Само за сопствениците на автомобили

28.10.2011 12:16
Само за сопствениците на автомобили

Подвижноста и превозот ги обликуваат нашите животни опции и простори. Пред глобализацијата, градовите во Индија и Кина превенствено беа градови на велосипедисти. Денес, Делхи, Бангалор и Калкута доживуваат преобразба од градови дизајнирани за одење и велосипеди во градови дизајнирани за коли. Наспроти тоа, некои градови како, на пример, Копенхаген, чии дури 55% од граѓаните возат велосипед секој ден, го промовираат возењето велосипед и со тоа станаа модел за одржлива мобилност.

Брошурата со наслов „Град на велосипедисти“ која ја дели Градот Копенхаген, вели: „За време на посетата на некој нов град инстиктивно го креваме погледот нагоре, барајќи големи споменици кои го одредуваат местото. Овде, во главниот град на Данска, култната скулптура на Малата сирена веќе со десетлетија ги наведува посетителите да го кажат истото: ’Но, таа е толку мала’. Во тоа лежи клучот за разбирање на Копенхаген. Видете, Малата сирена не е мала. Таа ја има величината на животот, исто како и градот кој е нејзин дом. Ако сте во потрага по спомениците во Копенхаген, не гледајте нагоре. Погледнете околу себе, на ниво на улицата. Нашиот најголем споменик е движењето. Тоа е масовно, постојано и ритмично наследство од големината на животот. Протокот на населението на Копенхаген на велосипеди кој никогаш не престанува е налик на симфонија на човековата моќ“.

Велосипедот, а не автомобилот, е најмодерното превозно средство бидејќи ќе го преживее недостигот од нафта и не испушта гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина. 14% од емисиите на вакви гасови доаѓаат од сообраќајот. Велосипедот не загадува бидејќи зависи од обновливата енергија на човекот, а не од фосилните горива.

Барањата на автомобилите за суровини не се ограничени само на фосилните горива кои ги користат за придвижување. Колите имаат безграничен апетит за нафта. Исто така, тие имаат неограничен апетит за метали како челикот и алуминиумот, како и за други материјали кои се користат во нивното производство – за железните руди и алуминиумот мораат да се отвораат рудници, да се сечат шуми, да се преселува локалното население. За да се намалат трошоците и да се зголеми добивката, рударството сè повеќе се префрла во Третиот свет.

Во Индија индустријата за челик и алуминиум не започна војна само против природата, туку и војна против локалните заедници. Мештаните се противат на вадењето боксит од нивната света планина Нијамгири, а во Калингананара, во државата Ориса, мештаните ѝ се противат на железарницата на ТАТА каде што во 2006 г. беа убиени 13 лица, а едно бешпе убиено во 2010. Фабриката Нано на ТАТА не можеше да биде отворена во Сингур во Западен Бенгал, па затоа беше преместена во Утарканд, каде што илјадници хектари плодна земја му беа одземени на земјоделскиот универзитет за потребите на фабриката за автомобили.

Колата бара и земја за возење и паркирање. Културата на брзината бара побрзи патишта и автопатишта. Автопатиштата ги уништуваат домовите, селата, фармите и шумите.

Автомобилите го менуваат изгледот на селата и градовите. Хитлер го прогласи Автомобилскиот закон на германскиот Рајх за преку централизирана контрола да овозможи изградба на автопатишта. Индија во 2003 г. го воведе Законот за автопатишта со цел да постигне слична централизација и концентрација на моќта.

И во Германија и во Индија патиштата „само за автомобили“ ги заменија плурализмот и демократијата во сообраќајот. Германскиот меморандум ги означи руралните области како најголема пречка за автомобилот: „Се очекува да ја дели улицата со запрежни коли, велосипеди и пешаци... Модерниот концепт на сообраќајно инженерство предвидува воведување мрежа специјални автопатишта кои би служеле за потребите на долгите патувања и кои би ги користеле најбрзите коли (за кои и се наменети)...“

Низ цела Индија бев сведок за уништувањето на старите населби во нашите древни градови поради проширување на патиштата за далечни патувања. Проширувањето на патиштата за автопатишта ги отстранува нашите древни дрвја кои пружаа сенки долж нашите древни патишта.

Фикусот е свет вид во нашата економија на биоразличност. Стеблата на фикусот се садени долж патиштата за да пружаат сенки. Во случај кога патот треба да се прошири, улицата го заобиколуваше стеблото, а тоа не се сечеше. Меѓутоа, денес поради изградба на автопатишта се сечат милиони свети стебла од фикус посадени стотици години порано.

Автомобилот создава насилство над Земјата и над човечката заедница. Велосипедот и велосипедските рикши се ненасилни системи на подвижност кои создаваат работни места и воздржување.

Автопатот и автомобилот се ултимативни културни симболи на неодржливоста и еколошката исклучивост. На нашите патишта порано имаше место за кравите, коњите, камилите, слоновите и колите. Сега ги повластуваме само сопствениците на колите. Светата крава исчезна од улиците на Делхи.

Рикшите и количките, крајниот израз на мобилноста која е пријателски настроена кон климата зашто не употребува фосилни горива, мораат да бидат забранети за да се „исчистат“ улиците и да се направи место за автомобилите и моторните возила.

Велосипедот и велосипедските рикши создаваат споделен и колективен напредок. Колата создава просперитет, придвижуван од консумеризмот, за помалку од 1% од населението за земјите како Индија.

Се предвидува дека во периодот 2006-2011 г. Индија ќе биде најбрзорастечки производител на коли меѓу дваесетте земји кои се најголеми произведувачи. Исто така, Индија наскоро ќе биде извозно одредиште за автомобилите. Bloomberg, агенцијата за вести од економијата, го опишува тоа како „заработување на автомобилската страст на нацијата“, но исто така признава дека „нацијата“ во случајот претставува само 0,7% од вкупното индиско население. Во Индија само седум луѓе од илјада поседуваат сопствен автомобил во споредба со 450 во САД и 500 во Европа. „Пазарот“ не се 1,2 милијарди Индијци, туку оние 216 милиони припадници на средната класа.

1% од индиското население ја краде мобилноста на останатите 99%, а често и животите кои порано ги воделе.

Според податоците на Институтот за образование за патен сообраќај, на индиските патишта секојдневно гинат над 230 лица, а се случуваат и над 3500 тешки повреди. Стапката на смртност во сообраќајните несреќи во Индија е 140 на сто илјади лица. Повеќето загинати се на возраст меѓу 15 и 44 години. Индија има 1% моторни возила, но 6% сообраќајни несреќи. Несреќа во сообраќајот се пријавува на секои три минути, а 100 000 луѓе се убиени по улиците и патиштата низ Индија секоја година, повеќе одошто во која и да е друга земја. Најмногу сообраќајни несреќи има на националните и државните патишта, а тешките возила како автобусите и камионите се одговорни за 43% од нив. Да процениме дека уште 6 милиони ќе умрат, а 60 милиони ќе бидат повредени во следниве десет години во земјите во развој. Доколку не се делува превентивно, на Индија ќе отпаднат 30% од овие несреќи.

Велосипедот е симбол на мирот, еднаквоста, демократијата, одржливоста. Колата е симбол на насилството, нееднаквоста, диктатурата и неодржливоста. Она кое ќе го одбереме од овие две нешта, ќе ја определи нашата иднина.

Вандана Шива е позната филозофка, еколошка активистка, екофеминистка и авторка на неколку книги со еколошки теми. Добитничка е на низа признанија, меѓу кои и на Right Livelihood Award, која често се нарекува алтернативна Нобелова награда.

Извор: The Asian Age

Убав текст. Точак rulez!

Убав текст. Точак rulez!

ОкоБоли главаВицФото