1026 hPa
87 %
5 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 00:58
Националното покајување повторно е актуализирано, бидејќи таквите случаи станаа исклучително чести во изминативе неколку години. Во 2008 година тогашниот премиер на Австралија Кевин Руд им се извини на Абориџините во својата земја, додека кралицата Елизабета II пред неколку месеци покажа уште потрогателен чин на покајување во Ирска. А сега и францускиот претседател Никола Саркози во текот на неодамнешната посета на Кавказ им го повтори советот на Турците да се „покаат“ заради масакрот на Ерменците кој го изврши отоманскиот режим во 1915 година.
Саркози, секако, би се изненадил кога би му било кажано дека истата логика би требало да доведе до извинување на Франција кон Алжир, а да не ги споменуваме алжирските војници кои се бореа под француското знаме, таканаречените Харкии, од кои многумина беа препуштени на ужасната судбина кога Франција набрзина ја напушти земјата. Што се однесува до оние кои успеаја да преживеат и да го поминат Средоземното море, Франција ги фрли во изолирани гета.
За голем број политички водачи и аналитичари покајувањето е погрешен и пренагласен вид чувствителност. Тие велат дека историјата не може да се промени. Освен тоа, каде некое извинување почнува, а каде завршува? Дали е потребно извинување заради крстоносните походи, за тоа што војските на Луј XIV уништуваа германски градови во седумнаесеттиот век, а да не ги споменуваме војските на Наполеон? Дали тоа не би резултирало со тоа што историјата би станала непрестаен круг на покајувања?
Сепак, во време на глобализацијата, која бара транспарентност и тргнува од меѓусебната зависност, покајувањето може да се смета за инструмент за добро владеење. Земјата која го подигнала „тепихот“ на митот и рамнодушноста под која се туркани негативните аспекти на нејзиното минато е поспособна за раководство и згрижување на другите.
Јапонија никогаш не научи да комуницира со своите азиски соседи на начинот на кој Германија по Втората светска војна научи да соработува со своите идни европски партнери, делумно затоа што нејзините извинувања одаваа впечаток на формалност и рамнодушност, кога воопшто имаше такви гестови. Европската унија постои (без разлика на нејзините тешкотии) затоа што Германија бараше прошка. И Германија денес умее да се дистанцира, иако очигледно на маргините, од актуелните власти на Израел зашто Германците целосно се спротивставуваат на своето минато онака како што многу нивни соседи не го прават тоа.
Молбата за прошка ни овозможува да им зборуваме на „Другите“ недвосмислено заедно со слободата за говорот која е потребна за да се претстави иднината. Поранешниот претседател на Франција Жак Ширак всушност си обезбеди место во француската историја на тој начин што Франција ја прогласи одговорна за злосторствата што ги изврши соработничката влада во Виши врз еврејските граѓани за време на нацистичката окупација. Конечно е закопана измислицата дека „Виши не беше Франција“, која ја актуализираше Шарл де Гол и ја следеше Франсоа Митеран.
Кој француски претседател ќе биде доволно храбар да се извини на Алжир и на Харкиите? Злосторствата што Франција ги изврши за време на војната за независноста на Алжир ниту по обемот ниту по мотивот не потсетуваат на оние што ги изврши нацистичката Германија. Може да се каже дека за време на ерата на колонијализмот Франција посакуваше среќа за Алжирците, а не само огромна територија за Франција. Но, Французите беа тие кои ја дефинираа „среќата“ без консултација со Алжирците, а уште помалку ја бараа нивната согласност.
Денес, кога Франција ги ангажира прогресивните сили на „арапската пролет“, политички, ако не и во воена смисла, како што е тоа случајот со Либија, дали може да го одржи лицемерниот став кон Алжирците и да плаќа висока цена во форма на кредибилитет, за да продолжи да молчи за минатото? Кога станува збор за прошката, посилната страна е таа која мора прва да се извини. А демократијата е главна компонента на таа сила зашто таа претставува најповолна основа за одговорно подучување што е тоа историска чесност.
Секако, не треба да има премногу илузии. Актуелната алжирска влада е мошне лежерна во осудувањето на Франција и може да продолжи така без разлика на она што поранешната колонијална сила го соопштила или го направила.
Но, тоа не треба да послужи како алиби за да не се прават чекори. Во јули 2012 година Франција и Алжир ќе ја обележат педесет годишнината од раѓањето на Алжир. Бидејќи тоа ќе биде веднаш по претстојните претседателски избори во Франција, овој настан може да претставува исклучителна можност Саркози или неговиот наследник да иницира симболичен чин на покајување. Еден таков гест ќе ја засилил Франција и на меѓународната сцена, но и кога станува збор за сентиментите на нејзините државјани од алжирско потекло, од кои некои отворено се свртеа кон фундаменталистичкиот ислам зашто им беше тешко да ги помират двете страни на својот идентитет.
Покајувањето не е знак на слабост. Напротив, тоа е демонстрација на мирна и совесна сила и предуслов за добро и реалистично раководство.
Извор: danas.rs