Мојата земја

09.11.2011 12:06
Мојата земја

Добро се разбирам од опсесија, ѝ бев подложен повеќе од кој било. Добро знам колку човек може да биде опседнат со некоја идеја, каде таа може да го одведе, колку може да го занесе, на какви опасности од лудило може да го изложи, колку нетолерантност и идолатрија таа подразбира, на колку возвишени безобѕирности го присилува... Подеднакво знам дека опсесијата е основа на страста, извор кој ја издржува и одржува, тајна која ја прави трајна.

Многу пред своите триесетти и јас ја запознав страста, очајничката, агресивна, безизлезна страст кон својата земја! Мојата земја! Во неа ја барав потпората која ми беше потребна, но не можев да ја најдам ниту во нејзината сегашност, ниту во нејзиното минато. Од бес ѝ припишав иднина, закрпена од сè и сешто, разубавена, во која не верував. На крајот се настрвив на неа, на таа иднина, замразувајќи ја: плукнав на својата утопија. Мојата страсна и будалеста омраза немаше, така да кажам, свој предмет, зашто мојата земја очигледно се распарчи. Сакав да биде моќна, огромна и безумна, како зла сила, пред чија неминовност светот ќе трепери, а таа беше мала, скромна, без и еден атрибут за да може да опстане. Кога ќе се задлабочев во нејзиното минато, ќе најдев само зависност, резигнација, понизност, а кога ќе се свртев кон сегашноста, ги откривав истите грешки, едните деформирани, другите недопрени. Немилосрдно истражував, во занесената желба да откријам нешто друго, но безуспешно, сè беше толку бистро. На крајот помислив дека таа не може да се бори со мојата гордост, бидејќи во секој поглед е премалечка за моите барања. Дали тогаш не напишав дека сакам во себе да ги соединува „судбината на Франција и населеноста на Кина“? Сето тоа беше лудило. Но, лудило поради кое страдав, кое не беше безопасно, зашто влијаеше врз моето здравје. Наместо своите мисли да ги насочам кон нешто поодредено, јас се врзав за својата земја зашто нејасно чувствував дека ми дава причина за илјада маки, дека додека мислам на неа ќе имам на располагање вистински рудник од страдања. При рака ми се најде неисцрпен пекол во кој мојата гордост можеше да очајува на моја штета. Мојата љубов беше самоказнување и суров донкихотизам. Бесконечно расправав за судбината на земјата која немаше судбина: бев, буквално, пророк во пустина. Всушност, не тропав само јас и не страдав сам. Имаше и други кои имаа предвид некаква иднина, во која веруваа, иако понекогаш ги обземаше сомнеж во оправданоста на сопствените очекувања. Бевме банда очајници во срцето на Балканот, осудени на неуспех; а тој неуспех ни е и единственото оправдување.

Бевме свесни за фактот дека нашата земја не постои; знаевме дека постои само како стварност на нашиот очај.

Во тоа време беше основано некое движење кое сакаше да реформира сè, па и минатото. Во ниеден час искрено не верував во него. Меѓутоа, тоа движење единствено упатуваше на тоа дека нашата татковина може да биде нешто друго, а не само фикција. Тоа беше сурово движење, мешавина од предисторија и претскажувања, мистика на молитвата и на пиштолот, движење кое сите власти го прогонија и кое повикуваше на прогони. Неговата непростлива грешка беше тоа што припишуваше иднина на нешто што немаше иднина. Сите водачи беа погубени, а труповите им беа фрлени на улица: тие имаа судбина, а тоа нивната земја ја ослободи од обврската самата да ја има. Со своето лудило ја искупија својата татковина. Беа тоа крволочни маченици. Веруваа во убивање, па и самите беа убиени. Со себе во смрт ја однесоа и иднината во која веруваа наспроти здравиот разум, евиденцијата на „историјата“. Движењето беше цел на напади, распрскано, до пола уништено. Ја доживеа судбината на примитивниот Порт-Ројал. Се базираше на суровост: уништено е со сурови методи. Во времето додека чувствував слабост кон тие крвави сонувачи, нејасно насетував, претчувствував дека не ни можеа ниту смееја да ја достигнат целта, и дека идеално, во совршена форма, го отелотворуваа неуспехот на мојата татковина, дека имаа судбина на тој неуспех да му го дадат интензитетот и замавот кој им недостасуваше. Јас во тоа време страсно бев опседнат со двојниот неуспех. Овој грч кој ми беше потребен да ме турне ми го даде тоа движење. Кој меѓу дваесеттата и триесеттата не го даде својот придонес кон фанатизмот, страста и залуденоста, тој е имбецил. Човекот либерал го прави само заморот, а демократ умноста. Младите луѓе мораат да бидат несреќни. Тие се оние кои ги промовираат доктрините на нетолерантноста и ги спроведуваат во дело. Тие се оние кои повикуваат на крв, крик, метеж, дивјаштво. Во времето на мојата младост целата Европа веруваше во младоста, ја туркаше во политика, во државни работи. Заедно со тоа, тој млад човек теоретичар, полу-филозоф, тој мораше по секоја цена да има неразумен „идеал“. Тој не беше задоволен со насоката на филозофијата: тој беше фанатик, сметаше на бесмислата, од која очекуваше сè.

Ние, младоста на мојата земја, ние живеевме од Бесмислата. Тоа беше лебот наш секојдневен. Наоѓајќи се на работ од Европа, презрени или занемарени од целиот свет, сакавме да привлечеме внимание. За таа цел едни користеа пиштоли, а други рашируваа најлоши бесмислици, измислуваа будалести теории. Сакавме да испливаме на површината на историјата: ги сакавме скандалите, сметајќи дека тие се единственото средство со чија помош ќе можеме да се осветиме на својата мрачна судбина, на својата подредена положба во историјата, на своето непостојно минато и на својата пониженост во сегашноста. „Да се создава историја“, тоа беа зборовите кои постојано ни беа во ушите, нашата мисла водителка. Ја импровизиравме сопствената судбина, отворено се побунивме против својата ништожност. Не се плашевме дека ќе излеземе смешни. Зашто нашето знаење беше недоволно, нашето искуство лажно; токму затоа нашето разочарување мораше да биде цврсто, нескршливо. На крајот тоа стана наш закон... Потонавме на нивото на својата земја.

... Мене на крајот престанаа да ме интересираат тие игри, таа екстаза, грчење, лудило. Тогашните екстравагантности ми станаа несфатливи; дури не можев ни да се сетам на своето минато; а кога сега се сеќавам, ми се чини дека тие години му припаѓаат на некој друг. Тој друг е личност која не ја признавам, а целото мое „јас“ е некаде другаде, илјадници километри далеку од некогашното.

Кога размислувам за сите страсти, за сите екстази на своето сегашно јас, за своите грешки и прекумерни воодушевувања, за своите сништа за исклучивоста, моќта и крвта, за своето уживање во необичниот цинизам, за своите тортури во Ништожноста, за своите залудни бдеења – ми се чини дека сум се задлабочил во опсесиите на некој странец, а потоа со запрепастеност сфаќам дека тој странец сум јас. За волја на вистината треба да се додаде дека во тоа време сè уште не знаев што е тоа сомнеж, дека почнав да стекнувам знаења за неа; дека за мене постоеја само тврдења од кои нешто се отфрлаше или прифаќаше. Во тоа време напишав книга за својата земја: ја нападнав својата татковина толку жестоко како можеби никој пред мене. Макотрпна работа на побеснет лудак. Во моите осуди имаше толку жар што сега, откако помина многу време, не можам да верувам дека не станува збор за некоја превртена љубов, обратна идолатрија. Тоа е нешто како химна на убиецот или врескачка теорија на патриотот без татковина. Тоа претерување една друга земја, непријател на мојата, го искористи во клеветничка кампања, а можеби сепак во вистинољубива. Сеедно! Копнеев по неумоливото. Делумно ѝ одадов признание на својата земја што ми даде толку значајна можност за страдање. Ја сакав зашто не можеше да одговори на моите очекувања. Во тоа време верував во убавината на несреќните љубови. Ги сакав искушенијата: а најголемо искушение ми се чинеше дека е тоа што сум се родил токму во таа земја. Во тоа време имав незаситна потреба за лудило, лудило во дело. Морав да уривам; деновите ги поминував замислувајќи слики на уништување. На што? Никого не мразев. Во мојата земја постоеја два вида граѓани: бедници, од кои се состоеше речиси целата земја, и неколку шарлатани, паразити, кои ја искористуваа нивната беда. Да се уништи сè ми се чинеше премногу лесно: тоа беше можна и премногу лесна задача, која не беше соодветна за моите амбиции. Тоа значеше да се впуштиш во нешто безначајно, да се стопиш во очигледноста, да ги задоволиш општите барања. Во потрагата по свој предмет ги најдов и гробиштата ... бесен на своите предци, се прашував како уште еднаш да ги убијам, засекогаш. Го мразев нивното молчење, недејствување, и сите векови кои ги исполнија со својата абдикација. Ми падна на ум замислата дека би требало да ги дигнам во воздух нивните гробови, да ги распрснам нивните коски, да го понижам нивниот молк, да им се одмаздам, да им се потсмевам за нивните порази, да ја претворам во прав својата „некогашна“, својата вечна ништовност... Непотребно е да се каже дека мојата замисла не беше поттик за крстоносен поход. Едно време тоа ми беше доволно. А потоа одеднаш ми здодеа залудно да мразам, па се свртев кон поголемата омраза, која го опфаќаше целиот свет, почнувајќи од презирот кон соседот до вселенската анархија. Всушност, мене лудилото ми беше потребно како што на другите им е потребна мудрост или пари. На помислата дека нешто постоело и можело да постои независно од мојата волја за уништување запаѓав во кризи на беснила, цели ноќи поминував треперејќи. Токму тогаш сфатив зошто човечката злоба на големо ја надминува животинската. Нашата не преминува веднаш на дело, таа се собира, расте, буи и прекипува. Таа, затоа што мора да чека, се потпира на размислувањето и станува сурова. Таа мрази сè, а кај животните трае само миг и се однесува на непосредниот предмет, и никогаш не се свртува против себеси. Нашата злоба толку нараснува што веќе не знае кого треба да уништи, па се „фиксира“ на самите нас. Тоа ми се случи и мене: станав средиштето на својата омраза. Ја мразев својата земја, сите луѓе на светот; на крајот омразата ја свртев против себе: подлегнав на очајот.

Извор: Emil Cioran, Mon pays, Transfiguration de la Roumanie, édition de l’Herne, Paris 2009

Другите текстови од Емил Сиоран се достапни на следниов линк.

Слика: Френсис Бејкон

како некои твои романтични

како некои твои романтични седења и замислености во под или како очи што гледаат да избегнат контакт и контрола врз вниманието, како фокус од кој зависи виртуелната реалност, како цицка која ја избегнуваме, како млеко кое плута во бестежината. како коса која плута; да престанеме со како ситуациите и да се облечеме во рефрените на надреалноста не повикува да си играме, како детска градинка со пластични гребла и точак со кој се возиме по небото, како плав облак што го голтаме и издишуваме како марихуана, како торнадо кое излегува од дланката, како романтично и мало, тенко време, како слој.

Слични содржини

Општество / Теорија
Книжевност / Теорија
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото