Народот против полицијата

03.11.2011 11:19
Народот против полицијата

Се чини дека на американските политичари преку глава им е од демократијата. Полицијата низ земјава, која дејствува по наредба на локалните власти, ги разбива протестите на „Окупирајте го Волстрит“, применувајќи понекогаш шокантно и сосем непотребно насилство.

Во досега најлошиот инцидент стотици полицајци со опрема за разбивање протести ја опколија групата „Окупирајте го Оукленд“ и користеа гумени куршуми (што може да биде смртоносно), гранати и канистери со солзавец, а некои од нив целеа право во демонстрантите. Соопштенијата на движењето „Окупирајте го Оукленд“ на Твитер потсетуваа на соопштенијата од плоштадот Тахрир во Каиро: „Нè опколуваат“, „Стотици и стотици полицајци“. 170 лица беа уапсени.

Моето неодамнешно апсење, додека ги почитував правилата и мирно стоев на улицата на долен Менхетен, ја приближи реалноста за ова задушување на протестот. Америка станува свесна за она што се случи додека спиеше: приватните компании ја ангажираа својата полиција (компанијата „Џеј Пи Морган Чејс“ донираше 4,6 милиони долари на Фондацијата за њујоршката полиција); федералното Одделение за внатрешна безбедност на малите општински полициски сили им даде оружје од рангот на војската.

Америка наеднаш заличе на остатокот од разбеснетиот свет кој протестира и кој не ужива целосна слобода. Повеќето коментатори, всушност, не сфатија дека на повидок е светска војна. Меѓутоа, таа не потсетува на ниедна друга војна од човечката историја – првпат народот низ светот не се поситоветува и не се организира според националните и верски линии, туку повеќе врз основа на глобалната свест, и бара мирен живот, одржлива иднина, економска правда и основни демократски начела. Непријателот е глобалната „корпоратократија“ која ги купува владите и законодавните тела, која создаде сопствени вооружени сили, изврши систематска економска измама и ги ограби трезорите и екосистемите.

Мирните демонстранти низ светот се обвинувани дека го нарушуваат редот. Но демократијата е таа која го нарушува редот. Мартин Лутер Кинг тврдеше дека мирното нарушување на „водотекот“ е здраво бидејќи на тој начин се откриваат скриените неправди кои потоа можат да се решат. Во најдобар случај, учесниците на протестот треба да се посветат на дисциплинирано, ненасилно пореметување на вообичаениот ред, посебно на пореметување на сообраќајот. Тоа служи да ги заузда провокаторите и истовремено во прв план да ја покаже неправедната милитаризација на полициското реагирање.

Демонстрантите не остваруваат успех за неколку часа или дена; тие обично се ангажираат на тој начин што поставуваат логори или „окупираат“ области на подолго време. Тоа е една од причините поради која треба да соберат сопствени пари и да ангажираат сопствени адвокати. Корпоратократијата се плаши дека граѓаните ќе го повратат правото на владеење на правото. На демонстрантите им е потребна армија адвокати.

Исто така, учесниците во протестите треба да основаат сопствени медиуми наместо да се потпираат на главните медиумски куќи. Да водат блогови, да твитуваат, да пишуваат воведници и соопштенија за медиумите, и да водат дневник и документација за полициските злоупотреби (и оние кои ги злоупотребуваат).

За жал, има многу документирани случаи за насилни провокатори кои се вметнуваат меѓу демонстрантите на места како Торонто, Питсбург, Лондон и Атина – луѓе кои еден Грк ми ги опиша како „познати анонимуси“. Исто така, провокаторите треба да се фотографираат и да се воведат во записник.

Демонстрантите во демократските земји треба да прават листи на е-пошта, да ги комбинираат на национално ниво и да почнат да регистрираат гласачи. Треба да им кажат на своите претставници колку гласачи регистрирале во секој округ, и потоа да се организираат и да ги сменат политичарите кои се брутални и репресивни. И да ги поддржат оние, како во Олбени и Њујорк, на пример, каде што полицијата и локалниот обвинител одбиваат да ги задушуваат демонстрациите, кои го почитуваат правото на слобода на говор и собирање.

Голем број демонстранти инсистираат на тоа дека немаат водач, што е погрешно. Лидерот не мора да биде на врвот на хиерархијата – лидерот може да биде и обичен претставник. Демонстрантите треба да изберат претставници на ограничено време, како што е случај со секоја демократска земја, и да ги научат да даваат изјави за печатот и да преговараат со политичарите.

Протестите треба да претставуваат модел на еден вид граѓанско општество какво што нивните учесници сакаат да создадат. Во Зукоти паркот на долен Менхетен постои библиотека и кујна; храната се донира; се повикуваат децата да преспијат таму и се организираат дебати. Музичарите треба да донесат инструменти и атмосферата треба да биде весела и позитивна. Демонстрантите треба да исчистат зад себе. Замислата е да се изгради нов град во рамки на изопачениот град и да се покаже дека тој претставува одраз на поголемиот дел од општеството, а не на некој негов маргинален и разорен елемент.

Најпосле, она што ја претставува суштината на овие протести не се барањата на нивните учесници туку младата инфраструктура на едно заедничко добродетелство. Граѓаните со децении слушаа дека треба да ја кренат главата – и во светот на потрошувачката фантазија, и во сиромаштијата, и како дел од тешките, здодевни професии – и да ѝ го препуштат раководството на елитата. Протестите доведуваат до преобразба бидејќи луѓето се среќаваат лице в лице, но и затоа што за време на повторното навикнување на слободата се основаат нови институции, партнерства и организации.

Ништо од тоа не може да се оствари во атмосфера на политичкото и полициското насилство над мирните демократски настроени демонстранти. Како што рече Бертолд Брехт откако комунистите од Источна Германија брутално ги задушуваа работничките протести во јуни 1953 г.: „Зарем не би било полесно Владата да го распушти народот и да си избере нов?“ Се стекнува впечаток дека наводно демократските лидери во Америка и многу други земји пресериозно го сфаќаат ова иронично прашање на Брехт.

 

Авторката е политичка активистка и социјална критичарка.

Извор: projectsyndicate.org

Илустрации: Оскар Болтон

Други текстови на Окно од истата авторка на следниов линк.

ОкоБоли главаВицФото