Подобро гроб отколку роб

27.10.2011 14:59
Подобро гроб отколку роб

Се чини дека коцката е фрлена и дека останаа да се дефинираат само деталите. Се оди на големо кратење на грчкиот долг, што е истовремено добар и лош расплет.

Добар, зашто нè спасува од долгот кој стана неподнослив. Лош, зашто таквото простување на долгот или реструктуирањето, како што го нарекуваат, претставува контролиран банкрот, дури и ако се преземат мерките кои ќе ги спасат грчките социјални и пензиски фондови и банкарскиот систем. Овој банкрот ќе ја обележи земјава во годините што доаѓаат.

Она што владата го избегнува од почетокот на кризата е да им објасни на граѓаните дека грчката трагедија не се заснова на висината на долгот ниту во процентот со кој учествува тој во грчкиот БДП. Постојат држави кои се во полоша состојба од нас. Главниот проблем е во тоа дека земјата престана да произведува онолку колку што ѝ е потребно за да се „прехрани“. Во таква ситуација, припаѓањето кон еврозоната само го влошува проблемот. Но дури и националната валута да беше грош, грчкиот балон мораше да пукне, без разлика што мислат за тоа големите патриоти и љубители на драхмата.

Значи, добрата вест е дека ќе заврши кинеското измачување на кое населението на оваа земја е изложена повеќе од една година, трпејќи една строга мерка по друга. Лошото е во тоа што токму тоа ќе започне нови маки. Во претходниот период, стравот на големите европски сили, но и САД, беше дека простувањето половина долг или т.н. кратење на долгот ќе биде сфатено како „кредитен инцидент“ кој не само што на Грција ќе ѝ оневозможи да бара нови кредити туку и ќе се прошири како домино-ефект низ цела Европа.

Сè што се работеше во претходниот период, од постојаните заеми за Грција, преку механизмите за поддршка, до познатиот договор од 21 јули, за главна цел имаше заштита на француските и германските банки, а сигурно не спасување на Грција. Сега се чини дека Меркел и Саркози заклучиле дека грчкото заздравување е невозможно и дека парите се фрлаат во дупка без дно. Значи, потребно е да се преземат мерки за да не се прошири епидемијата. Бидејќи судбината на Грција не ги интересира претерано, ним не им е важно како ќе го наречат ваквиот банкрот. Накратко, останавме сами со својата судбина.

Тоа изгледа отприлика вака: некој на банката ѝ должи кредит за стан чиј износ е толку висок што не може да го плаќа, и банката ги презема неговите рати. Во одреден миг банката носи одлука дека дотогашниот договор за преземање на ратите не ѝ е во интерес и дека повеќе ѝ се исплаќа да му прости на должникот 50% од долгот. Невработениот должник повеќе нема над својата глава банка која ќе му кажува што да прави и како да прави, но ќе мора да се погрижи да ги плаќа ратите од својот кредит, сега без помош.

Постојат две можни сценарија кога станува збор за иднината на земјата. Најмалку лошо е „португалското“: преку мачниот механизам на внатрешен пад на валутата, да се спуштат цените, пензиите и платите толку што Г700 (генерацијата чија минимална плата изнесувала 700 евра) ќе ни изгледа како сладок спомен од златниот период на Грција. И тоа под услов земјава да не експлодира од огорченост и бес туку напротив, да почне да троши помалку од своите приходи и на тој начин да го стави долгот под контрола.

Полошото сценарио е „нешто помеѓу Бугарија и Албанија“: државата ќе се најде без готовина и нема да исплаќа плати и пензии, што ќе доведе до уште поголем хаос од оној од претходното сценарио. Во овој случај, единственото можно решение е печатење национална валута. Тоа најверојатно е и намерата на Меркел: Грција да не се исфрли од еврозоната, бидејќи со договорот тоа не е предвидено, но да биде приморана самата да ја напушти.

Во овој миг не гледам можност за некое подобро сценарио. Тоа би подразбирало Европа да се ослободи од својот неолиберализам. Но за такво нешто сè уште не дошло време. Постојат навестувања дека ќе има промени во однос на времето кога богатите стануваа побогати, а сиромашните посиромашни. Едно такво е движењето „Окупирај го Волстрит“. Но тие промени се неизвесни, а Грција нема ни пари ни време да чека на нив.

Според Ленин, треба да се исполнат две основни претпоставки за земјата да се најде во предреволуционерна состојба: „оние горе“ повеќе не можат да владеат како што владееле, а со „оние долу“ повеќе не може да се владее како што дотогаш се владеело. Во Грција и обете претпоставки се исполнети: ѓубрето во кои се задушува Атина, сè почестите блокади на училиштата и универзитетите итн. ја покажуваат целосната немоќ на државата да обезбеди основно функционирање на општеството.

Но во нашиов случај недостасува еден услов за успех на секаква револуција: постоењето алтернативен предлог за владеењето и фактор кој би можел да го спроведе тој предлог. Левицата не успеа да дефинира радикална и истовремено модерна програма која би можела да ја избави земјата од замката во која се најде. Најголемиот број припадници на левицата непрестајно се занимаваат со демагогија, во обидот да соберат некој глас повеќе, и не гледаат подалеку од својот нос. Левицата не сфаќа дека од оваа приказна како победник ќе излезе крајната десница која мавта со знамињата на редот, мирот и законот.

Сево ова не значи дека надоаѓачката социјална експлозија нема да биде оправдана. Таа има реални причинители и ќе биде херојска. И безнадежна. Најпосле, не се ни очекува ништо помалку од општеството кое, за разлика од – на пример – португалското – од мали нозе ги учи своите граѓани дека е „Подобро славно да се загине одошто да се биде кукавица засекогаш“.

Стелиос Кулоглу е грчки писател и новинар.

Извор: Tvxs.gr

Цртежи: Џејми Шовлин

скелетите се менуваат како

скелетите се менуваат како одела, да информирам. костурот на пример кој што го користеле преку ден се извлекува целосно преку вилицата и се става во орман, a друг костур се уметнува од под дупката на пупакот и од под ножните нокти, нешто како јорган кога се навлекува у постелнина чаршав. за разлика од кучињата кои јадат коски, овие луѓе јадат кучиња и тоа живи, неизмиени, влакенсти. џукелите претаат некое време во стомаците на овие суштества, но, смирено го прифаќаат своето ново живеалиште. да беше тука присутен еден од членовите на одредот за уништување на капиталистите, ќе ја објаснеше технологијата на комбинирањето на скелети од разни влекачи и суштества за потребите на клептократскиот капиталистички клер, во недостиг на прави скелети.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото