1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Од 1980 до 2004 г. приклучувањето кон ЕУ беше многу популарно меѓу населението во некои земји. Португалските, грчките и шпанските граѓани приклучувањето на своите земји во процесот на европските интеграции го гледаа како гарант за демократска стабилност (овие земји претходно имаа диктаторски режими на власт) и како вистинска можност за подобрување на условите за живот (во првите години од приклучувањето дојде до значајни трансфери на средства од побогатите земји на ЕУ кон новите членки од средоземниот регион). Нивното влегување во еврозоната во првата деценија на 21 век беше добро прифатено, бидејќи одеше во склад со зголеменото ниво на потрошувачка, финансирана со кредити. Нешто слично се случи и со земјите од поранешниот источен блок: и таму луѓето приклучувањето кон ЕУ го видоа како гарант на демократска стабилност, како можност за префрлање средства, можност да патуваат во рамки на Унијата и да најдат подобро платена работа на Запад, поголема достапност на кредити за финансирање на потрошувачката. Меѓутоа, многу бргу префрланите износи значајно се намалија, а некои од производствените сектори, посебно земјоделието, беа тешко погодени од конкуренцијата од далеку поиндустријализираниот и поконкурентен западноевропски агро-бизнис.
Периодот 2008-2010 г. претставуваше пресвртница во прашањето како европските народи ја гледаат ЕУ. Многумина станаа прилично критички настроени, што во голема мера беше исход од одлуката на Европската комисија да прифати неолиберални мерки, додека, од друга страна, тврдеше дека ја застапува „слободната и непопречувана конкуренција“, а кон тоа може да се додаде и кризата со еврото и длабокото влијание на економската криза од 2009-2010 г.
Јадрото и периферијата во рамки на ЕУ
Хиерархискиот однос на светско ниво – со „јадрото“ составено од СА Д, ЕУ и Јапонија (т.н. Тријада) и периферијата која се состои од т.н. „земји во развој“ – е репродуциран и во случајот со 27-те земји-членки на ЕУ. Јадрото овде се состои од најмоќните земји, меѓу кои се Германија и Франција, но и Британија, Италија и земјите од поранешен Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург). Периферијата е потчинета на одлуките на ова хегемоно јадро и главно се состои од јужните и источните земји на ЕУ; да не ја заборавиме Ирска на западот. На ограничено ниво во еврозоната (16 земји), истата разлика резултираше со кратенката PIGS (Португалија, Ирска, Грција и Шпанија), што произведе срамни расистички шеги.
Одбивањето на ЕУ да развие заеднички политики par excellence за да им помогне на новите членки да ги намалат стопанските недостатоци во споредба со јадрото во голема мера е одговорно за структурните пречки на патот кон евроинтеграциите. За време на последниве десет години Германија разви неомеркантилистичка политика (како и Холандија и Австрија): го зголеми својот извоз со намалување на платите на работниците, посебно во ЕУ и еврозоната. Во септември 2010 г. во Германија 7,3 милиони работници имаа мали, краткорочни работи, платени по 400 евра месечно. Значи, германската конкурентност е недвосмислено зголемена во споредба со партнерите, посебно со земјите како Грција, Шпанија, Португалија, но и Романија, Бугарија или Унгарија (кои не припаѓаат во еврозоната). Наведениве земји мораа да се соочат со растечки трговски дефицит кон Германија и другите земји од јадрото. Нивниот моментален дефицит на платниот биланс е во врска со вишоците во земјите од јадрото, посебно Германија. Таквите финансиски дефицити, кои не можат да бидат приватни или јавни, мораат да бидат намалени со надворешни придонеси: странски инвестиции или задолжувања, односно кредити. Моменталниот дефицит во билансот може да се примени главно кај приватните дефицити, од кои повеќето се финансирани со кредити од банките од земјите од јадрото, бидејќи вложувањата беа релативно ограничени (освен во случајот со Шпанија), или се неутрализирани со значаен одлив на капиталот преку посредство на „мултинационалните претпријатија“ (кои заработката ја „носат дома“). Во некои земји од источна Европа (Унгарија, Словачка и Чешка), тој одлив на капитал беше несомнено поголем од вложувањата (приливот на капитал).
Затоа, може да се тврди дека долговите кои треба да ги платат земјите од периферијата во суштина настанале поради однесувањето на приватниот сектор во ЕУ. Во неможноста да се натпреваруваат со јадрото, претпријатијата од приватниот сектор со договор имаат официјализирани долгови кон банките од земјите од јадрото, но и кон внатрешните актери бидејќи економијата на тие земји сè повеќе го контролира финансискиот сектор, бидејќи ѝ се придружија на еврозоната. Потрошувачката процути во тие земји, а во некои до нив (Шпанија, Ирска, Унгарија, Романија, Бугарија) „пренапумпаниот балон“ на бизнисот со недвижности конечно „пукна“.
Сè поголемите каматни стапки – кои земјите од периферијата ги плаќаат за нови кредити кои се договорени откако започна кризата – и понатаму ќе го исцицуваат капиталот од земјите од периферијата кон јадрото (до приватните финансиски институции кои купуваат хартии од вредност издадени во земјите од периферијата или владите на земјите од јадрото кои се вклучени во „плановите за помош“ преку позајмување пари со каматна стапка од 5,2% во случајот со Грција). Германија, Франција и Австрија, на пример, земаат позајмици со камата од 2%, а ги даваат со камата од 5,2%. Ова е многу профитабилен потег. Финансиските пазари бараат двојно или тројно поголеми каматни стапки во споредба со периодот 2007-2008, додека позајмените износи се неверојатно големи. Парите кои земјите од јадрото ѝ ги позајмуваат на Грција, Ирска или Португалија се враќаат низ приватните банки од земјите од јадрото, а каматните стапки на овие банки изнесуваат 10%. Несомнено постои одлив на средства од периферијата кон јадрото.
Од друга страна, со оглед на продуктивноста на Германија и другите земји од периферијата, финансискиот одлив исто така се одигрува со посредство на трговската размена, а според механизмот на нееднаква размена кој Маркс го опишува во „Капиталот“: „Капиталот пласиран во надворешната трговија мора да даде повисока профитна стапка зашто овде се конкурира со стоки кои другите земји ги произведуваат со помали производствени леснотии, така што понапредната земја ја продава стоката над нејзината вредност, иако поевтино од конкурентските земји. […] Истиот однос може да се случи и кон земјата во која се праќаат стоките и од која се добиваат стоките; имено, таа земја да дава повеќе опредметен труд во натура одошто добива, а притоа сепак да добива стока поевтино одошто самата би можела да ја произведе“.
Демократска основа за поинаква Европска унија заснована на солидарност
Неколку одредби во договорите за ЕУ, еврозоната и Европската централна банка (ЕЦБ) мора да бидат укинати, како што се член 63 и 125 од Лисабонскиот договор со кои се забранува контрола над движењето на капиталот и сите видови помош на држава во неволја. Пактот за стабилност и развој исто така мора да биде напуштен. Сегашните договори мораат да бидат заменети со нови во рамки на реалниот демократски процес, констутивен за пактот за солидарност кон граѓаните кој води сметка за вработувањето и животната средина.
Монетарната политика мора да биде целосно изменета, како и статусот и праксата на ЕЦБ. Неспособноста на политичките власти да ја обврзат ЕЦБ да печати пари претставува сериозен недостаток. Со поставувањето на ЕЦБ над владите, а со тоа и над народот, ЕУ направи катастрофален избор давајќи им предност на парите во однос на луѓето, наместо обратно.
Европа заснована на солидарност и соработка би требало да ја отфрли компетитивноста, која се стреми да го намали животниот стандард. Неолибералниот начин на размислување доведе до криза и се покажа неуспешен. Ги намали социјалните показатели, доведувајќи до помала социјална заштита, намалување на бројот на работни места и јавни служби. Малцинството профитираше од кризата со газење на правата на мнозинството. Виновниците се наградени, додека жртвите мораат да платат! Мораме да ја промениме оваа неодржлива логика на која почиваат сите основачки акти на ЕУ, меѓу кои предничи Пактот за стабилност и раст. Повеќе одошто кога и да било, мораме да се стремиме кон поинаква Европа, заснована на соработка меѓу државите и солидарност меѓу народите.
Новата, демократизирана Европа мора да настојува да воспостави принципи околу кои не може да се преговара. Таа мора да ја поддржи и подобри општествената и фискалната правда, да носи одлуки кои ќе го кренат животниот стандард на нејзините жители, да се вклучи во намалување на вооружувањето и обемно да ги скрати воените трошоци (вклучувајќи и повлекување на европските трупи од Авганистан и излегување од НАТО), да избере одржливи извори на енергија за да се избегне користењето на нуклеарната, и да забрани употреба на генетски модифицирани организми. Всушност, Европа мора решително да стави крај на сопствената политика на „тврдина под опсада“ кога станува збор за кандидатите за имиграција, за да стане партнер заслужен за доверба поради неговата правичност и вистинска солидарност со народите од југот.
Извор: cadtm.org
Илустрации: Рафаел Силвеира