1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Роден во 1957 во Лондон како Џон Сајмон Ричи, израснува во баксузни околности. Татко му, стражар на Бакингемската палата, го напушта семејството, кое напорно се бори за егзистенција и често се сели. Извесно време живеат на Ибица. Во 1965, малиот Џон добива очув, Кристофер Беверли, кој за беља набргу умира. Мајка му пак, хипик, станува дилер и зависник од хероин. Сето тоа остава трауми врз емотивното момче, тогаш различно од медиумскиот лик во кој се претвори подоцна!
По неколку безуспешни менувања училишта, се скрасува на колеџ за уметност и фотографија. Малкумина знаат за неговото ликовно творештво. Таму се спријателува со Џон Лајдон (Џони Ротен), кој му го наденувa прекарот Sid Vicious (Сид Злобниот) според Лајдоновиот хрчак, инаку именуван по Сид Берет од ним омразените Пинк Флојд и според "Vicious", песна од ним омилениот Лу Рид.
Како реакција на општествената криза и зачмаеноста на музичката сцена во 70-тите, се раѓа панкот. Негов битен дел се и шокантните модни креации на Вивиен Вествуд, кои се продаваа во авангардните бутици водени од вештиот Малколм Мекларен. Под негова менаџерска палка се формираат Секс Пистолс. Нивниот етос дека „секој може да свири“ го инспирира Сид да стане вокал и саксофонист во Флауерс оф Роменс и тапанар на Сузи енд д Беншиз. Повлеченото дете „откачи“, почна да „фура“ екстремен имиџ и да прави насилни екцеси!
Кога, поради недоразбирања, Глен Метлок е шутнат од Пистолси, Сид влегува како замена. Според “cash from chaos” доктрината на Мекларен, разузданиот Сид е „д рил шит“, права инкарнација на фазонот кој Мекларен сака да го продаде, а згора на тоа, Сид е и секси! Сидовата кожна јакна е референца до стариот добар R’n’R од 50-тите, па некои го нарекуваат „мрачната страна на Елвис“ или Џемс Дин, ако сакате. Можеби пак Сид е реинкарнација на рокабили легендата Еди Кохран, чии песни успешно преработуваше? Дел од Сидовиот имиџ е и синџирот со катанец, подарок од Криси Хајнд од Притендерс и маицата со кукаст крст, чија цел е шокирање старци, но не и промовирање неонаци политика! Та самиот Мекларен е Евреин (по мајка), а и Сидовата љубов - Ненси. Впрочем, Пистолс го плукаа системот нарекувајќи го “fascist regime”, а Сидовиот претходник, Метлок, носеше маица со Маркс.
Но Мекларен има 1 маал проблем: Сид не знае да свири. Тоа е соломонски решено у стилу „Не е битно - ќе научи“ во што помага Леми од Моторхед. Со влез во шоубизнисот, почнува и Сидовата пропаст. Станува роб на имиџот, од него се очекува да ја оправда медиумската претстава за "bad ass" - да тепа, крши и прави мајмун од себе, иако во суштина бил кревок. Притисокот го лечи со дрога, со која уште во раната младост го запознава мајка му, со која тој е силно сврзан. Наскоро се појавува нејзината замена - Ненси, 19 г., психопат и groupie од Пенсилванија, инаку пријателка со Блонди и Рамонс од сомнителните клубови на Њујорк (патем, во тоа време таму се мува и младата Мадона, а и советскиот дисидент Лимонов, кој подоцна забега во екстремизам, па како гостин на Радован Караџиќ со митралез го гаѓаше Сараево). Сид и Ненси стануваат неразделни, со неа тој губи и невиност.
Како некакви панкерски „Ромео и Јулија“ тие зачекоруваат во нови перспективи - во мајчината. Под нејзино влијание, Сидовото уживање хероин драстично се радикализира, а со тоа и јавните екцеси. Затоа Ненси е омразена од останатите Пистолси, како што и Јоко беше семе на раздор во Битлси. Следи хаотична турнеја низ САД, на која Ненси е спречена да дојде, за Сид да се држи подалеку од дрога. Но тој продолжува со скандали и во САД, каде дури е претепан од самата публика. На Ротен му е смачено од тензиите во бендот, од Сид и од махинациите на Мекларен и ги напушта. Останатите земаат учество во филмот „Големата рокенрол измама“, кој инаку содржи сцени со Сид и Ненси снимени во Париз. Пистолс се распаѓаат, Малколм ги лапа парите, членовите на групата започнуваат нови проекти.
Сид и Ненси одат во Њујорк во боемскиот хотел Челзи, каде имаат престојувано Дилан Томас, Гинзберг, Керуек, Буковски, Кјубрик, Артур Кларк, Боб Дилан, Џенис Џоплин, Леонард Коен, Том Вејтс и др. Некои од нив и починале таму, правејќи ја „куќава на духови“ идеална за лудиот пар. Со Ненси како „менаџер“, Сид гради соло кариера документирана на албумот "Sid Sings”. Започнуваат и неуспешна терапија. Безмерното дрогирање почнува да си го наплаќа данокот, Ненси се проституира, при што Сид некогаш и набљудува! Поради рација, во околината снемува хероин, парот запаѓа во криза и караници.
Утрото на 12.10.1978, Ненси е најдена мртва. Сид, тогаш мамурен од нарко-сеансата претходната ноќ, е приведен. Дали тој е извршител на убиството или можеби дилерите кои ги посетиле ноќта? Едниот од нив е Рокетс Редглер, познат њујоршки лик, актер во филмови на Џармуш, Скорцезе и во првиот со Мадона, инаку роден од 15-годишна мајка-зависник. Редглер отфрла вмешаност и дава крајно бизарни, но непотврдени теории околу убиството. И другиот, Стив Чинчоти, ги демантира обвинувањата. Сид пак, низ плач контрадикторно изјавува, те ја убил, те било несреќен случај, те не се сеќава, а на суд се изјаснува за невин. Изваден со кауција, спречен е во самоубиство, при што во агонија вриштел: „Сакам да сум со Ненси!“. Подоцна додуша фаќа и нова девојка, Мишел Робинсон. Заради напад врз братот на Пети Смит, Сид лежи затвор уз терапија, која успешно го „чисти“. Пак е пуштен со кауција и по тој повод Сид со мајка му и пријателите прави забава на која ја зема фаталната доза. Умира на 21 г.
Се тврди дека терапијата му ја намалила отпорноста кон дрога, а според други, прејаката доза била намерно дадена од мајка му, за да му ги скрати маките; трети велат дека се работи за свесно самоубиство итн... Сид оставил последна желба начкрабана на ливче, дека сака да почива до Ненси, со што нејзиното семејство не се согласувало. Телото на Сид е кремирано, а мајка му потоа тајно ја истурила пепелта врз гробот на Ненси, за тие вечно да можат да бидат заедно. Друга, помалку романтична верзија е дека мајка му ја понела урната во Британија, при што од немарност ја претурила на аеродромот Хитроу, по што пепелта е вшмукана од системот за вентилација и исфрлена во атмосферата. Што од ова е точно не знаеме, затоа што мајка му умира од овердоуз во 1996.
Панкот опстои и по неговата смрт. Групата Експлоитед му посвети песна со наслов „Сид Вишз беше недолжен“. Стилот еволуираше и доби бројни подправци: Oi, hardcore итн. Некои од нив, како на пр. straight edge-от, го отфрлија беспоштедниот нихилизам на првичниот панк, како и дрогата и пороците општо.