Десетто издание на Синедејс

02.11.2011 10:37
Десетто издание на Синедејс

Седумдесеттина филмови, од коишто 12 во официјалната селекција, 100-тина фестивалски гости, 9 концерти, 12 фестивалски програми, многу гала премиери, десет филмски денови, неколку работилници и придружни настани, ќе го одбележат 10-от Фестивал на Европски филм СИНЕДЕЈС, што ќе се одржува од 10 до 20 ноември 2011 година.

Бела Тар, Аки Каурисмаки, Вуди Ален, Александар Сокуров, Сузан Бир, Дејвид Кроненберг, Нани Моретти, Ларс Фон Трир, браќата Дарден и Педро Алмодовар (идејниот творец на овој филмски фестивал), се режисерските имиња чиишто авторски дела ја прават гала програмата на фестивалот СПЕКТАКУЛАРНА.

Годинава, во рамки на фестивалот сите љубители на седмата уметност ќе имаат можност да уживаат во филмовите од најновата Европска продукција и тоа под отворено небо, проектирани од 3 до 8.11.2011 година, на големото филмско платно на плоштадот „Македонија“.

Во рамки на десеттото јубилејно издание на CINED@YS, ќе биде реализирана и програмата „Македонија и Европа“, што претставува преглед на филмски остварувања на продуценти и актери од Македонија, коишто на различни филмски проекти соработувале со продукции од Словенија,Турција, Албанија, Италија и други земји од Светот.

Филмовите во официјалната програма ги селектираше Бернд Будер, што воедно е селектор и на фестивалот во Котбус и преселектор на Форум програмата на Берлинале. Од дванаесетте филмови, во Скопје ќе пристигнат и ќе гостуваат дури седум филмски екипи. Годинава програмата „Балкан линк“ е преименувана во СИНЕБАЛКАН, а нововоставената програма од годинава на Синедејс е насловена како „ЗЕМЈА ВО ФОКУСОТ“, а во Кинотеката на Македонија ќе бидат претставени кинематографиите на Република Словенија и Грузија.
Големиот српски актер Лазар Ристовски, големиот словенечки и европски режисер Андреј Кошак и актерот Никола Којо, се само дел од ексклузивните гости на овој десетти јубилеен Синедејс.

Во неколку скопски локали, ќе бидат проектирани осум музички документарни филмови, а ќе бидат одржани и десеттина концерти. Селектор на музичката програма е Тони Шариќ, директор на веќе популарниот и реномиран ДОРФ фестивал.

На посетителите на фестивалот ќе им бидат достапни и премиерните проекции на македонските филмови и тоа: „Луѓе без земја“, играно-документарен филм на Марко Ѓоковиќ, краткиот документарен филм „Девојчето со ќибритчиња“ во режија на Филип Матевски и скопската премиера на филмот на Саша Станишиќ „Митот за Сара“.

Осумнаесетте експериментални филмови од повеќе европски автори се избор на селекторката Ирена Паскали, а ќе бидат прикажани во Музејот на современа уметност во Скопје. Во рамки на филмскиот фестивал ќе бидат презентирани и кусите портрети на еден од најпознатите и најуспешни германски режисери, Андреас Дрезен и на италијанскиот сценарист, режисер и продуцент, Паоло Вирџи.

Жири-комисијата е во состав: Огњен Цвиличиќ од Р.Хрватска, Нил Јанг од Велика Британија и македонскиот млад режисер Дарјан Пејовски, а на фестивалот, покрај за наградата Златна ѕвезда Златна-ЗА НАЈДОБАР ФИМ на СИНЕДЈС 2011, филмовите ќе конкурират и за наградите; Сребрена ѕвезда- НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР РЕЖИСЕР, Сина ѕвезда-награда за најдобро сценарио и Златно сонце-НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР БАЛКАНСКИ ФИЛМ.

Едни од предавачите на работилниците што ќе се одржат во рамки на Синедејс се Анета Лешниковска, којашто ќе предава за дигитален филм и Бригита Мантеи, советник за фондови во Медиенборд, Берлин, а ќе направи презентација за финансирање на филмови и фондови за копродукции со Германија.

Синедејс од годинава преку проектот „Операција кино“, официјално станува дел од фестивалската мрежа на престижните филмски фестивали од Истанбул, Софија, Сараево и романскиот фестивал од Трансилванија.
Град Скопје за 10-от СИНЕДЕЈС,од Буџетот издвои 900 000 денари, а помагател на фестивалот е и Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, а носител на проектот е Младинскиот културен центар-Скопје.

За повеќе посетете го линкот cinedays.com.mk.