22. Хистеријата на Троцки, Темпо...

07.07.2009 12:37
gunten da 3.jpg

Уште Фројд ни кажува дека културата бара премногу од нас. И воведува разлика помеѓу принципот на задоволството и на реалноста. Во реалноста има премалку причини за задоволство, секој мој внатрешен нагон за уживање е редовно следен од рестрикција. Затоа перцепцијата редовно поприма форми на халуцинација, јас мора да се излажам дека таму, во светот, се’ уште има некакво задоволство.

Со оваа искривена перцепција најдобро се објаснува халуцинацијата по Октомвриската револуција. На тригодишнината од прославата во 1920, гледајќи го колапсот во земјата, Троцки, излегува пред публиката и најискрено признава: „Ако тогаш, пред три години, имавме можност да погледнеме напред, нема да им верувавме на своите очи.“[1] Формулата очи што не веруваат, го дава на показ начинот на кој водачите се справувале со реалноста (она што го гледаме) наспроти задоволството (она што сакавме да го видиме). Троцки, антибирократот, вљубеникот во уметноста, поддржувач на психоанализата и пријател со суреалистите, дури и кратко време љубовник на Фрида Кало (доказ за „човечкото“ во овој човек) јасно кажува дека постои халуцинативен филтер. Дури и да ни покажавте тогаш каде ќе завршевме, пак нема да им верувавме на своите очи, вели Троцки. Значи, немаме никаква причина да веруваме и сега.

 Советскиот театар на апсурдот се состои од фактот дека во моментот кога се здогледува ужасот по Револуцијата, реакцијата на водачите е драстично спротивна од очекуваното. Наместо очај, нив дури тогаш ги зафаќа еуфорија. Катастрофата се прогласува за победа, ОВА станува шорткат до комунизмот, ОВА веќе е комунизам. И Троцки, воведува експериментален дискурс, што подоцна ќе стане главната алатка на Сталин, кога вели: „Во социјализмот нема да има принуда... во социјализмот сите ќе бидеме движени од чувството за должност, од работната навика и од атрактивноста на работата. Тоа е недвојбено. Но оваа недвојбена вистина мора малку да се прошири. Всушност, во социјализмот нема да постои самиот апарат на принудата, имено, државата; затоа што ќе се стопи целосно во заедницата што произведува и што троши. Сепак, на патот кон социјализмот лежи период на најсилно можно зајакнување на државата. И вие и јас сега минуваме низ тој период... најсуровата форма на држава...“[2] (подв. мое). Ова убедување – најлошото е најдобро, Лакан го нарече „потреба реалноста да се прочита како фикција“[3], во реалноста да се гледа театар. Се остварува ли мојата замисла, тече ли револуцијата? Тече! Објектот сега не е добар, но „ќе го опоравиме“ во нашите халуцинации. Тензијата не може да се разреши по хуман пат, затоа ќе воведеме присила на нехуманоста[4], реалноста „ќе ја опоравиме“ со малку добра хистерија.

Но тука има уште нешто. Обратно од она што е „народно знаење“ дека хистеријата е празнење афекти (тој/таа е во криза на солзи, се дере, сега ќе му/и’ олесни), Фројд во писмото до Флис, објаснува дека хистеријата е крајно калкулирана и регулирана акција. „Се’ е во ред, ова е тоа што сакавме да го постигнеме со Револуцијата“, оттука не е само проста хистерија на Ленин и Троцки, напротив нивната хистерија е калкулирана акција. Неврозата на водачите по револуцијата, појавува симптом, на она што Лакан го нарече „објект што буквално дава премногу задоволство.“[5]

Колку повеќе се’ се распаѓа, толку повеќе расте задоволството на водачите. Погледнете го вишокот жовијално уживање, вграден во почетоците на Титовата Југославија. Кога во 1948 хајката против коминформбировците достигнува зенит, Тито ги испраќа Ѓилас, Темпо, Коча Поповиќ, Тодоровиќ и Иван Рукавина во Москва, „секој по своја задача“[6], која меѓутоа најопшто, според сведочењата на Темпо, се состоела од „безделничење“. “Редовно одевме во Художествениот театар. По враќањето од театар често ја коментиравме театарската претстава што ја гледавме... Една вечер ја гледавме претставата ’Мртви души’. Зборувавме за ликовите ... и незабележливо почнавме да си бараме сродни црти: така мене ме нарекоа Сабакијевиќ, човекот кој секого го ословува со најпогрдни имиња и гази по нозете на тие со кои зборува, Ѓилас го прекрстивме во Ноздрјев, кој не може да отвори уста, а да не излаже, Плавиот (Мијалко Тодоровиќ) во Манилов, вечно во облаци... “[7] Додека во исто време се случуваат чистките во Југославија, номенклатурата е необично радосна, жовијално исполнета, и тоа НЕ на принцип на заобиколување на ексцесот, криење на вишокот лични недоблесности, напротив, преку нивно потенцирање, ние и вакви никакви, со сите недоследности во карактерите, од системот влечеме задоволство. Најдобрите кадри во Москва навредуваат, лажат или халуцинираат, и тоа меѓусебно го легитимираат преку театарот, па сепак, светот дотолку повеќе се отвора за садистичкото „премногу задоволство“ вградено во идеологијата на комунизмот.


Индустрија на досиеја (и небулози)


Околу половина милион Југословени биле следени од југословенските тајни служби.[8] Тајните служби произведувале досиеја. „Првата голема социјалистичка индустрија е индустријата на досиеја. Таа нова индустрија имала војска работници: доушниците.“[9] Секој граѓанин постоел пред службите само преку своето досие. Произведувачите на досиејата биле многу подобро платени од произведувачите на стоки. А како и работниците од другите гранки, и полицијата ги преувеличувала резултатите од своето производство, честопати било поважно да се внесе некој податок, одошто дали тој е вистинит.[10] Додека произведувачите на досиејата биле добро платени, кодошите од паланката во тајната полиција на Југославија не пристапувале со потписница, тие работеле на чесен збор, за мали пари, но од голем патриотизам (во Штази, на пример, соработниците од народот, потпишувале пристапница). Изборот на шпионирање се вршел по принципот Србин да следи Србин, муслиман да следи муслиман, Македонец да следи Македонец, и сл. - „со тоа се постигнувал привид на објективноста и се докажувала лојалноста на етничките групи кон власта. Најдоверливите судии биле оние што соработувале со политичката полиција, а тоа важело и за сведоците.“[11] Кога еднаш ќе ги предаделе документите до командантот, оперативците веќе не можеле да бидат во тек со судбината на следениот, па така оперативците најчесто го знаеле само она на што работеле.[12]

Во Југославија работеле три тајни полиции, по углед на советските: КОС (контраразузнавачката служба на ЈНА) излезена од ОЗНА (Одделение за заштита на народот), УДБА (Уредба за државна безбедност, во 1966 преименувана во СДБ - Служба за државна безбедност) и СИД (Служба за информација и документација). Нема ниеден попознат југословенски политичар од постарата генерација кој го заобиколил министерството за внатрешни работи. „Да се биде полицаец било чест, а последните години од Југославија и срамота, затоа некои од политичарите ги криеле тие податоци од својата биографија“.[13] Првите школи за контраразузнавачи се отворени во Сплит, па во Белград (Високата школа на УДБА, која работела од 1952-1967), потоа во Загреб (МУБ), во Земун, а кон крајот на 1970 во Скопје е отворена Факултетот за безбедност. Овие установи задоволувале само дел од потребите за оперативци на тајните полиции, другите кадри се регрутирале од списоците на проверените студенти од правниот, економскиот, филозофскиот, филолошкиот факултет и од факултетите за политички науки. Нивните стипендии биле трипати поголеми од републичките. КОС била помобилна единица, оттука била поопасна. КОС била „совршена политичка машина за убивање луѓе“ (Јакшиќ)[14], и затоа надмоќна во однос на УДБА (која повеќе одговарала на менталитетот на паланката и нејзината страст за архивирање на тривијалното секојдневие). КОС можел да ги апси удбашите или да врши притисок меѓусебно да се прогонуваат. Причината за моќта на КОС била нејзината мобилност, нешто под 80% од косовците биле оперативци на терен, а само 23% бирократија и администрација. УДБА била чиста бирократија, затоа почесто предмет на кадровски чистки. Половината од кадрите на КОС биле Срби, петтина Хрвати, а 6.5% од службениците на КОС биле Македонци.

Комунистичките тајни служби се едни од најголемите во историјата на овие подземни политички тела. Агенцијата на источногерманската тајна полиција, Штази, на пример, во најдобрите времиња вработувала 91.000 шпиони за надгледување на земјата од 16.4 милиони. Тоа била најголемата германска шпионска мрежа, трипати поголема од Гестапо на нацистите, а се шпионирало на територија само 1/4 од таа на нацистичка Германија.[15] Шпионите во службите пристапувале своеволно (заради пари) или присилно. Вообичаено морале да потпишат декларација за пристапување која потоа била архивирана. До 1989, 173.000 соработници имале потпишано ваква декларација, од нив 91.000 работеле како активни шпиони. Шпионите редовно се среќавале со своите претпоставени и лично им рапортирале за колегите, пријателите и соседите. Штази индексирала повеќе од 5.6 милиони луѓе и е веројатно една од најголемите тајни бирократии на сите времиња. Имале досие за секој човек што кога било ја преминал границата на Источна Германија, макар за одмор. Во 1989, веднаш по паѓањето на Берлинскиот ѕид, Штази даваат директива да се уништуваат досиејата, а агентите, т.н. Papierwolfs, во превод: хартиени-волци, кога им се расипале апаратите за кинење хартија, кинеле на рака, 45 милиони тони хартија се искинати во рок од 2 месеци.[16] Во последните 15 години, преку 1.7 милиони луѓе поднеле барања да видат што Штази знаеле за нив, а по филмот „Животот на другите“ (2006) побарувачката за досиеја е уште поголема.

Тајните служби архивирале секакви небулози. Пролетта 2007 за јавноста беше отворена една од најбизарните активности на тајните служби, воопшто. Тајните агенти на Штази упаѓале во куќите на шпионираните граѓани, ја наоѓале нивната валкана долна облека, го собирале мирисот од гаќите со специјални алатки и мирисот го конзервирале во тегли! Кога во 2007 го посетив Музејот на Штази, дел од сочуваните тегли се’ уште беа изложени на полиците. Идејата за чувањето телесни мириси е толку запрепастувачка што ниеден човек без грам елементарно здравје не може да го замисли ова бизарно колекционерство, надвор од парфемските мануфактури и од органските хемиски лаборатории. Но, Штази-службите, слично на психопатот од романот „Парфем“ на Зискинд, во долгите години од комунистичките режими, сепак успеале да се самоубедат дека може да го заробат битието на секој шпиониран граѓанин, само ако успеат во тегла да го сочуваат неговиот телесен мирис. Претпоставувам, за да може да го надушкаат со кучиња, ако сака да бега. Ништо друго нормално, во врска со тајното архивирање на нечии гомна, не ми паѓа на ум! Мирисните тегли на Штази, денес, се финалниот доказ дека паранојата на комунизмот не познавала граници. Тајните служби на комунизмот постоеја на рабовите од секаква логика. Комунистичката полиција беше и остана онтолошки скандал!

Од другата страна на Берлинскиот ѕид работела МАД (западногерманската тајна служба). Во 1984 беше откриено дека меѓу повеќе од половина милион граѓани, што МАД ги индексирала, се наоѓаат и имињата на 6-годишни деца! Како сомнителен бил заведен 6-годишниот Петар Л., заедно со своите другарчиња од градинката, а освен децата од претшколска и школска возраст, полициски биле следени и над 12.000 старци, постари од 80 години![17] Причината зошто денес знаеме олку валкани и небулозни детали од работата на Штази и МАД е повторно во фактот дека само Германија ги отвори своите архиви за научни истражувања. Советските, како и југословенските архиви, кријат тајни кои се’ уште не се достапни за увид.

Иако шпионажата е прастара активност чии пишани траги потекнуваат од глинени плочки пред 4.000 години од реката Еуфрат, првите цивилни и воени шпионажи се официјализираат во 17 век (Англија), 18 век (Франција) и 19 век (Прусија).[18] Но дури 20 век им дава крила на контраразузнавачките служби во двете светски војни (најголемите центри за контраразузнавање во војната се Париз, Лондон, Казабланка, Истанбул, Каиро, Берлин, Рим), а најмногу во текот на Студената војна, кога станува актуелна т.н. „тотална шпионажа“, поважно е непријателот да се сосретне на „неговата“ територија.

За советските тајни служби знаеме малку. Во 1989 советските архиви се отворија за странските и за домашните истражувачи, но веќе по една година полека се затвораа, најнапред за недостапни беа прогласени претседателските архиви, а потоа целосно се затворија сите архиви, додека денешните ФСБ-архиви се достапни само за семејствата на репресираните и за поранешните вработени.[19] Но нешто сепак успеа да го види светлото на денот. Во 1999 беше објавена една од најтајните и најдобро чувани архиви во светот, архивата на Првата главна управа на КГБ (заедно со најтајниот дел од таа архива - Директориумот С, списокот на странските шпиони за КГБ). Архивата беше во сопственост на Василиј Митрохин, мајор и постар архивар на КГБ. Кога германското списание „Фокус“ во 1996 година објави дека поранешен КГБ агент се наоѓа во Британија со имиња на „илјадници руски шпиони“, Татјана Самолис, портпаролка на руското СВР изјави дека станува збор за апсолутен нонсенс, дека секој може да има имиња на еден, двајца, или можеби тројца шпиони, но не и на илјадници![20] Пред паѓањето на Берлинскиот ѕид Митрохин бил оперативец, патувал и на Олимпијадата во Кина како агент, но се повлекол во архивистика кога во 1972 го назначиле да го надгледува селењето на 300.000 документи од стариот штаб на КГБ во нов и на тоа работно место останал 12 години.[21] За сето време ги препишувал тајните документи, од кои најстарите датираат од 1918 година. Бил педантен, препишувал на рака со монашка виспреност и аскетска ригорозност. Во средите бил одговорен за запечатување на Директориумот С на КГБ. Копиите што ќе ги препишел ги носел дома, ги криел под кревет, потоа ги префрлал во викендичката, ги редел во картонски пакувања за млеко и на тој начин спакувал преку 25.000 страници. Во 1992, по 20 години препишување, кутиите со млеко ги однел во Талин, во американската амбасада во Естонија. ФБИ ја одбило архивата на Митрохин како фантазија. Но Британците ја прифатиле и офицерите на МИ-6 со тајна операција на извлекување, со шест куфери ги префрлиле материјалите на Митрохин во Лондон, а за неговото семејството издале британски пасоши. Шефот на Катедрата за историја на Универзитетот во Кембриџ, Кристофер Ендрју, ја проучил архивата на Митрохин и тие заедно ја публикуваа под наслов „Мечот и штитот, Архивата на Митрохин“ (1999). Американските историчари во 2001 сомнително изјавија: „...Сето тоа можеби е точно. Но како може да знаеме?“[22] Нивниот сомнеж е на место. „Привлечноста“ на темата тајни служби лежи во фактот дека никако не можете да бидете сигурни во тоа што го читате, тие документи се пишувани од луѓе тренирани на најтемелна недоверба, а се напишани за читатели со иста таква недоверба. И сомнежот на американските историчари е на место: читаш, а можеби сето тоа е бајка. Што доаѓа со авион, а така и си оди. Кој може да гарантира дека е точна?

Југославија и Советскиот Сојуз се различни по многу нешта, но слични по масовноста на тајните служби. Според најпознатиот проучувач на југословенските досиеја, Марко Лопушина, „толку големата концентрација на тајните полициски структури во власта на Југославија може да се објасни само со фактот дека Југославија е родена во војна“.[23] Новите лидери биле или дел од органите за безбедност или војсководци. Уште од 1944 во Москва и Ленинград, во академиите на КГБ, се школувале југословенските специјалци, и денес постојат бројни фотографии на првите луѓе на југословенските тајни служби во униформите на Чека. Партиското школување во Москва било тесно врзано со полициското. Ова се однесува и на Тито лично кој станал контраразузнавач веќе во 1914 на австроунгарскиот фронт, а подоцна ги минал обуките на руското НКВД (Министерството за државна безбедност). Позната е случката кога во 1948 лут на Сталиновите напади, Тито на вечерата со Ранковиќ, Темпо и Крајачиќ, рекол: „Еве како не’ напаѓаат, а ние им ги дадовме своите најдобри кадри, дури и јас работев за НКВД“.[24] Во околу 900 книги напишани за Тито во Југославија најмалку податоци има за неговата контраразузнавачка работа за Москва. Југословенските тајни служби започнуваат да работат уште во времето на Втората светска војна, а Тито во 1942 го донесува првото „Упатство за разузнавачката служба“. Како што се ослободувал некој дел од територијата на Југославија, така се формирале разузнавачки зони, мрежите биле високо централизирани, а на врвот на мрежата бил лично Тито. Заради затвореноста, службите лесно излегувале надвор од секаква контрола. Познато е дека Крсте Црвенковски (нетипичен пример за политичар во комунизмот, со авторитет врз југословенскиот врв, а кој сепак се залагал за либерални и промакедонски решенија, наспроти тврдото крило на Лазар Колишевски) барал од Тито поголема транспарентност во работата на КОС.[25] Веќе од 1970-тите имало лоша соработка помеѓу централата во Белград и службите на теренот. Републичките и покраинските раководители на СДБ ги фалсификувале доверливите информации, заради свои интереси, и го кршеле светото правило дека во централата мора да ги достават сите информации, директно и без обработка. Службите така станувале затворени органи што лесно се претворале во оргии на удбаши, кои во свои раце ги држеле судбините на стотици илјадници луѓе.

Позната е случката од 1988 кога Слободан Милошевиќ (кој претходната година влегува на голема врата во југословенската политика) во својот стан наоѓа безжичен прислушкувач на ѕидот и од шефот на Службата за државна безбедност, Драган Митровиќ бара да ги види имињата на шифрираните соработници од своето досие. Добива изненадувачки одговор дека и да сака, Митровиќ не може да му ги каже кодошите затоа што ниту тој лично ги знае имињата, ниту началницните ги знаат. Вознемирен, Милошевиќ го повикува министерот за полиција Лаловиќ, но ни тој не знае кој го прислушкува Милошевиќ. Под притисок на Милошевиќ, во тајната служба се обиделе да ги реконструраат настаните и дошле до заклучок дека можеби прислушкувањето го наредил адмиралот Бранко Мамула, кој како сојузен секретар за народна одбрана не го трпел Милошевиќ како српски националист.[26] Овој пример само покажува дека малкумина (па дури и политичките „газди“) можеле да интервенираат во полициските структури, тие биле поголеми и од партијата и од политичките игри. Дури и Милошевиќ, кој во годините што следат, ќе стане „газда“ на Србија не може да ги добие информациите од тајните служби. Во филмот „Борнов ултиматум“ (2007) на Пол Гринграс, заплетот е структуиран околу стравот на челниците на ЦИА дали ќе се открие дека ЦИА се радикализира до полициска држава, дека ја раководи земјата надвор од секаква политичка контрола. Тие се претвориле во врвно полициско водство, а материјалите за потврдата на тоа ги чуваат на доверливо место, во сеф – ова го открива главниот лик кој се обидува да се дограби до тајните документи.[27]

Се поставува логичкото прашање, зошто во еден момент, некој од шефовите не ја запали содржината на тајниот сеф, зошто не ги изеде документите? Но ова не го прави филмот наивен, напротив, точно знаеме дека и Гестапо и КГБ и УДБА воделе опсежни архиви за своите акции, тајната полиција секогаш има багаж кој не може да биде уништен, ниту оставен – тајната полиција мора да се самоархивира. И прашањето не е зошто тајната полиција не може да се откаже од архивирањето, туку дали тајната служба потоа може така да се радикализира што ќе се претвори во паралелна (полициска) држава? Одговорот е двоен. Ако поверуваме дека тајната полиција може да се радикализира во полициска влада – ние сме во право (многу луѓе веруваат во конспиративни теории и постојат разни индиции дека анонимните шефчиња на тајните службите всушност раководат со државите). Ако поверуваме дека ова е само филм – повторно сме во право.

Трикот на тајните служби лежи во таа двојна улога, во исто време идејата дека сум постојано објектот на нечиј поглед - е фантазија, исто како што, фантазматски се плашам дека во идеологијата можеби јас воопшто и не сум видлив/а (зарем сум толку неважен/на?) Точно тој амбигвитет на погледот е централен за секоја идеологија и ја објаснува суштинската опсесија со тајните служби. Во документарниот филм „Неизгубено време“ (2004) еден од поранешните затвореници на Штази, Гинтер Хериг, вели: „Од денешна гледна точка, ги потценив и ги преценив Штази. Тие не беа омниприсутни како што мислев, од досието гледам дека биле невнимателни, многу работи не знаеле. Но исто така невозможно беше да се скриеш од нив.“ Тајните служби се тука за да биде почитувана моралноста, истовремено, ништо не е почитувано, тоа е радикално противречна позиција на која се базира успехот на тајните служби, врз кои потоа може да бидат проектирани секакви „валкани фантазии“. Таа неизвесност е една од причините зошто шпионот го има статусот на мистерија дури и за самите структури на УДБА. Суштината на постоењето на тајните служби е внатрешната невидливост. Никој не знае ништо за никого. Колку повеќе не знае, толку е посигурен, не системот, дури не ни шпионот, или евентуалниот откривач, туку точно - идеологијата.


[1] “Trotsky’s Terrorism and Communism, or, Despair and Utopia in the Turbulent Year of 1920” in: Trotsky, Leon (2007): Terrorism and Communism. A Reply to Karl Kautsky, Verso, London and New York (Slavoj Žižek Presents Trotsky), x.
[2] Исто, xi-xii.
[3]Lacan, Jacques (1997): The Ethics of Psychoanalysis 1959-60, W.W. Norton and Company New York, London, 33.
[4] Исто, 53.
[5] Исто, 54.
[6] Tempo, Svetozar Vukmanović (1985): Memoari: 1966-1969. Neslaganja, Narodna knjiga, Beograd, Naprijed, Zagreb, 19.
[7] Исто, 19.
[8] Lopušina, Marko (1997): Ubij bližnjeg svog: Jugoslovenska tajna policija 1945-1997, Narodna knjiga, Beograd,. 1997. Книгата е достапна и на Интернет: http://www.serbianunity.net/culture/library/Ubij_Bliznjeg_Svoga/index.html
[9] Цитиран е Андреј Србулески од 1991. Види во: Verderi, Ketrin (2005): Šta je bio socijalizam i šta dolazi posle njega?, op. cit., 49.
[10] Verderi, Ketrin (2005): Šta je bio socijalizam i šta dolazi posle njega?, op. cit., 50.
[11] Lopušina, Marko (2004): KOS, Tajne vojne službe bezbednosti, op. cit., 164.
[12] Исто, 179.
[13] Lopušina, Marko (1997): Ubij bližnjeg svog: Jugoslovenska tajna policija 1945-1997, op. cit..
[14] Lopušina, Marko (2004): KOS, Tajne vojne službe bezbednosti, op. cit., 76.
[15] Curry, Andrew: Piecing Together the Dark Legacy of East Germany's Secret Police, Wired Magazine, issue 16.2., од 18 јануари 2008.
[16] Исто.
[17] Rebić, Đuro (1990): Špiuni na tekućoj vrpci, op. cit., 13.
[18] Lopušina, Marko (2004): KOS, Tajne vojne službe bezbednosti, op. cit., 31.
[19] Rayfield, Donald (2005): Stalin and His Hangmen, op. cit., xxiii.
[20] Andrew, Christopher and Mitrokhin, Vasili (1999): The Sword and the Shield, TheMitrokhin Archive and the Secret History of the KGB, op. cit., 1.
[21] Исто, 8.
[22] American Historical Review, April 2001, 106:2, според: http://en.wikipedia.org/wiki/Mitrokhin.
[23] Lopušina, Marko (2004): KOS, Tajne vojne službe bezbednosti, op. cit., 160.
[24] Исто, 36.
[25] Исто, 90.
[26] Lopušina, Marko (1997): Ubij bližnjeg svog: Jugoslovenska tajna policija 1945-1997, Narodna knjiga, Beograd. http://www.serbianunity.net/culture/library/Ubij_Bliznjeg_Svoga/tajna/ta...
[27] Уште од 1980-тите, во поп-културата доминира фигурата на Полицаецот и полициската држава, види го текстот „Цајканска култура“, 21 април 2006, од блогот Шизохронија: http://schizochronia.blog.com.mk/node/18045#comment, како и коментарот на Макондо „80-тите - цајкани! 90-тите - детективи! сега - форензичари!...

Слики: Готфрид Хелнвајн

 

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови:

21. Хумор
 

20. Кодните имиња на УДБА 2

19. Кодните имиња на УДБА 1

18. Голи Оток (Или, зошто Југославија не падна под власта на Сталин?)

17. „Со Сталин против Тито“

16Лошиот Тито?

15. „Подобро со 28 години во камп, одошто со 93 на слобода“ (за комунистичката носталгија)

 

14. Родители на вештачко дишење (за комунистичкиот сон)

13. Анестезија

12. Неутрални граѓани

11. Кремлинологијата како симптом

10. Пет забелешки за природата на анализите што следат

9. „Нема ништо, нели?“

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

 

 


reply

Students have an access purchase the already written essays or buy essay at the essay writing service about this post.

answer this post

Thank you a lot for the really hot facts referring to this topic. Could you help to detect the thesis writing service or professional dissertation writing service to purchase the dissertation thesis from?

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото