Улицата како простор за борба, вчера, денес и утре

19.10.2011 13:43
Улицата како простор за борба, вчера, денес и утре

Моментално светот се наоѓа во најголемата финансиска криза на која не и’ се гледа крајот, уште повеќе, сè уште не се наѕираат ни вистинските обеми на кризата. Последица од неа и секако најексплицитен израз на незадоволство се протестите што се одвиваат, речиси без исклучок, низ целиот свет. Протестите со повеќе или помалку мирен карактер моментално ја окупираа цела Америка, како единствен можен начин за пресметка со состојбата во која општеството се наоѓа. Пред еден месец Америка почна со речиси фантомскиот напад на Волстрит, улицата чиј симболички капитал е подеднакво силен како и оној материјалниот. Излегувањето на улицата веќе не е бениген чин, туку силно субверзивно средство низ кое историјата ја покажуваше својата моќ. Во продолжение нудиме неколку најважни „преземања на улици“ со цел радикална промена на сликата на светот.

„Париската комуна“

Не многу долго по Француско-пруската војна од 1870 година, Франција се најде во тешка економска ситуација, а разликата меѓу богатите и сиромашните во главниот град порасна во текот да годините, па тогашната немаштија од храна и постојаното пруско бомбардирање беа дополнителна причина за општо незадоволство. Работничката класа сè повеќе се отвораше кон радикалните идеи. Сè поприсутните револуционерни струи во Париската комуна – анархизмот, марксизмот, обединети во заедничко движење, го придвижија најважното движење во историјата на 19 век. Во формална смисла, Париската комуна ја презеде улогата на локалните власти над целиот Париз, при што тесните париски улици беа главно место за отпор и преземање на власта.

На комуната, сепак, и’ недостасуваше кохерентна организациска структура, така што набрзо беше насилно задушена, а по неа се случи радикална урбанистичка реорганизација под раководство на новиот префект, баронот Уисман за (под изговор за создавање почист град), навистина беше спречена можноста за избивање на следните бунтови во тесните средновековни улички.

„Ситуационистичката интернационала“

Некаде истовремено со кулминацијата на студентските движења од ’68, протестите против војната во Виетнам, феминистичкиот активизам, убиството на М. Л. Кинг кое резултираше со расни борби, како и програмската уметноста на ситуационистите која исто така кулминира во ’68, родена е идејата за ослободување на креативните потенцијали на градот, како и идејата за социјализацијата на уметноста. Според нивните согледувања, ситуационизмот беше обновување на Париската комуна, до денес последен обид за создавање „слободно општество“ во Европа. Во 60-тите доаѓа до нагла пролиферација на постерите и памфлетите во уметноста. Како што Бодријар вели: „Вистинските револуционерни медиуми на мај ’68 во Франција, беа ѕидовите со своите пароли, сиромашни и со рака пишувани плакати, улицата на која зборот е фаќан или разменуван, сето она што е изговорено и одговорено, што се движело во исто време и на исто место, реципрочно и антагонистички“. Ги Дебор, член на ситуационистичката организација формирана во 1957 година, која својата кулминација ја доживува во ’68 и целосно исчезнува во ’72 година, во 12 броеви на „Internationale situationniste“ развива текстови за уметноста и општеството. Критикувајќи ги контрадикторностите на буржоаското општество во кое од една страна се почитува апстрактниот принцип на интелектуалната и уметничката креација, а истовремено му се измолкнува за конечно да го експлоатира. Тоа е критика на потрошувачките механизми што ги контролираат културните активности.

Ситуационистите ја развиваат идејата за заеднички урбанизам кој би требало да доминира со околината и да вклучува создавање нови форми како и повторно користење на веќе постојните уметнички елементи во нови уметнички креации. Тие го воспоставуваат концептот на игра кој во себе го имплементира идното владеење на слободата, но и радикалниот начин кој би извршил притисок на владејачката класа. Таквата политичка борба на ситуационистите го произведе „модернизмот на улицата“ со хепенинзи кои траеја 24 часа, каде што немаше остра граница меѓу набљудувачите и т.н. актери, додека истовремено по својата природа беа ефемерни, без иднина, патемни. Радикалната авангарда за идејата која циклично се повторува, нагласува дека уметноста треба да се ослободи, треба да се пушти на улица, за улиците да станат галерии, а уметноста живот и обратно.

„Арапската пролет“

Револуционерниот бран демонстрации и протести кои го зафатија арапскиот свет, на „развиениот“ западен свет му ги покажа радикалните последици на тоталитарните влади, диктатурата и кршењето на човековите права.

Од 18 декември 2010 година па до денес, една по друга се јавуваа револуциите во Тунис, Египет, Либија (резултираше со пад на владата), Бахреин, Сирија, Јемен, Израел, Алжир, Ирак, Јордан, Мароко, Оман, Кувајт, Либан, Мавританија, Саудиска Арабија, Судан, Западна Сахара. Протестите имаа заедничка стратегија на граѓанско незадоволство изразено во штрајкови, демонстрации, маршови и заеднички собири, користење ги социјалните мрежи како медиуми за организација, комуникација и освестување на јавноста за континуираната репресија и цензура на мноштво нивоа. Египетскиот плоштад Тахрир беше симбол на отпорот не само на Египетската револуција (каде што во 1919, 1952 и 2011 беше простор за борба за слобода), туку и симболички носител на отпорот кој се случува во „надгледуваниот“ јавен простор. Социјалните мрежи ја користат истата стратегија на памфлетите и политичките постери, тие ја докажаа својата моќ за пресврт во комбинација со реалниот простор на улиците и на плоштадите.

„Окупирај го Волстрит“

Низ цела Америка веќе речиси еден месец траат протестите на улиците на сите поголеми градови: Њујорк, Бостон, Лос Анџелес.

Движењето Окупирај го Волстрит беше инспирирано од протестите во Шпанија, а концептот е преземен од постерот кој излезе во 97 број на списанието Adbusters. Движењето беше предводено, оркестрирано и поддржано од независни активисти. Сè почна кога водителите на Adbusters ја повикаа својата мрежа на „културолошки диверзанти“ да го населат долниот дел на Менхетен, да постават шатори, мали кујни и мирољубиви барикади, па на неколку месеци да го окупираат Волстрит. Набрзо фотографиите од акциите се проширија низ социјалните мрежи и многу брзо се организираше open-source платформа за разменување информации и фотографии. По неколку дена, во Њујорк се појавија дури 150 луѓе кои и самите станаа клучни организатори на окупацијата. Иако протестот се претвори во масовно движење со 5 000 луѓе, медиумските могули во Америка долго време го игнорираа неговото постоење. Во мигот кога акцијата на нивниот директен пренос на интернет доби 100 000 гледачи, Министерството за сигурност ги предупреди националните банки.

Мотивацијата на придвижниците на Париската комуна, Ситуационистите, Арапското пролет, но и на протестите низ цела Европа и капиталистичката Америка, всушност е иста: борба против деспотизмот и сè поголемата нееднаквост. Европа беше на првото место по излегувањето на улица во текот на оваа и на минатата година: Атина, Мадрид, Лисабон, Лондон, се само некои од градовите кои, наспроти својата начелна санитаризација, го покажаа субверзивниот потенцијал на улицата. Секако дека таа исклучителна улога ја покажаа и социјалните мрежи, кои ја заменија културата на памфлетите од времето на Ситуационистите. Токму таквата моментална општествена атмосфера докажува дека архитектите и уметниците мораат повторно да ги промислуваат улиците, кои повторно станаа сцена за спонтана политичка рекламација.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

Општество / Европа / Теорија
Општество / Активизам
Општество / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото