1009 hPa
82 %
11 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 08:59

Една од моите последни посети на кафулето се случи едно лето, во недела, добро се сеќавам, бидејќи речиси сите беа без палта и вратоврски, и помислив дека можеби сепак не е недела. И токму зашто го помислив тоа и ја запомнив посетата.
Седев на една од централните маси, а околу мене седеа луѓе и јадеа колачи или сендвичи, и ретко имаше повеќе од еден човек на маса. Изгледаше прилично осаменички, и бидејќи веќе подолго време немав поразговарано со никого, немав ништо против тоа да разменам неколку зборови со некого. Но, колку повеќе ги проучував лицата околу себе, толку тоа ми се чинеше сè потешко, небаре сите беа без погледи; светот навистина станал депримирачки. Но, веќе ми се беше врежало в глава дека би било пријатно некој да ми упати неколку зборови, па продолжив да размислувам – тоа е единственото што помага. По некое време знаев што треба да сторам. Го испуштив паричникот на подот и се преправав дека тоа се случило сосем случајно. Лежеше покрај столот, сосем воочлив за оние неколкумина кои седеа околу мене, и забележав многумина кои го гледаа под око. Мислев дека еден, или можеби двајца од нив, ќе станат да го кренат и да ми го дадат – сепак јас сум стар човек – или да ми довикнат, на пример: „Го испуштивте паричникот на подот!“ Бидејќи човек никогаш не престанува да се надева, и од колкави само разочарувања би можел да се поштеди себе си. На крајот, по неколку минути ѕиркање и чекање, се направив дека божем случајно сум открил дека ми паднал. Не се осмелив да чекам понатаму зашто се плашев дека некој од овие луѓе, кои ме гледаа под око, ненадејно ќе скокне, ќе го зграпчи паричникот и ќе избега низ вратата. Никој не можеше да биде сосем сигурен дека во него нема пари; се случува да има стари луѓе кои не се сиромашни, кои се дури и богати; таков е светот, оние што краделе во својата младост и најдобрите години, за тоа уште бидуваат наградени и во староста.
Значи, такви станале луѓето во кафулето, барем јас толку научив, а човек учи додека е жив; којзнае зошто тоа е добро, баш пред да умре.
Кјел Аскилсен (1929) е норвешки романсиер и раскажувач, според многумина, најзначајниот жив норвешки писател. Тој важи за мајстор на краткиот расказ, „писател над писателите“, како што го нарекуваат одредени критичари. Типични теми за неговите приказни се оттуѓувањето и емоционалната изолација. Досега објавил два романа и осум збирки раскази. Расказот што го пренесуваме е земен од неговата збирка „Последните записи на Томас Ф. упатени кон јавноста“ (1983).
Илустрација: Хуан Калос