1030 hPa
80 %
2 °C
Скопје - Саб, 09.11.2024 00:59
Некои лавови се свртени кон војниците кои со штитови и копја го чуваат постаментот на којшто Александар Велики во сјајна бронза седејќи на масивен коњ, се бори против непознати непријатели. Другите лавови исплукуваат сина или виолетова вода во скопското ноќно небо. Одекнува музиката од „Лебедово Езеро“. На плоштадот околу Александар се групирале бројни други „македонски херои“: римскиот император Јустинијан е поставен во близина на реката Вардар, но најголемиот дел од мермерните или бронзените споменици не ги знаат дури ни самите Македонци. Проектот „Скопје 2014“ изгледа како некое дете-џин да ги истурило тука своите Playmobil-играчки од планетата Фантазија.
Сепак, се работи за нешто повеќе: Во еден регион во кој идентитетот во голема мера се дефинира со повикување на историјата, една мала несигурна земја се обидува да ја зајакне својата самодоверба со симболи од „славните времиња“. Градот во кој преовладува социјалистичка архитектура сака да се дефинира себеси како национално македонски град и како град продолжувач на континуитетот на империјалното наследство. Притоа, несмасниот кич симпатично го потиснува патосот.
Водоскоци во реката
Од Вардар извираат водоскоци, зад нив никнуваат овална зграда со столбови и Пантеон со извитоперена форма, додека на другата страна од плоштадот се подигнува триумфална капија. Духовниот татко на овој Дизниленд на историјата на Балканот е премиерот Никола Груевски. Во Скопје некои велат дека Груевски би сакал да го одвлече вниманието од фактот што државата, која само што ја прослави едвај 20-годишнината од своето постоење, веќе подолго време политички воопшто не се придвижува. Како кандидат за ЕУ-членство од 2005 година, Македонија можеше да биде предводник на интеграцијата и добар ученик со оглед на реформските напори. Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, вели дека да беше Македонија денес во ЕУ, ќе беше нето –плаќач (во буџетот на ЕУ). Ќе беше! Чудната кавга со Грција за името на земјата, која сè уште мора да се нарекува FYROM (Former Yugoslav Republic of Macedonia) во меѓународната комуникација – Атина ја оспорува употребата на името Македонија и вложи вето за членство во НАТО – ги спречува сите понатамошни чекори кон ЕУ. Решение не е на повидок.
Ако се погледнат хероите на плоштадот Македонија в очи, многумина изгледаат поприлично очајно. Земјата која брои два милиона жители не само што е непризната однадвор, туку под постојан предизвик е и внатрешниот идентитет – една четвртина од населението се Албанци. Владата во Скопје се надева дека ЕУ кога-тогаш ќе се вклучи во спорот за името како посредник. Но, ЕУ е премногу преокупирана со себеси, а проширувањето е непопуларно. Меѓутоа, некои не го доживуваат спорот со името толку негативно. Министерката за ЕУ интеграции – Теута Арифи – признава дека и во Македонија има економски и политички сили кои воопшто не сакаат членство во ЕУ, бидејќи за тоа би биле потребни повеќе транспарентност и реформи во администрацијата.
Нема промена на името
Министерот за надворешни работи Попоски ја брани позицијата на национално-конзервативната Влада: „Не постои никаква шанса за промена на уставно име на нашата земја.“ Точка. Подготвеноста за компромис би изгледала поинаку. Но, мнозинството од населението го подржува ставот на Владата. Попоски е убеден дека Македонија, за разлика од Грција, ги застапува европските вредности. А Александар Велики на главниот плоштад во Македонија? „Тоа е последица на тоа што ние се чувствуваме загрозени“, вели тој. Нема разбирање за бесот на Грците.
На симболичен начин Македонија се блокира самата себеси, иако реалните проблеми се исклучително сериозни. Европската комисија и граѓанското општество го критикувааат недостатокот на слобода на медиумите.
Најголемата опозициска телевизија А1 мораше да се затвори годинава поради „даночни казни“. Двете најзначајни телевизии се управувани од членови на семејствата на клучни фигури на владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Владата е вториот најголем огласувач на реклами во медиумите. Политичките релации лесно се „отчитуваат“ и во весниците. За да може да преживеат, новинарите се принудени на автоцензура. Вториот најголем лост на моќта на партиите е администрацијата. Дарко Алексов од невладината организација Мост, на пример, раскажува дека ВМРО-ДПМНЕ си обезбеди од „вработени“ во администрацијата составени списоци со имиња на членови на нивните семејства, за да ги бара по телефон и да ги „поттикне“ да одат на гласање. Излезноста на парламентарните избори на 5 јуни од 63% беше релативно висока.
Вицепремиерката Арифи признава дека и нејзината партија, албанската фракција ДУИ, е дел од клиентелистичкиот систем. „Ќе дојде денот кога ќе мора да се решиме дали ќе ги следиме европските вредности“, вели таа. Инвазијата на херои во Скопје очигледно не ѝ се допаѓа: „Би требало да се ориентираме повеќе кон иднината наместо кон минатото“. Сепак, и Албанците си ги побараа своите херои. Копија на скулптурата на Скендербег од Тирана веќе отпоздравува од османлиската чаршија во насока кон Александар Велики.
Извор: eu.kauza.mk
(Оригинален извор: DER STANDARD, 25.10.2011)
Превод од германски: Наташа Јованова
А зошто би имало разбирање за
Испратено на 29 октомври 2011 од Гуштер РистовА зошто би имало разбирање за бесот на Грците. Тие имаат ли разбирање за некоја наша емоција?