Парадоксот на новата елита

04.11.2011 12:20
Парадоксот на новата елита

Вистинска загатка е како обесправените групи – црнците, жените, Латиноамериканците и хомосексуалците – постепено беа прифаќани во САД, им беа доделени еднакви права и беа воведени во главните текови, додека истовремено, кога станува збор за економијата, од релативно рамноправно општество САД станаа една од најнерамноправните демократии во светот.

Обете промени се подеднакво големи и значајни: едната покажува стабилен напредок кон демократската вклученост, додека другата покажува сè поголема толеранција кон економската стратификација која беше незамислива само една генерација претходно.

Американците гордо веруваат дека „секој може да биде претседател“, а нема подобар пример за тоа од Барак Обама, син на црнец од Кенија и белкиња од Канзас – од кои ниеден не бил богат.

Па сепак, над половина претседатели во изминативе 110 години студирале на Харвард, Јејл или Принстон, а дипломците од Харвард и Јејл последниве 23 години го чуваа клучот од Белата куќа, во текот на четирите претседателски мандати. На тој начин станавме општество кое истовремено е инклузивно и елитистичко.

Тоа е изненадувачка противречност. Дали истовремено овие два тренда се само историска случајност? Или се поврзани?

Се чини дека и другите нации се соочуваат со истиот предизвик; или инклузивност, или економска правда. Европа задржа многу повеќе економска еднаквост, но прилично се измачува со прашањата за вклученост и дискриминација, и е значајно помалку отворена кон малцинствата одошто САД.

Европските земји подобро ги штитат правата и приходите на работниците, но се двоумат да ги прошират благодетите на својата великодушна социјална држава кон новите доселеници кои изгледаат и се однесуваат поинаку од Европејците. Дали губењето ентузијазам за редистрибуцијата на приходите и за прогресивното оданочување кај Американците би можело да биде делумна реакција на споделувањето на ресурсите со традиционално исклучените групи?

„Јас навистина сметам дека постои взаемна исклучивост меѓу инклузијата и еднаквоста“, изјави Гери Бекер, нобеловец и професор по економија на Универзитетот во Чикаго. „Ако сте германски работник, тогаш вам ви е подобро отколку на вашиот американски колега, но ако сте имигрант, подобро ви е во САД.“

Професорот Бекер, угледен конзервативец на слободниот пазар, го напиша својот докторат (и прва книга „Економија на дискриминацијата“) за да покаже дека расната дискриминација е економски неефикасна. Американските деловни лидери, се чини, сфатија дека не може да се заработи врз исклученоста: вклучувањето нови групи едноставно создава нови потрошувачи. Ако можете да зграпчите речиси ¾ од економскиот раст – како што 1% од најбогатите го сторија тоа во периодот 2002-2006 г. – тогаш можеби не ви се исплаќа да се противите на геј бракот или да ги дискриминирате луѓето поради бојата на нивната кожа.

„Мислам дека станавме во голема мера меритократско општество – образовниот успех станува сè поголем предуслов за економскиот успех“, вели професорот Бекер. Но бидејќи образовниот успех сè повеќе е резервиран за децата на богатите и образованите, се чини дека развиваме самоперпетуирачка елита која собира сè поголем и поголем дел од паричната награда. Тоа е елита која вредно работи, и е поразновидна од стариот белечки машки англосаксонски естаблишмент – но и покрај тоа, таа присвојува поголем дел од националниот доход одошто беше случај пред 50 години, кога црнците, Евреите и жените во голема мера беа исклучени од институциите на моќ.

И нееднаквоста и инклузијата се карактеристични за Америка колку и питата од јаболка, вели Џером Карабел, професор по социологија на универзитетот Беркли. „Сè додека сите имаат можност да се натпреваруваат, не би требало да се грижиме за еднаквоста. Еднаквоста на условите се доживува како нешто непожелно, дури и неамерикански“, вели тој.

Долгата историја на расна дискриминација претставуваше срамна противречност – и сериозна закана – на нашиот социјален наратив за еднакви можности. Со носењето на законот за сегрегација беше тешко сериозно да се тврди дека секој има еднакви шанси. Водачите на движењата за човекови права, како Мартин Лутер Кинг, можеа да ја користат оваа традиција за да придобијат поддршка за своите цели. „Со оглед на нашата култура на еднакви можности, ваквите аргументи во врска со правата на граѓаните речиси е невозможно да се побијат“, вели професорот Карабел. „Дури и во денешната конзервативна политичка клима, противниците на правата на хомосексуалците го губат упориштето.“

Отстранувањето на традиционалните пречки го отвори американскиот систем. Црнците во 1951 г. претставуваа помалку од 1% студенти на престижните американски универзитети. Денес тие таму се 8%. Истовремено, американските елитни универзитети сè повеќе стануваат резервирани исклучиво за богатите. „Гледајќи ги податоците, гледате дека во првата година на нашите најдобри факултети сè повеќе има деца од високата и високата средна класа“, вели Томас Џ. Еспеншејд, социолог од Принстон. „Дури и малцинските студенти се од побогатите слоеви“, забележува тој, „многумина од нив се од мешани раси, или деца на имигранти или оние кои имале корист од афирмативните мерки“.

Шамус Кан, социолог од Колумбија, се согласува дека дошло до промена во составот на елитата. „Се чини дека се промени составот на учениците во елитните училишта“, вели тој. „Но се чини и дека елитата сè поцврсто ги држи нашето национално богатство и моќ.“

Сепак, релативно безболниот напредок кон поголема разновидност не треба да се отфрли како чист украс. „По реформите на имиграциските закони во 1965 г., оваа држава од Соединетите Држави на Европа стана Соединетите Држави на Светот. Сето тоа буквално без насилства и со релативно мали трауми“, вели професорот Карабел. Тоа не е мала работа, посебно кога ќе ја споредите со траумата која многу европски општества ја доживеаја кога во нив дојдоа многу помал процент граѓани со странско потекло, од кои мал број од нив се најдоа и во нивните елити.

Понатаму, нееднаквоста порасна делумно и поради причини кои немаат голема врска со инклузијата. Речиси сите напредни индустриски општества – дури и Шведска – станаа во голема мера нееднакви. Меѓутоа, САД станаа нееднакви во значително поголема мера. Во Европа правата на работниците останаа централно политичко прашање, додека во САД политиката на идентитетот стана поважна.

„Има значајно помалку класни организации во САД“, вели Карабел. „Расата, родот и сексуалната определба станаа најважни во американскиот политички живот. И навистина – црнците, Латиноамериканците и жените донекаде се изборија за својата положба во општеството, но работничката класа како категорија го изгуби своето упориште. Групите кои се мобилизираа – црнците, Латиноамериканците и жените – си го добија своето место, додека белите работници, кои политички се демобилизираа, го изгубија.“

Една од групите кои се мобилизираа, реагирајќи на протестите од 1960-те и 1970-те, беа богаташите. Трустовите мозоци кои беа посветени на одбрана на системот за слободно претприемаштво – како The Cato Institute и The Heritage Foundation – се родени во овој период. И не е случајност што десничарскиот заговарач Глен Бек одржа собир на годишнината од говорот на М. Л. Кинг пред меморијалот на Линколн. Републиканците сега ги бранат даночните олеснувања за најбогатите 2%, користејќи ги аргументите и дискурсот за граѓански права: инсистирајќи дека е нефер да се исклучуваат најбогатите.

Отстранувајќи ги најочигледните видови дискриминација, иронично, стана полесно да се оправдува присвојувањето на секоја парична награда која можете да ја заработите во рамки на новиот, наводно меритократски систем. „Поголемата инклузивност беше предуслов за поголема економска стратификација“, вели професорот Карабел. „Таа го зајакна системот, ја зацврсти неговата идеологија – многу полесно е да се брани добивката за која се чини дека е заработена по заслуга. Во меритократијата, нееднаквоста станува далеку поприфатлива.“

Поимот меритократија – кој сега речиси универзално се користи како пофален термин – всушност е скован како погрден назив, употребен за првпат во 1958 г., во сатиричниот дистописки роман „Подемот на меритократијата“ на водачот на британската лабуристичка партија, Мајкл Јанг. Тој предупреди на создавањето нова технократска елита во која изборот на неколкумината води кон отфрлување на мнозинството. Повластиците на новата елита се дотолку поштетни и пожестоко се бранат, бидејќи се чини дека се целосно заслужени.

Меѓу европските земји, британската политика на нееднаквост и инклузија најмногу наликува на политиката на САД. Иако нееднаквоста е сè поголема, британското чувство за економска класа е сè помало. Не толку одамна, во 1988 г., околу 67% од граѓаните гордо се поистоветуваа со граѓанската класа. Сега се само 24%. Речиси сите под Кралицата и над линијата на сиромаштијата сметаат дека се припадници на „средната класа“.

Германија сè уште има строги закони кои ги штитат работниците и една од најздравите економии во Европа. Во период од 10 години, децата се насочуваат во една од двете образовни програми; едната води кон универзитет, а другата кон стручно образование – со што им се затвора можноста за студирање, што Американците би го сметале за недозволиво. Но во Германија тоа не е предмет на контроверзи, бидејќи оние кои посетуваат стручни училишта често заработуваат подеднакво како и оние кои ќе завршат факултет.

Во Франција е незаконски владата да собира информации за граѓаните во врска со нивната раса. Па сепак, милиони доселеници – и децата и внуците на доселениците – гнијат во сиромашните населби.

Во САД, до стратификација на богатството дојде по неколку десетлетија во кои економската еднаквост беше силна. Крахот на берзата во 1929 г. и Големата депресија која следеше ги нагласија вишоците од успешните 1920-ти и воведоа во ерата во која политичката клима ги фаворизираше работничките синдикати, прогресивното оданочување и социјалните програми за намалување на сиромаштијата.

Од 1930-те до 1960-те години, приходите на помалку богатите Американци растеа побрзо од приходите на нивните побогати соседи, а уделот на 1% најбогати во националниот доход се намали на 8,9% кон средината на 1970-те од 23,9% од 1928 г. Тој удел сега повторно е поголем од 20%, како пред Депресијата.

Нееднаквоста е традиционално прифатлива за Американците доколку ја следи мобилност. Но најновите истражувања на економската мобилност покажуваат дека на луѓето во САД им е сè потешко да преминат од една економска класа во друга, дека е потешко да ѝ се придружиш на елитата. Додека Американците се навикнале да ги третираат еднаквите можности и еднаквите услови како две одвоени прашања, можеби би требало да го преиспитаат тоа мислење. Во време во кое парите значат политичка моќ, сè поголемо е чувството, и кај левицата и кај десницата, дека со Вашингтон управуваат посебни интереси. Сè поголемо е незадоволството, од „Чајанка“ до „Окупирајте го Волстрит“, поради сегашниот систем, кој работи против обичните граѓани. Наеднаш, како на почетокот на 1930-те, прашањето за економската еднаквост е вратено на дневен ред.

Извор: New York Times

Илустрации: Танг Јау Хунг

Слични содржини

Општество / Свет

ОкоБоли главаВицФото