Сведоци и форензичари

08.11.2011 12:14
Сведоци и форензичари

Зима 1901/02. Во рамките на предавањата по криминалистика на Универзитетот во Берлин, професори, референдари и студенти дискутираат за некој стручен реферат. Расправата се ближи кон крајот. Денот бил долг, надвор паѓа мрак, саатот покажува петнаесет до осум. Но, пред идните образовани криминолози да си заминат од факултетот, се случува необичен настан.

На крајот од расправата за книгата на Тард тајниот советник Фон Лист прашува: „Дали уште некој нешто сака да додаде пред на референдарот да му го дадам завршниот збор?“

Станува д-р К.

Фон Лист: „Колегата К. има збор“.

К: „Би сакал уште накусо да го разгледаме Тардовото учење од аспект на христијанската филозофија на моралот.“

Л. упаѓа гласно: „Само уште тоа фалеше!“

К: Повелете бидете мирни ако никој ништо не Ве прашал.“

Л: „Тоа е безобразие“, станувајќи.

К: „Ако речете само уште еден збор...“ и му приоѓа на Л. со подигната стисната тупаница.

Л: „Тргни ја раката или...“

Л. го извлекува револверот и ја притиска цевката врз челото на К. Фон Лист го удира по подигнатата рака. Револверот се спушта на висина на градите на К. Во моментот кога пиштолот е насочен некаде во висина на срцето, се слуша истрел.

„К.“ го преживува истрелот. „Л.“ исто така; никој не е повреден, ниту уапсен, бидејќи она што наликува на мала театарска сцена всушност и е тоа. Перформансот е дел од психолошкиот експеримент со кој правниците на Универзитетот во Берлин под водство на Сали Џафа сакаат да ја истражат прецизноста и поузданоста на исказите на сведоците. Освен самите „актери“ никој друг претходно не бил однапред информиран, но од многубројните сведоци оттргнати од мирот на предавањето било побарано да ги запишат своите согледувања; од некои тоа било побарано уште истата вечер, од некои следните денови, од некои барале исказ после подолг временски период. Идејата била да се утврди каква улога во сеќавањето играат карактеристиките на личноста, временската дистанца и други фактори. Поттик за овој експеримент Џафа добил од Вилијам Штерн, филозоф и психолог од Бреслау, роден 1871 година.

Штерн е основач на таканаречената форензичка психологија. Неговите експерименти се засноваат врз славните студии за сеќавањето. Низ необичните услови на своите испитувања тој се обидувал да одговори на прашањата: Во која мера просечниот исказ на нормален, релевантен сведок може да се смета како коректно прикажување на некоја објективна состојба на работите?; Што вели сведокот кога ја зборува вистината?

Штерн работел со, како што напишал самиот, „првокласен човечки материјал“, имено со „образовани лица во старосно доба кога се најспособни да примаат“. Кај нив веќе „благодарение на професијата“ би можела да се „очекува одредена извежбаност во посматрањето и самокритика на помнењето“. Учесниците на експериментот поминуваат различни тестови за помнењето и Штерн на крај доаѓа до можеби изненадувачки резултат: сеќавањето без грешка „не е правило туку исклучок“. Заблудите се составен дел од тоа и „самото заколнување на вистина не е никаква заштита од измамата на сеќавањето“. И сеќавањето има свој „самостоен живот“, констатирал Штерн.

До сличен заклучок дошле и режисерите на перформансот во берлинската слушална: „Дејствијата, па и оние најсуштинските, не се врежуваат во сеќавањето подобро од изговорениот збор“.

Го пишувам сево ова (главно потпирајќи се на книгата на Ханс-Јоахим Нојбауер, „Фама - Историја на гласините“), за да укажам дека се нормални и очекувани различните искази на сведоците, деновиве, на судењето за убиството на младиот Мартин Нешковски. Различни луѓе различно помнат, заклучил уште Штерн.

Проблемот на тоа судење, според мене, е друг, поопшт и многу поопасен за нашето општество: полицијата кај нас не само што е „држава за себе“, сосема имуна на каква било контрола (од Судството, Собранието, граѓанскиот сектор или јавноста), туку таа првенствено е во функција на партијата на власт. Нападот врз Партијата или Фамилијата е напад врз „Македонија“, врз „легално избрана власт“, врз „уставниот поредок“ итн. Тој јазик на ловење непријатели, јазикот со кој власта го поистоветува личниот со државниот интерес (а со тој јазик зборуваат најврвните актуелни функционери, Груевски и Ставрески, на пример), најдобро покажува како кај нас режимот ја користи полицијата. Случајот со Љубе Бошковски е исто толку страшен и во тој случај исто така тешко е злоупотребен голем дел од државниот апарат за, мене ми се чини, теснопартиски политички и изборни потреби.

Се разбира, не само полицијата кај нас е во функција на забеганите моќници (до фарса се доведени државните институции од типот на комисиите за лустрација, антикорупција итн.), туку буквално целиот државен апарат, комплет со огромен дел од стопанството (вака или онака зависно од државата), е во улога на најсоголен сервис за потребите на режимот. Злоупотребата на полицијата и судството се само најстрашните примери за тоа масивно партизирање на државата.

Цртежи: Aris Moore

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото