скептиците, како и сатиричарите.

За неколку години евроскептиците ќе можат да ги обвинуваат претходните влади поради актуелните проблеми. Но набрзо ќе стане јасно дека тоа е Европа каква што тие ја сакаат, а никако Европа која јас ја посакувам.

Евроскептиците имаат две основни барања. Прво, европските народи во својот непопречуван суверенитет да можат да имаат поголема слобода, просперитет и безбедност и да можат да ги избегнат судирите со своите соседи. Второ, таквите целосно самостојни и независни држави сè уште да можат делотворно да ги бранат интересите на своите граѓани, дури и на светската сцена каде што сè повеќе преовладуваат не-европски сили. Обете барања не можат да го издржат тестот ни на минатото ни на сегашноста.

Мој доказ за оспорувањето на првото барање се наоѓа во Европа од 20-от век. Босна во 1990-те покажа дека Европејците можат да се вратат на варварството, како внатре така и преку постоечките државни граници.

Мој доказ за оспорување на второто барање е 21-от век, во кој и релативната сила на Европа е сè помала, а тоа и понатаму ќе продолжи. Соочени со старите и новите велесили, ние Европејците мораме да останеме заедно или ќе исчезнеме. Ако го прифатиме евроскептицизмот, Кинезите ќе ни се смеат, бидејќи тогаш веќе ќе ги поседуваат сите наши банки.

Се разбира, по десет или дваесет години живот во евроскептична Европа може да излезе дека сум во право. Ако биде така, ветувам дека ќе го признам тоа. Ако Европејците можат да останат слободни, да бидат напредни и да имаат безбедност без структури кои ќе ги поддржуваат во тоа – а што вклучува делумно губење на суверенитетот, како и исчезнување на огромниот бирократски апарат – јас сосема ќе бидам среќен.

Европската унија не е цел сама по себе, туку средство за постигнување цели. Меѓутоа, ако се покаже дека сум бил во право, тогаш ниедно човечко суштество нема да биде толку несреќно како мене кога ќе морам да кажам: „Нели ви реков?“

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото