Зошто Нобеловата награда за книжевност е будалеста

18.10.2011 15:02
Зошто Нобеловата награда за книжевност е будалеста

Значи, шведскиот поет Томас Транстромер доби Нобелова награда за книжевност. Освен неколкуте подолги песни достапни на интернет, не сум го читал него, па сепак мислам дека тоа е здрава одлука во секоја смисла. Пред сè, за жирито. Да објаснам.

Тие се осумнаесетмина, и членови се на организацијата наречена Шведска академија, на која кон крајот на 19-от век ѝ беше доверена задачата да ја доделува Нобеловата награда. Тогаш двајца членови вложија забелешка дека би било лошо да се прифати таа задача. Во основачкиот акт на Академијата, напишан уште во 1786 г., стои дека нејзина задача е промовирање на „чистотата, силата и возвишеноста на шведскиот јазик“. Зарем тоа може да се спои со откривањето на највредниот опус со „идеалистички тенденции“ низ целиот свет?

Сите членови се Швеѓани и повеќето од нив се редовни професори на шведските универзитети. Во денешното жири има само пет жени, а жена никогаш не претседавала со истото. Само еден член е роден по 1960 г. Тоа е така, бидејќи на членството во Академијата не може да се поднесе оставка. Во прашање е доживотна казна. Значи, нема многу свежа крв. Меѓутоа, изминативе неколку години, два члена одбија да учествуваат во работата на жирито поради несогласувања; едниот поради реакцијата, или недостатокот на реакција на фатвата против Салмаж Ружди, а другиот поради доделување на наградата на Елфриде Јелинек, која ја смета за „хаотична и порнографска“.

Како овие луѓе заклучуваат кои се најголеми писатели или поети во дадениот миг на меѓународната сцена? Се обраќаат до книжевните стручњаци во огромен број земји кои ги плаќаат да напишат нешто за потенцијалните добитници. Овие стручњаци би требало да бидат анонимни, но речиси секогаш се познајници на луѓето кои се кандидираат за наградата.

Да се обидеме да замислиме колку луѓе се потребни овде. Да претпоставиме дека секоја година се номинираат неколку стотици писатели – тоа не е незамисливо – од кои жирито веројатно треба да прочита барем по една книга. Но оваа награда се доделува како признание за целиот опус на еден автор, па веројатно, како што се стеснува изборот, треба да прочитаат две книги од оние кои ќе преостанат, па три, па четири... Не е незамисливо дека секоја година треба да прочитаат двесте книги (и тоа, покрај своите редовни должности на работа). Само мал број од тие книги ќе биде напишан на шведски, а само некои ќе бидат достапни во шведски превод; многу од нив ќе бидат на англиски, или преведени на англиски. Но бидејќи Англичаните и Американците се познати по тоа што не преведуваат многу, нешто ќе мора да се чита на француски, германски или можеби шпански, наместо егзотичните изворни јазици.

Не заборавајте дека зборуваме и за песни и за романи, дека овие книги потекнуваат од целиот свет, и дека се многу цврсто вкоренети во културите и книжевните традиции за кои шведските академици знаат многу малку. Значи, овие професори секоја година треба да сварат и да споредат многу разновиден и тежок куп книги. Одговарајќи неодамна на критиките дека во последниве десет години седум награди им се доделени на Европејци, Петер Енглунд, претседател на сегашното жири, изјави дека членовите добро се снаоѓаат со англискиот, но дека се плаши оти многу послабо разбираат јазици како индонезискиот. Во ред, тоа е чесно.

Да застанеме овде за миг и да ги замислиме нашите шведски професори, повикани да ја чуваат чистотата на својот јазик, како споредуваат некој индонезиски поет, можеби преведен на англиски, некој писател од Камерун, можеби достапен само на француски, и да речеме уште некој кој можеби пишува само на африкаанс, но е преведуван на германски и холандски, со книжевна ѕвезда од типот на Филип Рот, кој можат да го читаат на англиски, но можат, поради исцрпеност, да го најдат и на шведски.

