Раскази од Франц Кафка

04.07.2009 13:24
2549450924_.jpg

Ненадејна прошетка

Кога се чини дека човек најпосле се одлучил вечерта да ја помине дома, кога после вечерата го облекува пењоарот, седнува на маса покрај светилката и почнува да се занимава со онаа работа или игра која откако ќе ја заврши, по навика, си легнува; кога надвор времето е толку лошо, поради што останувањето дома се подразбира само по себе, и кога човек, макар што поминал толку долго време притаен на масата, при што излегувањето од дома би морало да предизвика сеопшто чудење, иако сега скалилата се мрачни, а портата е заклучена – кога човек наспроти сето тоа станува, обземен од ненадејна неудобност, го слекува пењоарот и за миг се појавува облечен за излегување, кога вели дека мора да излезе, па после краткиот поздрав го прави тоа, и веќе според брзината со која ја затвора вратата се здобива со впечаток дека зад себе остава поголема или помала лутина, кога ќе се најде на улица, со зглобови кои со особена подвижност одговараат на оваа неочекувана слобода што им е дадена, кога човек благодарение на оваа единствена одлука чувствува дека во него се збрала сета способност за донесување одлуки и кога на тоа му придава поголемо значење отколку вообичаено, открива дека во него има повеќе сила отколку потреба лесно да ја предизвика и поднесе дури и најбрзата промена, и кога така чекори низ долгите улици - тогаш тој човек таа вечер целосно излегол од кругот на своето семејство кое се губи во небитнината, додека тој самиот, сосем цврст, црн од острите чевли, удирајќи се по колковите, се издига себеси во својот вистински облик. Сето тоа дополнително се засилува, кога човек во оваа доцна доба оди во посета на пријател за да види како е.

 


Враќање

Се вратив, минав низ портата и се обѕирам наоколу. Ова е стариот двор на татко ми. Вир во средината. Стари неупотребливи алатки, натрупани едни врз други го попречуваат патот до таванските скалила. Мачката преде на оградата. Една распарталена крпа врзана одамна за прачка на огледалото, за време на некоја игра, се вее на ветрот. Пристигнав. Кој ќе ме пречека? Кој чека зад кујнската врата? Од оџакот излегува чад, се вари кафе за вечера. Дали чувствуваш дека си во сопствената куќа, чувствуваш ли дека си дома? Не знам, премногу сум несигурен. Да, ова е куќата на мојот татко, но секој дел стои студено прилепен за другиот, како секој од нив да си е зафатен со свои работи, кои дел сум ги заборавил, а дел никогаш не сум ги ни знаел. Каква корист би имале тие од мене, та што сум им јас на нив, па макар и бил син на сопствениот татко, син на еден стар земјоделец. И не се осмелувам да тропнам на кујнската врата, само оддалеку, стоејќи прислушкувам; не дека во улога на прислушкувач некој би можел да ме изненади. И бидејќи прислушкувам оддалеку, ништо не можам да чујам, единствено едно придушено отчукување на часовник или, пак, можеби само ми се присторува дека го слушам, од детските дни. А она што всушност се случува во кујната е тајна на оние кои седат таму, тајна која ја кријат од мене. Што подолго човек се колеба пред вратата, толку повеќе станува туѓ. Што би се случило ако сега некој ја отвори и нешто ме праша? Та, зарем тогаш и јас самиот не би бил како некој кој сака да ја сокрие својата тајна?

 


Ноќе

Потонат во ноќта. Како што понекогаш ја наведнуваме главата за да размислуваме, ете така е целосно потонат во ноќта. Наоколу луѓето спијат. Мала глума, невина самоизмама е тоа што тие спијат во куќите, во цврстите кревети, под цврстиот кров, испружени или склупчени на душеците, во чаршавите, под јорганите - во стварноста тие се собрале како некогаш одамна или малку подоцна од тоа во некој пуст крај, како логор под ведро небо, безброј луѓе во недоглед, војска, народ, под студеното небо на студената земја, фрлајќи се онде каде што стоеле претходно, со челото притиснато на раката, со лицето свртено кон земјата, дишејќи мирно. А Ти бдееш, Ти си еден од чуварите, го пронаоѓаш следниот мавтајќи со запален факел земен од толпата покрај Тебе. Зошто бдееш? Та некој мора да бдее, се вели. Некој мора да биде овде.

 


На пат кон дома

Погледнете каква моќ на убедување има воздухот после невреме! Се појавуваат моите заслуги и ме совладуваат иако јас не се спротивставувам.
Чекорам, а моето темпо е темпото на оваа страна од улицата, на оваа улица, на ова маало. Јас, со право, сум виновен за сите удари по вратите, на чиниите по масите, за сите пијани здравици, за љубовните двојки во нивните постели; за сите удари помеѓу скелињата на новите градби, припиени за ѕидовите на куќите во мрачните сокаци, по отоманите во борделите.
Ги одмерувам моето минато и иднина, но сметам дека и обете се извонредни, не можам да му дадам предност ниту на едното, ниту на другото и единствено морам да ја прекорам неправедноста на судбината која толку многу ме удостојува.
Единствено кога влегувам во мојата соба, единствено тогаш станувам по малку замислен, макар што качувајќи се по скалите не сум се сетил на ништо за што човек вреди да размислува. Не ми помага многу тоа што ширум го отворам прозорецот и тоа што од една градина сè уште се слуша музика.

 

Превод од германски: Бисера Анастасова

 


ОкоБоли главаВицФото