Крокодилски солзи за полковникот

27.10.2011 16:04
Крокодилски солзи за полковникот

Тажни крици ја исполнуваат целата руска земја. Руските чиновници и политичари одеднаш почнаа страшно да го жалат полковникот Гадафи, зашто ете: го убија без судење и истрага. А можеа да му судат, ако не пред да го фатат, барем потоа. За полковникот подеднакво страдаат сите вработени во државните и пара-државните установи, од г. Слуцки, заменик на кабинетот на Думата за меѓународни односи, до г. Шевченко, непомирлив борец против светската ционистичка завера и истовремено восхитен обожавател на Вермахтот.

Оваа дружина плачковци може да се подели во неколку групи. Првата страда заради тоа што полковникот е убиен по кратка постапка, зашто над неговото мртво тело се потсмеваа и затоа што низ цел свет јавно е покажано тоа. Тоа само зборува за тоа дека бунтовниците ништо не се подобри од Гадафи и неговите приврзаници. Но, во истиот миг неизоставно се наметнува едно многу едноставно прашање: ако противниците, од морална гледна точка се однесуваат еднакво, дали тогаш има смисла некого да се жали?

Втората група силно ја нервира тоа што ликвидацијата на либискиот диктатор беше можна само со помош на НАТО, кој со својата воена интервенција им помагаше на бунтовниците и така ја направи бесмислена повелбата на Обединетите нации. Освен тоа, лидерите на западните земји, а особено оние кои толку весело заиграа со либискиот тиранин, беа животно заинтересирани ова убиство да се изврши колку што е можно побрзо. Освен тоа, Западот со убиството на Гадафи разработи систем со кој во иднина ќе може да ги ликвидира сите за него несоодветни државни поглавари.

Третото тажно друштво тагува затоа што Русија, сега лишена од вонредните договори потпишани со Гадафи, ќе изгуби милијарди долари.

Од сите наведени, обвинувањето на првите веројатно е најсериозна. Убиството на тиранот и она што потоа следеше остави навистина одвратен впечаток. Руските плачковци по Гадафи упорно и трудољубиво се трудат да ни наметнат една проста мисла. Со оние дивјаци какви што се Либијците само така и можеше да се управува. Тие се во состојба да ги разберат само варварските методи кои ги користеше покојниот полковник. Меѓутоа, оваа група на од тага скршени луѓе изгледа дека заборава на жалниот факт дека со Гадафи се пресметаа истите луѓе на кои со сите бесмислени будалштини од Зелената книга и неопеаните глупости за џамарахија со децении им е перен мозокот. Како и да се жигосаат неговите убијци, би се рекло дека тоа е залудно, зашто ако го парафразираме О’Хенри, полковникот всушност го стигна и го испрати во гроб професионалната болест на сите диктатори, широко позната под името – калибар 7,62. Овој „сакан водач“ до таа мерка му здодеа на својот (исто така сакан) и на себе подреден народ што им преостана само една единствена можност, а тоа е без каква било истрага и суд да го средат и така конечно да се спасат од него.

И навистина, во голем број земји владеат доживотни водачи користејќи разни, а често навистина ѕверски, методи. А земјите на Западот се принудени да се приспособуваат на ваквата состојба на нештата и да ги прифаќаат онакви какви што се. Но, со еден исклучок. Тоа е можно само (и сега преминуваме на втората група обвинувања) додека гореспоменатите диктатори не почнат да вршат геноцид врз сопствениот народ; додека не почнат, како Гадафи, да фрлаат бомби врз цивилните жители, додека не почнат, како Асад, со тенкови да пеглаат голораки луѓе. По ирачкиот срам и по очигледните несреќни промашувањата во Авганистан, западните лидери со сите сили се трудат во меѓународните односи да не применуваат воена сила. И иако заради тоа стана видно незадоволството на официјален Вашингтон, „арапската пролет“ се случи веднаш откако Барак Обама објави откажување на САД од активната политика на мешањето во туѓите работи, односно дека Америка веќе нема намера со своето активно воено учество да го потпомага воведувањето на демократијата во други земји од светот.

Ако нештата ги означиме со нивните имиња, за САД и за нивните западноевропски сојузници бунтот на широките арапски маси повеќе е непријатно изненадување и причина за загриженост отколку факт на кој треба да му се радуваат. Сите авторитарни владетели симнати од влас проверено беа лојални на Западот. Дури и на Гадафи му го простија гревот за организирање на експлозијата во патничкиот авион над Локерби. Од гледна точка на реалната политика, поддршката на бунтовниците беше вистинска лудост, зашто со нивното доаѓање на власт тешко дека може да се очекува нешто добро за западните демократии. Меѓутоа, друго решение немаше, зашто (сега веројатно ќе ве насмеам) јавното мислење во западните земји од своите политичари бараше да направат нешто и да ги запрат масовните убиства. Бидејќи ни САД, а ни земјите од Западна Европа го немаат г. Чуров во своите централни изборни комисии, па иднината на тамошните политичари зависи исклучиво од расположенијата на нивното јавно мислење. На Сојузниците не им преостана ништо друго освен да извршат воена интервенција во Либија. САД дури се однесуваа многу резервирано кон воената интервенција против Гадафи, па своето учество во ограничија само на поддршка од заднина. Можеби затоа целата операција траеше толку долго. И сега кога Гадафи е убиен и кога бунтовниците со помош на авијацијата на НАТО извојуваа победа, нема никакви гаранции дека победниците ќе дејствуваат на тој начин што ќе ги поддржуваат интересите на западните земји. Исто така, нема никакви гаранции дека по револуцијата во Тунис и во Египет, на власт во овие земји ќе дојдат прозападни сили, а не радикални исламисти. Но, и покрај тоа, западните влади немаат многу избор, зашто основните принципи на нивното дејствување ги одредуваат интересите на САД и на нивните сојузници, по овој распоред.

И на крајот, третата група плачковци страда исклучиво затоа што толку нагло се изгубени и занемарени руските интереси во овој регион. За време на последните бурни случувања во Либија, демек исчезнаа неколку стотина лесно преносливи против-воздушни ракетни системи кои уште Советскиот сојуз му ги испорача на Гадафи и сега, кога терористите го поседуваат ова оружје, целата одговорност неизоставно ќе падне врз Москва. Освен тоа, новите либиски власти со црн фломастер ќе ги пречкртаат овие вонредни договори кои полковникот неодамна ги потпиша со Москва. Владимир Путин на Гадафи му го прости советскиот долг од повеќе од четири милијарди долари, во замена за одличен договор. Русија потпиша договор за подготовка на нафтените наоѓалишта за експлоатација, за изградба на железничка пруга и, најглавно, за купување оружје за две милијарди долари.

Треба да се каже дека претставниците на либиските бунтовници сега за сега не раскинаа ниеден од споменатите договори, но нема ни цврсти гаранции дека тие ќе се реализираат. Како одговор на ова кукање, може да се каже само едно: кога правиш договор со диктатор, на страната на ризикот мора да се вклучи и ставката која предупредува дека диктаторот може да биде симнат од власта. Треба да умееш да ги избираш вистинските партнери, а не да лиеш крокодилски солзи...

Извор: Ежедневный Журнал

ОкоБоли главаВицФото