Треба ли да им се завидува поради таа задача? Има ли таа смисла? Оние двајца од пред стотина години кои велеле дека овие нешта не треба да се прифаќаат, биле загрижени дали Академијата ќе стане некаков „космополитски книжевен трибунал“. А тоа инстинктивно го сметале за проблематично. Не згрешиле.

Ајде сега да замислиме дека сме доживотно осудени, од година во година, да носиме напорна и практично невозможна одлука на која светот сè повеќе и повеќе ѝ припишува будалесто значење. Како да му се пристапи на тоа? Ќе побараме некои едноставни, брзи и лесно достапни критериуми кои ќе ни помогнат да ја тргнеме таа гњаважа од дневен ред. А бидејќи естетиката, како што забележува Борхес, е напорна и бара посебна сензибилност и долго промислување, додека политичките односи се полесни и сфатливи, почнуваме да ги идентификуваме оние делови од светот кои го привлекуваат вниманието на јавноста, можеби поради политичките превирања или прекршувања на човековите права. Наоѓаме автори кои веќе стекнале огромно признание, а можеби освоиле и најголеми книжевни награди во тие земји и кои гласно се сместуваат на исправната страна во тие политички поделби за кои зборуваме, и ги бираме нив. Па така, имавме период кога беа наградувани дисиденти од источниот блок, или противници на диктатурата во Јужна Америка, или јужноафрикански писатели кои му се противеа на апартхејдот, или, најневеројатно досега, случајот со анти-берлускониевецот, драмскиот писател Дарио Фо, чија победа предизвика огромна зачуденост во Италија.

Тоа беше прилично чесна формула, ама сепак не секое трусно подрачје од светот има свој голем дисидентски писател (Тибет, Чеченија), а кон тоа можеме да го додаме и фактот дека наградата, која се смета за признание и кон земјата подеднакво колку и за писателот, не може да им се додели на двајца автори од истиот регион две години по ред. Каква збрка!

Повремено жирито убаво знае да се изгори. Бидејќи доби толку значајни награди во Германија и Австрија, левичарката и феминистка Јелинек делуваше како безбеден избор. Но нејзините дела се соблазниви, често и доста несварливи (никогаш не би добила награда во, да речеме, Италија или Англија), а романот „Алчност“, кој се појави кратко пред доделувањето на наградата, беше навистина нечитлив. Знам, бидејќи самиот упорно се обидував да го прочитам. Дали членовите на жирито го прочитале? Не сум сосем сигурен. Не е изненадувачки што после скандалот со оваа добитничка, тие се вратија на сигурен терен: Пинтер, политички подобен и практично заборавен; Варгас Љоса, за кого некако си мислев дека веќе ја добил наградата пред многу години.

Колкаво олеснување може да претставува кога одвреме-навреме ќе се каже „ма, нека оди сето тоа по ѓаволите“ и ќе му се даде награда на Швеѓанец, во случајов старец, кој во својата земја се смета за најголем жив поет и чиј цел опус, како што Петер Енглунд шармантно забележува, може да се собере во една тенка книшка. Едноставно кажано, тоа е победник кого може да го прочита целото жири, на изворен шведски јазик, за само неколку часа. Можеби им требаше одмор? Да не го споменуваме и тој детаљ, кој не е небитен во ова кризно време, дека наградата од еден и пол милиони долари ќе остане во Шведска.

Но можеби најважно е тоа дека ваквата одлука, која никогаш не би ја донело, да речеме, американско, нигериско, па дури ни норвешко жири, нè потсетува на суштински шашавата природа на оваа награда, и на нашата наивност што ја сфаќаме пресериозно. Осумнаесет (или шеснаесет) Швеѓани имаат одреден кредибилитет кога ја проценуваат вредноста на некое дело од шведската книжевност, но која група луѓе некогаш може да се избори со неизбежно различните дела од многу различни традиции? И зошто би го барале тоа од нив?

Извор: The New York Review of Books

Илустрации: Лори Липтон

Тој бал вампира таму многу

Тој бал вампира таму многу личи на нашето МАНУ ваму.

ОкоБоли главаВицФото