Медитеран ради, Брисел се гради

25.10.2011 13:19
Медитеран ради, Брисел се гради

Преку споредувањето со Југославија, кое го повторува од едно советување до друго и од едно интервју до друго, словенечкиот економист Јоже Менцингер веќе една година ја црта најцрната можна иднина на Европската унија.

Тоа е распад во кој дури и аргументите на оружјето би можеле да ги заменат аргументите како оружје. Тој вели (во интервју за Глобус) дека неконтролираниот распад би водел во „целосен хаос“. Не треба долго да се размислува што би можела да значи оваа синтагма во контекст на повторување на не толку далечната југословенска теорија и пракса. На нашето мрачно минато потсетува и неговата констатација дека „Европската комисија е составена од второкласни политичари“. Ги паметиме ли сè уште сите оние физиономии кои пред распадот на Југославија се состануваа по некогашните Титови резиденции, покажувајќи целосна неспособност на цивилизиран начин да ја спречат галопирачката криза?

Многумина тогаш живееја со некоја чудна мешавина од разум и емоции, која една мудра политичка новинарка своевремено ја опиша вака: „Знаев што ќе се случи, ама не верував во тоа што го знаев...“ Надежта умира последна, гласи изреката која ја опишува цртата на човечката природа. Ако во тоа време Менцингер имал одредени илузии, сега ги нема повеќе. За жал, тоа не може да каже за многу други луѓе, посебно за бројните европски политичари со кратко паметење и тесни интереси. Иако сличностите на поранешна Југославија со денешна ЕУ би требало и ним да им бодат очи.

Развиени и неразвиени

Југословенските републики се разликуваа по степенот на развиеност, па во најекстремниот случај, Словенија беше над четири пати побогата од Македонија. Меѓутоа, постоеше механизам кој требаше да помогне постепено да се намали јазот меѓу богатите и сиромашните. Од посебен сојузен фонд помалку развиените републики добиваа поволни развојни кредити, а од буџетот на Југославија се финансираше одредено ниво општествени потреби (здравство, образование...) на оние кои самите немаа доволно пари за тоа. Па сепак, никој не беше задоволен и сите тврдеа дека другите ги експлоатираат. Развиените сето тоа го доживуваа како камен околу вратот, односно како трошок кој го кочи нивниот развој, додека неразвиените докажуваа дека сета помош што ја добиваат не е ништо во однос на користа која богатите ја остваруваат на нивниот пазар.

Тоа водеше во чести судири и меѓусебни обвинувања меѓу републичките и покраинските политички водства, при што околу секоја реформска одлука се судираа две групации. Неразвиените против развиените. На тој начин проблемите се замрзнуваа наместо да се решаваат, а истовремено се подготвуваше и наѓубруваше тлото за виреење на отровниот националистички коров. На почетокот на 1981 г., ниту една година по смртта на Тито, тогашниот неприкосновен косовски лидер Махмут Бакали ја обвини Југославија дека го експлоатира Косово. Тоа морало да се развива двојно повеќе од просекот на Југославија, а се развивало „само“ 60% побрзо. Се разбира, мерено според БДП, што е единствено реално, тврдеше тој. Еден месец подоцна на Косово избија демонстрации на кои се извикуваше: „Трепча ради, Београд се гради!“. Белград беше симбол на Југославија, која тогаш секој ден му даваше на Косово 2,6 милиони долари. И тоа, не овие сегашниве, туку оние кои беа посилни од денешното евро. Тоа, според многумина, беше првиот тунел ископан под темелите на Југославија по исчезнувањето на Тито од политичката сцена.

Денес во цела ЕУ се извикуваат современите варијанти на истата парола. Унијата, а пред неа Европската заедница, имаше правило дека секоја идна членка мора да оствари најмалку 60% од просечниот БДП на сите останати членки. Но од тоа се откажаа во занесот кој следеше по падот на Берлинскиот ѕид, кога наеднаш сè се чинеше дека е можно и кога политичарите поверуваа дека по обединувањето на Германија на дофат на рака е и остварувањето на сонот за обединета Европа. Во треската на проширувањето, но со посебна цел да се спречи ширењето на руското влијание, Унијата порасна на 27 земји, меѓу кои разликите во развиеноста беа поголеми и од оние во поранешна Југославија. По медениот месец, доволни беа првите знаци да се започне со расправите за тоа кој кого искористува, кој е локомотивата, а кој последниот вагон, кој е работлив, а кој мрзлив итн.

Обнова на европскиот расизам

Според еден, но битен елемент, тие расправии беа дури и полоши од оние во поранешна Југославија. Имено, во нив се обновува стариот европски расизам, за што во Југославија неретко се завршуваше во затвор, додека идните националистички паликуќи беа успешно држени на маргините од општественото влијание. Имено, северот се прогласува за сериозен и внимателен, а југот за мрзлив и неодговорен. Од тоа до теоријата за русите надлуѓе и оние другите кои се валкани, грди и злобни има само еден чекор. Впрочем, германската канцеларка Ангела Меркел тој чекор веќе го направи и со изјавата дека политиката на соживот била погрешна, бидејќи цивилизациските разлики се преголеми. Каква е таа обединета Европа од чии темели е извлечен каменот на соживотот и наместо него е вградена мрачната теорија на американскиот професор Семјуел Хантингтон за судирот на цивилизациите?

Во ЕУ, како и во поранешна Југославија, политичката криза изби пред економската. Сè до појавата на Слободан Милошевиќ, Југославија беше значително порамноправна од Унијата. За сите битни одлуки се бараше консензус, сите републики имаа подеднакво влијание во федерацијата, еднаков број пратеници и други сојузни кадри. На пример, секоја република даваше по 16 амбасадори, без разлика дали стануваше збор за Црна Гора со 600 000 жители, Словенија со два милиони или Хрватска со 4,8 милиони. Во ЕУ таква рамноправност нема, па поголемите имаат пропорционално поголем број гласови и претставници во нејзините тела. За некои и тоа не е доволно, па се бара воведување на „полна демократија“ според принципот „еден човек – еден глас“. Да постоеше пеколот, во некои негови длабочини Слободан Милошевиќ сега би триумфирал.

Југославија се распадна првенствено зашто нејзиниот бирократизиран политички систем повеќе не успеваше да обезбеди ни општествен ни економски напредок. Годините по смртта на Тито изминуваа во брежњевска зачмаеност, а кога конечно беа започнати промени, веќе беше доцна. На сцена веќе се најде националистичката револуција која изроди и друг и поинаков проект.

Испуканите пружини на федерацијата

Ни ЕУ не успева да се соочи со своите недостатоци, и затоа не може да создаде систем кој би овозможил нужни промени. Како прво, напуштање на финансискиот и неолиберален капитализам и наоѓање специфични модели за земји со различен степен на развој. Наместо тоа, наметнати се единствени решенија, од кои заедничките пари, еврото, доведоа до уривање на конкурентноста на низа сиромашни земји, со што разликите уште повеќе се зголемени. Слично како и во поранешна Југославија, неспособноста да се влечат нужните потези се покрива со политички догми. Така, за сегашната политика на ЕУ се тврди дека „нема алтернатива“, а еврото, вели Менсингер, стекна статус кој во Југославија го имаше братството-единството. Всушност, претворањето на некогашната Економска заедница во Унија, нејзините економски темели се заменети со политичкото „братство-единство“.

Како и поранешна Југославија, федерацијата која треба да се „федерира“, значи, постојано да се ускладуваат интересите, и Унијата претставува систем без санкции за оние кои се однесуваат самоволно. Југославија функционираше додека постоеја санкции. Тие се нарекуваа – Тито. Кога тој замина преку Романија (како што напиша Крлежа), испукаа сите пружини. Многу политички и економски аналитичари (интересно, и левите и десните) веруваат дека зајакнувањето на ЕУ како заедничка држава, значи, создавање на Соединети Европски Држави, би бил единствениот можен излез. Постоењето на еден наместо 27 буџети би обезбедило единство на фискалната и монетарната политика, па никој повеќе не би можел да се однесува како Грција. Но како би се делеле сите тие силни пари и како би течеле расправите за тоа? Единствено Менцингер мисли дека наместо зајакнување на централизмот би требало да се олабави сегашната регулација. Како тој да е единствениот што научил нешто од југословенското искуство.

Извор: novossti.com