Бегство од мрачната Грција

09.11.2011 14:03
Бекство од мрачната Грција

Бидејќи деновиве останал без работа, Дионис Ламбропулос сериозно размислува да ѝ се придружи на армијата од 50 000 млади Грци кои не ја наоѓаат повеќе сопствената иднина во татковината која е зафатена од најтешката економска криза.

„Сега во Грција е уште полошо и сè почесто помислувам да заминам кај роднините во Австралија. Овде немам никаква иднина, и не размислувам за семејство бидејќи не знам како би го издржувал“, вели овој 35-годишен човек со две професии: забен техничар и механичар. „Како да останам кога се мерките за штедење ми нудат плата од 600 евра?“

Во земјата во која има 2,5 милиони млади на возраст од 20 до 35 години, сè помалку има трпение и верба во економско заздравување. Околу 40% од младите се без работа. Осум од десет Грци сакаат да заминат на печалба во странство. Според евиденцијата на Евробарометар, тоа се 37% од младите на возраст меѓу 25 и 35 години.

Грција веќе еднаш во историјата беше извозник на работна сила, а во овие кризни денови сликата донекаде се повторува.

„Денешното поколение имигранти значително се разликува од претците од првиот бран кои во 1950-те и 1970-те години заминаа во светот да работат по фабриките и рудниците“, вели новинарот Танасис Влахос. „Соочени сме со одлив на образовани кадри.“

И додека, според податоците на солунскиот универзитет, 84% од Грците кои дипломирале во странство одбиваат да се вратат во татковината, над 50 000 млади лица, главно високообразовани, поднеле барања за виза. Најпривлечни дестинации се оние со грчка дијаспора во која живеат 3-7 милиони Грци: САД, Австралија, Канада и Германија.

Американската и австралиската амбасада се затрупани со илјадници барања на образованите Грци, од кои многумина завршиле факултет во странство или западни колеџи во Атина. Само во Германија, за време на последниве две години, грчката заедница порасна за 10 000 нови доселеници.

Грчката дијаспора е подготвена да им помогне на младите бидејќи никој од нив не заборавил колку било тешко да се започне во туѓ свет. За сите заинтересирани отворија интернет страница која се нарекува – Патриотика.

Економистката Кики Теородиду веќе ги спакувала куферите. Оди за Шангај, каде што нејзиниот сопруг добил работа во банка. „Заминуваме зашто чувствуваме дека овде сите врати се затворени за нас. Ако сакаш нормален живот, овде не е место за тоа.“

Истото го мисли и нејзината пријателка Марија Цели, биолог, која чека одговор од Канада. „Ако добијам работа, заминувам. Моите родители се несреќни, но чувствувам дека се задушувам. Не можам повеќе, сакам да живеам, да ме признаат како жена и професионално да ме уважуваат.“

Со парите кои ги заработуваат, повеќето млади во Грција не можат да живеат и да основаат семејство. Атина според скапотијата е на 38 место меѓу 73 светски метрополи. Младите двојки се враќаат кај родителите, заминуваат во внатрешноста.

Харула Петулаки е стручњак за исхрана, и со 30 години, заедно со момчето, живее на товар на родителите. „Од маки се здебелив, изгубив секаква волја“, вели таа.

„Посакувам да сум далеку од оваа мрачна, депресивна Грција. Со месеци сум без работа. Имам 30 години, не можам да плаќам кирија и се враќам на почетокот, на Сима, мал остров од каде што полн со надеж пред неколку децении заминав во Атина на студии“, вели Јоргос Пападопулос, кој работел во фирма за изнајмување луксузни јахти. „Срам ми е да ме издржуваат родителите, но кога ќе соберам пари, ќе заминам кај роднините во Австралија.“

Градежниот инженер Харула Теодору (33) се преселила во Солун каде што работи приватно и размислува да замине во странство. „Речиси да не познавам луѓе кои заминале или размислуваат да заминат во странство. Мечтаат за Холандија, за Лондон. Многумина студирале таму.“

Податоците на Европас покажуваат дека над 35 000 молби за вработување се испратени до ЕУ што, од 30 земји на списокот, Грција ја доведува до третото место.

Аналитичарите предупредуваат дека енергијата на младите кои, не можејќи да најдат работа, се под закрила на своите родители и тешко живеат треба да се насочи правилно за да не се случуваат дивеења по улиците на грчките градови.

Во протестите кои летово ја тресеа Грција, меѓу демонстрантите, покрај работници, најмногу имаше високообразовани, невработени и радикални млади Грци.

„Многу мои познајници учествуваа на демонстрациите. Се чувствуваме отфрлено, изиграно, без иднина“, вели 28-годишната Мени Белеси од Атина која студира, но живее кај родителите, и повремено успева да најде работа. „Не мислам дека насилството и дивеењето по улиците е начин да ги решиме проблемите. Ние сакаме да промениме нешто, или многумина ќе си заминат од земјава.“

Во однос на останатите европски земји, според податоците од Евростат, еден од тројца Грци со факултет е без работа. Дури 58,9% од нив зборуваат странски јазик, додека во Европа таквиот процент изнесува 38%.

Учителот по танц Михалис, како и многумина други, стапи во фиктивен брак за да добие дозвола за работа. Десетици други седат во кафулињата и чекаат да се случи нешто.

На земјата која е задолжена до гуша ѝ претстојат години на затегање на ременот.

Извор: Политика

Бегство - со „г“.

Бегство - со „г“.

Благодариме на укажувањето,

Благодариме на укажувањето, грешката е исправена.

Слични содржини

Општество / Европа
Општество / Европа / Теорија
Општество
Активизам / Европа

ОкоБоли главаВицФото