Меланхолија

28.10.2011 14:54
Меланхолија

Иако дел од неговите колеги уште тогаш го сметаа за блефер и иритантен позер, Данецот Ларс фон Трир со серијата филмови снимени меѓу 1991 г. (Еуропа) и 2000 (Танц во мракот) стекна култен филмофилски статус, неспоредлив со ниеден европски автор од поново време.

Екстравагантни, манипулативни и паметни, неговите филмови од тој период беа доволно интересни да се пробијат низ медиумскиот густеж, но и доволно уметнички да го споредуваат со Бергман. Што е уште поважно, филмовите на Фон Трир од тој период ја антиципираа и ја турнаа глобалната поетичка промена во филмот, од стилизираните, цитатни постмодерни „Елементи на злосторство“ и „Еуропа“ до „догматски“ валканите сировости на „Кралства“ и „Идиоти“. Во тој период Фон Трир навистина создаваше светски филмови.

Романтичарски клишеа

Меѓутоа, сето тоа исчезна во следниот век. Изминатава деценија данскиот филмски гуру ја помина или произведувајќи неинспиритивни и сосем непотребни филмови како „Шеф на сево ова“ и „Антихрист“, или борејќи се со депресијата која неколку години го затвори дома и го направи целосно неактивен. А потоа – во склад со најлошото романтичарско клише за уметникот кој се храни со совјата беда – Фон Трир ја претвори таа депресија во орудие за создавање. Ја зеде депресијата како тема и го сними „Меланхолија“, својот несомнено најважен и најдобар филм за последниве десет години.

Снимен во романтичарскиот дворец Tjolöholm во Шведска, „Меланхолија“ ја следи големата и богата буржоаска свадба. Невестата Џастин (Кирстен Данст) е успешна млада жена, навидум еуфорично весела, но во суштина тежок депресивец. Младоженецот (Александер Скарсгард) е горе-долу кукла, убавец. На свадбата се дојдени пријателите, деловните партнери, семејството, но и семејството на Џастин: циничната и сурова мајка (Шарлот Рамплинг), добронамерниот татко (Џон Хурт) и сестрата Клер (Шарлот Гинзбург), мајка на две деца и мажена за тврдоглавиот позитивист и оптимист Џон (Кифер Сатерленд).

Загадочната планета

Поради изливите на депресија од страна на Џастин, свадбата се претвора во низа непријатни, апсурдно комични скандали. Следното утро по тој дебакл, Џастин останува сама во дворецот со сестра си, нејзиниот сопруг и децата. Истовремено, на планетата Земја ѝ се приближува загадочната планета Меланхолија која расте на небесниот свод. Гледачот на филмот веќе знае дека Меланхолија ќе ја уништи Земјата, бидејќи тоа го видел во воведниот дел. Но самите ликови не се сигурни во тоа, а рационалниот Џон ги уверува дека научниците потврдиле дека не постои опасност. Сепак, спротивно на најавите, Меланхолија продолжува да ѝ се приближува на Земјата.

Филмовите на Фон Трир отсекогаш почивале на напнатоста меѓу сировиот, нестилизиран веризам и неговата склоност кон сликовитото, грандиозното, романтичарското. Во „Меланхолија“ тоа повеќе го нема: од првата минута таа е дел од незаузданиот стилизиран неоромантизам, а уште првата воведна сцена во филмот – крајот на светот проследен со Вагнеровата увертира на „Тристан и Изолда“ – се наоѓа на самиот раб, ако не и преку работ на кичот. Меѓутоа, оваа патетична грандиозност кај Трир има фина контра во жестоката, црна иронија. Првиот дел од филмот со свадбата е болен, но и апсурдно смешен, и се доживува како најдобра мешавина од Глембаеви и Буњуел, Бергман и Фејдо.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Две сестри

На половина од филмот Фон Трир без многу двоумење ги „отстранува“ сите излишни ликови и ги остава двете сестри, со поглед вперен кон небото, да го очекуваат крајот. Грижливата и трезвена Клер пука по сите шевови, а депресивната Џастин станува цврст стоик. Кога си депресивец, како да поентира Трир, ниедна лоша вест не може да биде полоша од она што веќе е.

На оние кои не го сакаат Ларс фон Трир верувам дека и сега косата ќе им се крева од манипулативноста и суровиот садизам во „Меланхолија“. Но, оние кои ги сакаат неговите филмови, во „Меланхолија“ можат да уживаат во она што е најдобро кај него: мешавината од мизантропски хумор и романтичарска помпа, интелигентни злоби и пубертетска раскалашеност.

Извор: jutarnji list

Што зборува другаров Павичиќ?

Што зборува другаров Павичиќ? „Антихрист“ бил неинспиративен и непотребен филм???!!! „Мелнахолија“ најважен и најдобар филм на фон Трир во последните не знам колку години???!!! А „Танчерка во мракот“, „Догвил“???!!!

Исклучително лоша рецензија. Изклучително и неминовно!