Повредени градови

03.11.2011 12:47
Повредени градови

На универзитетот Колумбија во Њујорк на 14 и 15 октомври е одржан меѓународен симпозиум насловен како Injured Cities Urban Afterlives, со намера да даде некои одговори на прашањата како што се: каков ефект имаат катастрофите врз градовите, на нивните жители и на светот воопшто, или како можеме да ги согледуваме политиките на стравот со кои државите реагираат на својата ранливост? Во серијата презентации и разговори, меѓународната група уметници, писатели, активисти и индивидуалци директно погодени од „урбаните повреди“ замисли креативни начини за ре-инвенции како одговор на урбаните катастрофи. Од густата програма можеме да ја издвоиме панел дискусијата насловена како „ Injured Cities/Treshold Catastrophes“, перформанс-предавањето „Witness to the Ruins“ на уметничката група Mapa Teatro, панел дискусијата „Spatializing Afterlife“, како и завршната панел дискусија „Art and Archive After Catastrophe“.

Во првата панел дискусија се претставени три истражувања. Во „Wounded Cities“ Карен Тил ги анализира последиците од проектот на урбаната обнова врз локалните жители; врз примерот на Богота и рушењето на целиот градски кварт Ел Картучо со цел изградба урбан парк, таа ја поставува тезата дека ваквите зафати претставуваат „рани“ не само за преместените жители, туку и за колективната меморија на градот. Саскиа Сасен во своето излагање „When the City Becomes a Technology for War“ укажува на насоките на нејзиното пошироко истражување за урбанизирањето на градот, прашувајќи се дали и на кој начин токму градот, неговите жители и изградената околина може да станат технологија против војната. Ариела Азулеј, теоретичарка на визуелната култура од Израел, во својата расправа „Infra-Destructure“, ја поставува тезата за долготрајните катастрофи како последица на режимите, кои постојат и траат. Расправата ги истражува основните човекови права, при што Азулеј заклучува дека она што се гледа, во контекст на глобалните протести, е будењето на свеста за основното човеково право: правото на замислување на сопствената иднина.

Градовите можат да бидат „повредени“ на безброј начини и отсекогаш биле подложени на „креативна деструкција“, но се поставува прашањето која деструкција е креативна и за кого, а која едноставно е „деструктивна деструкција“. Уметничката група Mapa Teatro го претстави својот проект „Witness to the Ruins“, развиен во текот на 10 години работа со 12 семејства од веќе споменатиот кварт Ел Картучо, кој е избришан од лицето на земјата за да се изгради парк. Перформансот претставува архива на други перформанси, односно документација на три уметнички акции изведени со локалните жители на лице место во текот на процесот на рушење на квартот, дислоцирањето на жителите и градбата на паркот. На овој начин проектот на групата Mapa Teatro ја преработува и ја обновува меморијата на локалните жители, а ја поставува и темата за урбаните политики и политиката на сеќавањето, низ хибридната форма која не е театар ниту музејско дело. За време на перформансот кој трае час и половина, се преставува тивкиот отпор на локалните жители во судирот со градската политика до нивното конечно изместување од својата територија, а интересно е да се забележи дека токму проектот за овој парк доби награда во категоријата за урбан развој и пејзаж на 21 биенале на архитектурата во Колумбија.

Во исклучително интересната панел дискусија „Spatializing Afterlife“ своите дела ги претставија Ејал Вајзман, Клив ван дер Берг и Теди Круз. Архитектот и писател Ејал Вајзман се занимава со анализата на улогата на архитектурата во израелско-палестинскиот судир. Со своето последно истражување „Forensic Architecture“, тој во контекст на сè поголемата урбанизација на конфликтите ја поставува тезата за зградите како докази за политичката пластичност, каде што архитектурата истовремено е сензор и агент на политичките промени.

Уметникот, кустос и писател Клив ван дер Берг претстави два свои проекти од Јоханесбург: пренамената во музеи на два од вкупно четири затвори кои го формирале комплексот Constitution Hill, машкиот затвор за црнци „Number 4“ и женскиот затвор „Woman’s Gaol“. Затворите на Constitution Hill, изградени уште во 19 век, интензивно се користени во периодот на апартхејдот и беа познати по тешките услови за живот и мачењето. Претпоставувајќи дека сегашноста не може да се доживее без симултано доживување на минатото, со техники на мапирање на сеќавањата и ре-мапирање на просторот на затворот, во партиципативен процес со поранешните затвореници, тој се обидува да пронајде заеднички јазик за излекување од колективната траума.

Архитектот Теди Круз го престави своето дело со предавањето „The Injured Public and the Search for a New Civic Imagination“. Според Круз, во контекст на актуелната финансиска криза која се споредува со Големата депресија, она што е „повредено“ не е градот, туку самата јавност, при што урбаната криза е последица токму на оваа пошироката, културна криза на јавноста. Круз ги анализира урбаните динамики настанати среде интензивната миграција на жителите од Мексико во САД, на граничната област Тихуана и Сан Диего, при што повеќе сака да ги согледува како места на производството отколку на потрошувачка, како места за креативна акција на граѓаните, кои поттикнуваат да се размислува за поимите густина и сопственост, прашувајќи се дали архитектот има задача да ги дизајнира политичките и социјалните процеси, да ги дизајнира општествените договори, микро социоекономските иницијативи со цел отворање пат кон новата граѓанска имагинација.

Основа за завршната расправа „Art and Archive After Catastrophe беа излагањата на тројца уметници: Валид Раад од Либан, Динх Кју Ле од Виетнам и Шрин Нешат, иранска уметница во егзил. Врската меѓу сите три презентација е преиспитувањето на улогата на уметникот и уметноста во нестабилните социјално-политички услови во нивните земји, општествената одговорност и општествено ангажираната уметност. Валид Раад, основач на имагинарната фондација Atlas Group чија цел е истражување и документирање на современата историја на Либан, го престави својот проект „We Can Make Rain But No One Came to Ask“, во кој истражува и архивира еден од бомбашките напади кои се случуваа во Бејрут меѓу 1975 и 1991 година. Проектот вклучува 17 минутно видео кое ја открива фиктивната приказна за измислената соработка меѓу две историски фигури, фоторепортерот Џорџ Семердијан и истражувачот на детонации Јусеф Битар, во манир на документарен филм, доведувајќи го под прашање третманот на историските случувања како истовремено фактографски и имагинарни, вистинити и лажни.

Шрин Хешат, авторка на многу наградуваниот филм „Жени без мажи“, го поставува прашањето дали уметникот може да биде активист, може ли уметноста на некој начин да биде катализатор на промените во услови на политичка репресија и социјална нееднаквост, заклучувајќи дека во таквите околности активизмот повеќе е природен импулс и реакција на околината отколку стратегија.

Трендот кој може да се забележи меѓу сите експоненти на овој дводневен симпозиум е трансдисциплинарниот пристап кон проблематиката на урбаните простори на конфликти и трауми, своевиден исчекор од исклучиво дисциплинарните алати карактеристични само за архитектите, само за уметниците, само за активистите или само за урбаните истражувачи, како и исчекор кон ширењето на полето на активности или на она што со едно име би можеле да го наречеме „критични просторни практики“.

Симпозиумот е организиран под водство на Центарот за критичка анализа на социјалните разлики, во рамки на проектот „Engendering the Archive“, повеќегодишно интередисциплинарно истражување за социјалните разлики и архивски практики кои ги откриваат имплицитните структури на моќта кои одредуваат што општествата паметат, а што забораваат.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото