Нацизмот и хомосексуалците - зошто геј историја? (1)

04.11.2011 17:25
Нацизмот и хомосексуалците - зошто геј историја? (1)

Денес не сакам да зборувам апстрактно, туку повеќе сакам да изнесам конкретен пример за да покажам зошто изучувањето на геј историјата може да ни помогне не само за разбирањето на нашето минато, туку и да ни укаже на иднината, на природата и на димензиите на пречките кои мораат да се совладаат на патот кон еднаквоста, не само на злото, на глупоста, на хомофобијата – иако на овие зборови, секако, мора да им дадеме тежина. За да ја сфатиме подлабоката смисла на овие пречки, тие мора да се сместат во рамки на својот контекст. Само на тој начин можеме да знаеме како пречките можат да се совладаат.

Дваесеттиот век беше век во кој репресијата и прогонот на хомосексуалците ја добија својата најсурова форма. Мојот конкретен и релевантен пример ќе се однесува на најсериозниот прогон на хомосексуалците во современиот свет, имено на оној од страна на националсоцијалистите во Германија. Нема да се занимавам со бројот на умрените или со геј животот (онаков каков што се водел) во нацистичкиот режим, туку повеќе на контекстот на прогонот – тоа е она што изгледа поважно во пошироките рамки. Иако по 1933 година геј луѓето енергично биле прогонувани и осудувани на смрт, доколку не можеле да докажат да се промениле, нацистите ниту тука, како и во други случаи, не измислиле нешто ново, туку само ги презеле надежта и стравот на општеството и ги довеле до екстремна точна на вжарување. Успехот на националсоцијализмот бил токму во тоа што дејствувал во фамилијарен контекст, ги користел веќе постојните традиции и управувал со веќе присутните предрасуди.

Кога го набљудуваме прогонот на геј популацијата, се чини дека има мало значење што хомосексуалците сочинувале помалку од 1% од популацијата во концентрационите логори, но поважно е што ние и понатаму се соочуваме со проблемите ендемични за модерното општество, а кои нацистите толку добро ги искористувале. Заклучокот кој може да се изведе од фактот на прогонот не ни зборува само што е тоа националсоцијализам, туку ни зборува и за општеството во кое прогонот се спроведува, а кое по своите суштински карактеристики и до денес остана неизменето.

Во тоа време, и до неодамна, нацистите се сметале за противници на буржоаското општество, нивниот водач е наводен молер од работничка класа без образование, кој се одава на однесување за (граѓанска) осуда. И навистина, нивните говори и списи го напаѓале дебелиот, богат и кукавички граѓанин. Во говорите на Хитлер буржуј значи нерешителност, налицканост и невојничко, немажествено однесување. Ништо од овие тиради не се однесувале на буржоаската респектабилност, таа слика која нацистите со големо задоволство ја проектирале за себе. Респектабилноста, во значење на добри манири, однесување, нормативна сексуалност и родови поделби, билеа огледало низ кое општеството се гледало себеси и се дефинирало. Сето ова исцрпно е документирано преку антипорнографските закони и законите за проституцијата, во законодавството против секоја форма на нудизам, применети речиси веднаш откако нацистите ја зграбиле власта.

Но, каква врска има тоа со нашата судбина?

Ако ги погледнеме сите оние кои нацистите ги прогонувале, се појавува важен образец. Да го наведеме примерот на предложениот закон од 1943 година наречен „Закон за третман на оние кои се неспособни да одржуваат заедница“. Да посветиме внимание на основното обвинување: кои се тие? Тоа се оние кои одбиваат да работат, скитниците, забошотувачите, онеспособените, просјаците, ментално оштетените и хомосексуалците. Евреите и Ромите мора да се додадат на оваа листа. Што сите тие имаат заедничко?

Тие претставуваат целосна спротивност на оние идеали зад кои општеството треба да стои: работна етика, поседување постојано престојувалиште, управување и контрола на страстите и, особено, контрола на сексуалноста. Уште повеќе, сите овие вредности не се само внатрешни аспекти на карактерот. Најважно е тие да не оставаат знак на телото и на лицето. Се сметало дека без размислување е можно да се направи разлика меѓу некој кој поседува доблест и некој кој не поседува доблест, зашто нивната надворешност ги оддава. Ова е особено важно за нас, бидејќи нацистите се сметале за машко општество (Männerstaat) и машкото тело станало сеприсутен симбол на режимот. Не кое било тело, туку она кое одговара на идеалот за машката убавина која станала нормативна и чие потекло лежи во грчкиот идеал онака како што го видел историчарот на уметноста од осумнаесеттиот век Јохан Јоаким Винкелман (1717-1768). Машкото тело кое е хармонично, визијата за мирната сила без вишок килограми или неочекувано движење. Ова машко тело ги одразува идеалите на општеството: тоа го помирило редот со динамичната напнатост и умереноста, понудило слика за хармонија во светот кој како секогаш да бил на работ од хаосот.

Оние кои не можат да одржуваат заедница се вистинска спротивност на идеалот: тие се диспропорцијални, нивните страсти не се под контрола, кај нив нема воздржување, секогаш се во движење. Уште повеќе, сите тие аутсајдери во основа изгледаат слично. Тука се важни карикатурите, стереотипите кои во голем степен одредуваат како општеството ги гледа инсајдерите и аутсајдерите. Нацистите сакале да го ослободат општеството од оние кои веќе биле маргинализирани, прогласувајќи ги за болни и немажествени.

Иако за геј луѓето е кажано дека се неспособни да одржуваат заедница, тие сепак биле обвинети за формирање заедници меѓу нив. Оваа заедница, уште еднаш, била сосема спротивна на нормата, опачина на вистинската држава – не дејствува јавно, туку конспиративно, таа нема да се бори отворено како што тоа го прават мажите, туку субвертира и поткопува. Накусо, геј луѓето биле закана не само заради нивната болест, која како и сите други сериозни болести може да биде заразна, туку затоа што формирале скриена држава во рамки на државата, и на тој начин ја доведуваат во опасност. Истото обвинување важело и за Евреите. Сите аутсајдери ја делат истата судбина.

И геј историјата се соочува со сето ова

Почнувајќи од деветнаесеттиот век хомосексуалноста се сметала за невротична болест (Евреите исто така се сметале за особено подложни на болести). Тука неумереноста, возбудата, телесната изопаченост исто така се заеднички карактеристики на аутсајдерите. Но, што значела „елиминацијата“? Нормативното општество маргинализирало, исклучувало и дури затворало, но не планирало да искорени цели популациски групи – што секако е важна разлика.

Тогаш што на националсоцијализмот му дало остро сечиво, неговата подготвеност да ги искорени сите аутсајдери, што значело нивното целосно елиминирање од општеството? Расизмот бил клучната разлика, и иако се чинело дека директно не се однесува на геј популацијата, мнозинството хомосексуалци, на крајот од краиштата, биле ариевци, тој сепак ги погодил и нив. Расизмот, како и националсоцијализмот, не измислил ништо ново, туку оперирал со веќе постојните предрасуди во општеството, и на нив се фокусирал многу решително. Зашто во расизмот ништо не било нејасно и неодредено, сè било кондензирано околу стереотипите, блиските симболи кои можат да се видат и допрат. Секоја книга која се обидува да го објасни и да го застапува расизмот е прво и пред сè книга во која се печатат и слики. Стереотипите, конечно, не се оживуваат во националсоцијализмот преку скулптури или слики, туку исто така и преку познатите човечки форми, таканаречениот „ариевски изглед“ кој се почитувал толку многу. Стереотипите за инсајдерите и аутсајдерите се меѓусебно спротивставени, супериорните раси се поставувани наспроти инфериорните.

Предавање одржано на универзитетот Винсконсин-Медисон, 30. 3. 1996.

Продолжува.

Слики: Ото Милер

Извор: QT magazin

ОкоБоли главаВицФото