Водич за лидери со авторитарни амбиции

20.10.2011 10:34
Водич за лидери со авторитарни амбиции

Најдобри европски практики

Препораки од студија на случај *:

* (Структурата на водичот наменски е неконвенционална: прво препораки, па потоа т.е. на крај референца на земјата на потекло на најдобрата практика)

- Концентрација на моќ во егзекутивата, т.е. во премиерот.

- Контрола, односно „сопственост“ на службите за безбедност и оневозможување парламентарна или каква било друга независна контрола. Злоупотреба на оваа служба за политички цели, при што се користат нелегални методи против политички противници (прислушување, следење, киднапирање).

- Контрола на медиумскиот простор. Притисок врз „анти-владините“ медиуми преку закани од институции чија независност е компромитирана (на пример, јавниот обвинител). Друг ефикасен метод против про-опозициските медиуми е економскиот притисок. Јавниот сервис за информирање, секако, веќе е под целосна контрола на власта, додека голем дел од приватниот медиумски простор е во сопственост на блиски луѓе на премиерот.

- Нарушување на слобода на говор со поткопување на темелите на конструктивна дебата на идеи, и претворање во дебата за кредибилитетот на тој кој се обидува да изнесе мислење, кој е оценуван низ призмата предавник/патриот.

- Упад во автономијата на универзитетите.

- Не почитување на одлуките на уставниот суд.

- Подгревање на меѓуетнички тензии и намалување на правата на малцинствата.

- Делегитимирање на работата на НВО секторот како актер кој ја оцрнува земјата на меѓународна сцена.

- Кампања против претседателот на државата ако припаѓа на различна политичка партија. Еден од методите е негово оцрнување како предавник, заради критикување на владините политики пред домашната и меѓународната јавност.

- Власта и опозицијата меѓу себе не се доживуваат како политички ривали, туку како предавници и закана за земјата. Делегитимирање на опозицијата како нереформиран остаток од комунистичкото време, предавничка струја против осамостојувањето и државните интереси, која поради тоа нема легитимитет и капацитет да учествува во актуелното градење на државата и зачувување на нејзините интереси.

- Политичка сцена е екстремно поларизирана. На едната страна е владејачката гарнитура, која решението на проблемот во односите со ЕУ го гледа во создавање поповолна надворешна слика за земјата преку дипломатски врски, медиумски агенции и рекламни кампањи. Оттука, дел од методите кои се користат имаат за цел да ја ограничат слободата на изразување на оние кои се критични кон владата, при што главниот аргумент е дека го нарушуваат имиџот на државата и нејзините интереси. Другата страна, пак, особено е гласна на надворешен терен, при тоа посочувајќи ги негативните страни на владината политика. Главната причина за критиките од меѓународните институции ја препознава во недемократското владеење, кое нема друга цел освен зацементирање на политичка моќ. Одговорот на владејачката структура на таквите обвинувања е едноставен и краток, дека демократските принципи се почитуваат и политиката е во насока на зацврстување на државниот суверенитет и владеење на правото.

- ЕУ интеграциите се приоритет на државата, но само формално. Критиките од меѓународната заедница се доживуваат како заговор против влезот на земјата во ЕУ, како неосновани и тенденциозни. Недостатоците нотирани од Унијата, според владејачката гарнитура, имаат за цел да ги замаскираат вистинските, нелегитимни, нелегални и пред сè конспиративни причини против влезот на земјата во Унијата, за на тој начин да го оправдаат застојот во интеграциските процеси. Двојните стандарди на ЕУ во однос на земјите членки се особено моќен адут за делегитимирање на барањата на Унијата кон земјата кандидатка. Главниот аргумент кој следи е „штом во друштвото кон кое се стремиме не е идеално, што има кај нас да е подобро“. Реакцијата на критиките на ЕУ се движи во рамки на: негирање на негативна оценка (односно претставување како позитивна); минимизирање на нотираните проблеми; вперување на прстот во ЕУ дека не ја разбира, односно погрешно ја толкува ситуацијата во државата; обвинување на ЕУ за мешање во внатрешните работи на земјата; вперување на прстот кон критичарите на власта или опозицијата како единствените виновници поради кои критиките стојат во извештајот за напредокот.

Земја на потекло на најдобрата практика: Словачка за време на мандатот на Владимир Мечиар, 1994-1998. Овој период на словачката политика, од академската и меѓународната јавност, е окарактеризиран како авторитарно владеење.

П. С. Сите сличности се случајни, освен оние кои не се.

Интересна литература и документи:

American Démarche from the US Embassy’s Press Office
EU Démarche from the EU Council’s Press Office

Kyriaki, Topidi. 2003. The Limits of EU Conditionality: Minority Rights in Slovakia. Journal on Ethnopolitics and Minority Issues in Europe Issue 1/2003

Newton, Brian and Linda Walsh.1999. The Slovak Republic: on the edge of Europe. In Pushing back the boundaries : the European Union and Central and Eastern Europe , edi. Mike Mannin Manchester, 250-276. Manchester University Press.

Pridham, Geoffrey. 2002. The European Union’s Democratic Conditionality and Domestic Politics in Slovakia: The Mećiar and Dzurinda Governments Compared. Europe-Asia Studies. 54 (2): 203-227,

Pridham, Geoffrey.2002. EU Enlargement and Consolidating Democracy in Post-Communist States-Formality and Reality. Journal of Common Market Studies 40: 953-973

Schimmelfennig, Frank.2005. Strategic Calculation and International Socialization: Membership Incentives, Party Constellations, and Sustained Compliance in Central and Eastern Europe. International Organization 59 (4):827 – 860.

слики: Готфрид Хелвајн

Добро би било да се изврши

Добро би било да се изврши една стручна евалуација врз авторот.

ОкоБоли главаВицФото