10 познати личности кои не постоеле (1)

01.11.2011 10:37
10 познати личности кои не постоеле

Благодарение на урбаните легенди, дотерувањето на приказните и користењето псевдоними, постојат голем број луѓе кои успеале да станат славни, а да не морале да минуваат низ маките на реалниот живот.

Некои биле користени за сомнителни рекламни цели, други како средство за измами... Во секој случај, обвиени во облакот на загадочноста, тие успеале да изградат лажна слава. Ова се десетте најпознати личности кои никогаш не постоеле.

10. Масал Бугдув

Изгледа дека на секои неколку години се појавуваат гласини за мистериозни спортисти од „некаде во светот“ чија надареност сигурно ќе ја промени историјата на спортот. Еден неодамнешен пример е Масал Бугдув, наводно 16-годишен фудбалер, чудо од дете, од Молдавија. Вести за овој феномен најпрвин се појавија на фудбалските блогови и форуми, каде што Бугдув го опишуваа како прецизен напаѓач кој веќе играл за молдавскиот национален тим. Набрзо главните фудбалски медиуми, познати по тенденцијата да ги пренагласуваат и извртуваат фактите, изградија цела приказна. Популарната страница Goal.com објави вест за овој играч, а на почетокот на јануари 2009 г. дури и лондонски Тајмс го опиша Бугдув како „најдобриот играч на Молдавија“ и го поврза со можен трансфер во англиски Арсенал. Но колку повеќе се загреваа гласините, толку тие стануваа сè посомнителни. По подлабокото истражување и проверка, фудбалскиот блогер Нил Мекдонел ја објави вистината: Масал Бугдув не постои. Всушност, целата медиумска „збрка“ беше измама од страна на еден Ирец кому наводно му се смачиле купот лажни информации кои кружеле во текот на сезоната на фудбалски трансфери. За да тестира колку медиумите се лесни на измама тој решил да смисли сопствен играч. Со помош на лажни статии на Википедија, блогови и лажни извештаи од Асошиејтед прес, тој успеа да создаде култ за најдобриот фудбалер кој никогаш не постоел.

9. Пјер Бресо

Секој од нас во еден миг погледнал дел од модерната уметност и си помислил: „Па, ова секој може да го наслика“. Шведскиот новинар Даке Акселсон во 1964 г. го тестираше ова тврдење. За да ја направи својата позната измама, тој зел серија слики кои ги насликал мажјакот шимпанзо Петер, штитеник на месната зоолошка градина, и почнал да ги претставува низ Шведска како дела на непознатиот француски уметник Пјер Бресо. За да ги тестира и уметничките критичари, Акселсон избрал неколку од најдобрите слики на Петер и ги изложил во Гетеборг. Набрзо загадочниот господин Бресо бил поздравен од некои стручњаци како храбар нов талент. Еден писател дури тврдел дека делата ги покажуваат сите знаци на „уметник кој слика со префинетост на балетан“. Она што е изненадувачки, кога веќе било откриено дека станува збор за измама, е тоа што ниеден од критичарите не ги повлекол своите пофалби. Се разбира, не паднале сите на оваа финта. Наводно, еден од нив забележал дека само некој „мајмун“ би можел да ги нацрта овие слики.

8. Дејвид Менинг

Филмските обожаватели и критичари често се противат на т.н. „проституирани написи“, поточно, на рецезентите кои ќе напишат што и да е позитивно за секој филм сè додека филмските студија ќе ги плаќаат, а Дејвид Менинг од Риџфилд прес, се чини, е еден од најлошите. Имено, околу 2000 г. неговите пофалби често се појавуваа на постерите на омразените филмови како „The Animal“ (Уште еден победник!) или „Hollow man“ (Чудесен!). Менинг би бил водечки кандидат за најлош американски филмски критичар ако не се откриеше дека не постои. Како што подоцна се откри, директорот за маркетинг во Сони го измислил Менинг како средство за градење позитивни новинарски приказни за филмовите кои ги произведува компанијата-ќерка Columbia Pictures. Измамата беше откриена кога еден новинар се јавил во Риџфилд прес, мал неделник од Конектикат, и дознал дека таму не работи никој со име Дејвид Менинг. Ова ги чинеше Сони 1,5 милиони долари откако двајца гледачи од Калифорнија го тужеа студиото, тврдејќи дека фантомската филмска критика неправедно ги измамила да изгледаат лоши филмови.

7. Алегра Колман

Денес постојат многу познати личности кои во суштина не работат ништо, па не е ни чудно што некој може да стане славен без разлика на тоа што не постои. Алегра Колман беше лажна старлета која ја измисли новинарката Марта Шерил. Како дел од големите медиумски измами Шерил во 1996 г. напиша статија за Esquire, прогласувајќи ја Колман за „идната холивудска девојка од соништата“. Дури имаше и модел, Али Лартер, која тогаш не беше позната и која позираше за насловната страница на списанието. Статијата ги содржеше сите вообичаени гласини кои се поврзуваат со славните – од битките со папараците поради наводните разголени фотографии до возбудливата врска со глумецот Дејвид Швимер. Шерил ја напиша оваа статија како пародија поради „напумпаните личности“ кои ги полнеа списанијата и весниците со бесмислени трачеви, но и за да покаже како функционира Холивуд. Дури и откако целата измама беше откриена, публицистите и агентите сè уште збудалено се обидуваа да ја доведат Алегра Колман во своите агенции, а целата епизода се заврши со тоа што Али Лартер започна актерска кариера.

6. Сид Финч

Легендарниот новинар Џорџ Плимптон е познат по предизвикувањето на Лавовите од Детроит и боксувањето со Шугар Реј Робинсон, но една од неговите највпечатливи мајстории беше создавањето фантомски безбол играч. Во април 1985 г. Плимптон исценира една од најголемите првоаприлски шеги кога објави статија во списанието Sports Illustrated, каде што детално ја опиша идната безбол ѕвезда, непознатиот играч Хајден „Сид“ Финч. Во текстот пишуваше дека Финч е мистериозен 28-годишник кој одредено време поминал студирајќи на Харвард и барајќи внатрешен мир на Далечниот исток. Никогаш претходно не играл во тим, но благодарение на необичната способност со која можел да ја фрли топката и до неверојатни 270 м/с сакал да потпише договор со Њујорк Метс. Статијата на Плимптон зборувала за многуте ексцентричности на Финч, како што биле носењето еден планинарски чевел кога преминувал преку земјена тумба, свирење на француска хорна, спиење на под и зборување на шифриран Зен јазик. Статијата била полна со фотографии од Сид Финч. На една бил со непознатиот тренер од средно училиште, Џо Бертон, на друга се дружи со играчот од Метс, Лени Дикстром, а на третата разговара со тренерот Мел Стотлмир. По кратката врева, фасцинации и неверување (Sports Illustrated примиле околу 2000 писма во врска со статијата), ова списание објави дека Финч одржал прес конференција на која соопштил дека се повлекува од безболот. Една недела подоцна, измамата конечно била откриена.

(продолжува...)

Извор: b92.net

Илустрации: Зоран Нова

За вториот дел кликнете овде.

ОкоБоли главаВицФото