Духот на паланката

01.11.2011 12:06
Духот на паланката

Радомир Константиновиќ, 1927-2011

Пред неколку дена почина еден од најголемите балкански мислители, Радомир Константиновиќ. Токму во денешниов македонски контекст ми се чини мошне соодветно уште еднаш да обрнам внимание на неговата култна книга објавена пред четириесет години, „Филозофијата на паланката“. Нема подобра студија на нашите менталитети, на нашиот стеснет племенски и паланечки дух, од тој текст кој многу тешко си го пробиваше патот, но којшто, по целиот ужас што му се случи на регионот, денес се третира како моќен пророчки глас во кој се наоѓаат длабоки согледувања на целата наша изгубеност, заедничка за повеќето задоцнети или недовршени нации и етникуми што го делат балканскиов простор.

Зборот паланка, инаку, е одамна одомаќинет турцизам кој обично се користи во едното од двете можни значења: 1. касаба, помала населба која „не е ни село ни град“; 2. стражарска кула, „мала тврдина опколена со ров“. Но, во речникот на филозофијата на Константиновиќ терминот паланка не е географски туку духовен поим, бидејќи „светот на паланката постои само во духот, а самиот дух на паланката е единствената апсолутна паланка, зад која заостанува секоја стварност на паланката“.

Паланката, всушност, смета Константиновиќ, постојано ја менува формата, како Протеј, недостижна е и недофатлива, во својата тромост и летаргичност сепак е витална, посилна од принципот на отворањето, од принципот на отвореното мислење, кој е покревок, послаб затоа што е почовечки, покршлив е затоа што е недогматичен, секогаш подготвен да го прими својот пораз, додека принципот на паланката е насочен кон победа по секоја цена, тој сака да се овековечи, да стане нешто постојано, вообичаено, крајно.

Зошто мислам дека описите на паланката ја опишуваат духовната состојба во Македонија? Во еден понов текст, на пример, Константиновиќ вели:

Сè потешко се зборува. Сè пооддалечени сме од вистинското настојување по вистински говор. Најголемиот израз на тоа е своевидната ’политизација’ на говорот, односно тенденцијата политичкиот говор да се апсолутизира, тој да се направи единствен можен. Оваа политизација е голем редукционизам во дело, во смисла на сведување на мислењето на став. Таму каде што овој редукционизам е на дело, таму говорот е невозможен. Но, ако нè нема без говор, значи ли тоа дека и ние самите тука сме невозможни? Сè почесто помислувам дека со него се искажува и обидот за наше бегство од самите себе, низ тој обид за бегство од говорот како бегство од неизвесноста, без која нема мислење, бегство од личноста. (...) Како во редукцијата на говорот кон исклучиво политичкиот говор да се сретнуваат, па и поистоветуваат, волјата на светот и оваа желба за бегство од личноста, како насилството на светот да се повнатрешнува, изродувајќи се во некакво посакувано самонасилство.“

Мислам дека тоа е дијагнозата за состојбата на јавниот говор и ум во Македонија деновиве, но и пошироко; како управувачите на волјите навистина да го повнатрешнуваат насилството, претворајќи го во автодеструкција. Нам, пак, токму ни се случува редукција на јавниот дискурс до просташтво и вулгарност, придружена со опасната инструментализација и политизација и на говорот и на мислењето. А тие тенденции, грубоста, глувоста за спротивното, примитивизмот и насилството всушност нè ништат и укинуваат поефикасно од ембаргата и непризнавањата. Просто, како малку да затапавме во умот а се изостривме во песјаците. Гризење и парчосување - да; дијалог и прифаќање - не. (избрани цитати од Филозофијата на паланката: „Колку чувството за реалноста е помало, толку е поголема нужноста за насилство.“ „Духот на паланката е родното место на злочинот; тој таму се зачнува и раѓа.“ „Национализмот го исклучува разговорот. Национализмот е тероризам. Тој не дава говор. Тој ја сведува живата личност на став.“)

И уште една работа кај Константиновиќ многу потсетува на современа Македонија:

„Духот на паланката го сака минатото бидејќи не го сака времето и не ја сака историјата. Карактеристика на паланката е духот на колективната волја, духот на новиот колективизам кој нè зема под свое, кој нè штити од сè , а пред сè од самите нас. Тоа е дух кој му се противи на времето, кој е анти-историчен, на линија е на налогот, затворен во еден затворен свет, да ја прифати затвореноста како своја предност, како свој сопствен избор. Тоа е дух кој се обидува својата коб да ја преобрази во своја привилегија.“

Константиновиќ сепак не ги затвора хоризонтите и нуди парадоксален излез: „Кризата е голема; нашите шанси, значи, се големи.“ Токму како што велеа германските неоекспресионисти од осумдесеттите: „Вие немате никаква шанса; според тоа - искористете ја.“

Фотографии: Camil Tulcan

И би се надоврзал на она што

И би се надоврзал на она што го пишуваш - „Духот на паланката е во колективната волја“, со што се' сложувам, но сепек мислам дека попрецизна дефиниција е дефиницијата на Д. Угрешиќ, во книгата “Култура лажи“, каде вели, парафразирам: „како ќе се сфаќа Европа кога тука на балканите владее и се зачинува, со години наназад Култура на колективизација?“ Или што би рекол Дезесент (во романот “Наспроти“): „Како ќе разговараат два духа кога едниот е богат, суптилен и екстравагантен, а другиот е тупав, клилав, мрзлив и сиромашен...?
Си врви времево, а напоредно - “времинњата“ маршираат измеѓу нас, непознавајќи ништо еден за друг: од каде доаѓаме, кои се нашите културни матрици, што сакаме, каде сакаме да одиме и во крајна мера зошто тоа го правиме.

ti ebem suratot

ti ebem suratot

ОкоБоли главаВицФото