Поубав и постар Вишеград

09.11.2011 15:08
Поубав и постар Вишеград

На балканските простори, каде што рекорден број луѓе останаа без работа, каде што економијата е на издишување, каде што се разорени патиштата и градовите, сега владее споменично лудило.

Како во некој градителско-архитектонски делириум режисерот Емир Кустурица оди од еден градителски мегаломански проект во друг: по Дрвенград, своевидна копија на американскиот кич виден само во Флорида, каде што никнуваат антички градови, копии на готски замоци и оригинални фалсификати на англиски дворци, по филмовите, познатиот режисер, сега, во Вишеград, под покровителство на Милорад Додик, го гради Каменград, комплекс на стилски невоедначени пасатистички зданија, кои ќе се простираат во центарот на Вишеград, недалеку од легендарниот мост според кој Андриќ го нарече својот познат роман.

Овие камени кулиси, веројатно најскапата филмска сценографија која некогаш е направена, би требало да биде во функција за снимањето на следниот филм на Кустурица „Мостот на Дрина“, но Каменград би требал да остане како трајно комунално-туристичка-симболична оставштина на двоецот Кустурица-Додик. Цел овој речиси неверојатен потфат многу потсетува на градењето на новиот „уште поубав и постар Вишеград“. Мора да се признае дека Кустурица е мајстор за спектакли: уште од почетокот на работата на Камеград имаше речиси сесилдемиловски глетки: хорот ја пееше „Кармина Бурана“, тука беше и симфонискиот оркестар на РТС, но и грмежот на багерите, булдожерите и повеќетонските валјаци. Новинарите од лице место известуваа дека целиот Вишеград заедно со стариот мост се тресеа.

„Возбуден сум! Имам впечаток дека ја работам најзначајната работа во животот!“, Кустурица им се довери на новинарите. Тој објаснува дека „проектот Каменград настана врз основа на фикцијата и потребата нешто да се даде на Вишеград“. Кустурица себеси се гледа во една важна, месијанска улога.

„Во историјата е многу тешко да се направи град во кој традицијата не оставила никаква трага. Вишеград е еден од ретките градови на светот кој успеал во тоа. Во него објективно, освен ’Хотелот на Лотика’, кој е грдо обновен и сегашниот хотел покрај мостот не постои ниту еден симбол на граѓанскиот живот. Овој град, кој го носи името на Андриќ, треба да се формира како урбано јадро кое помирува и кое од оваа кланица создава нешто што е пропуштено како лекција од историјата“, самоуверено вели Кустурица и порачува дека неговиот градителски потфат, „всушност, е реконструкција на нешто што не постоело, а би требало да постои.“ Ни повеќе ни помалку! Значи, уште една лекција од историјата: Босна без „Турците“ и „балиите“. Според мерката на Немања Кустурица и неговата десна рака, Милорад Додик, во Вишеград никнуваат главна улица, плоштад, црква, театар, универзитет, хотел, куќата на Андриќ... Кустурица задоволно им објаснува на новинарите: „Тука ги има сите стилови, па и ренесансата, која ние балканските народи ја имавме пред Турците“. И така градителот Кустурица прави ревизија на историјата, пишува нова, поубава, постара заедно со ренесансата. Мехмед-паша Соколовиќ на Вишеград му го подари мостот на Дрина, а четири века подоцна, Емир Кустурица изјавува: „Јас сум новиот Мехмед-паша! Но, превртена варијанта!“ Градителскиот поход на новиот паша не запира на Дрина: Кустурица навестува дека и во Требиње, каде што снима филм за православието, ќе го остави својот градителски печат? Ако се суди според макетите на Каменград, според изјавите и објаснувањата на главните актери на овој мегаломански потфат, не станува збор само за архитектонски кич, псевдоисториска творба која ќе чини најмалку 20 милиони евра, туку и за своевидно интелектуално, па и политичко бесчестие – прекројување на историјата, своевидна нова епизода на „Десетте крвави години“ со други средства.

Најголемиот крст

Кустурица не е единствениот градител-мегаломан на овие наши простори: со месеци низ медиумите се ширеше приказната дека во Ниш, на ридот Виник (400 метри), никнува најголемиот крст на светот, дека со своите 80 метри ќе биде поголем од оној во Рио, дека дење ќе биде католички, а ноќе, осветлен од ласерски зраци, ќе заблеснува слаткото православие. „Крстот е проектиран според законите на златниот пресек на божествената фасцинантна пропорција“, објаснуваат архитектите Миомир Васов и Драган Златков, автори на идејното решение на крстот кој би требало да биде висок како зграда од 30 ката, каква што во Ниш не постои. Поводот за подигнување на овој единствен споменик е одбележувањето на 17 векови откако римскиот цар Константин, роден во Ниш, го донел указот, Миланскиот едикт, со кој христијанството се изедначува со другите религии. Во медиумите едно време по овој повод нашироко се зборуваше за процутот на туризмот во нишкиот крај, за новите хотели, паркови, за доаѓањето на папата... Се зборуваше за бизнисмените кои ќе го финансираат подигнувањето на овој најголем крст на светот. Жешките глави почнаа да се ладат кога се премина на студената реченица „финансиска конструкција“, а можеби и под влијание на фактот од секојдневниот живот на градот кој, како што напиша еден мрачен нишки „блогер“ е полузавршен, а полуурнат, во кој се затвораат една индустрија по друга, во кој огромен процент од жителите останаа без работа, во кој низ раскршените улици и тротоари чекорат нерасположени лица.... Уште не е сигурно дали Ниш дефинитивно се откажа од мегаломанската идеја за најголемиот крст на светот, но сега во медиумите сè почесто се зборува за Ниш како за најголем град во „долината на гладните“...

Крагуевац, кого го мачат тешките болести на транзицијата, сепак не се откажа од „Верковиот крст“, како што некои го нарекоа според градоначалникот: без разлика на тоа што јавноста беше поделена, градските власти сепак решија на влезот до градот да подигнат крст висок 18 метри. Дури и најпокорните верници мислат дека на крстот не му е местото тука, среде патот. Некои мислат дека дури го попречува сообраќајот. Сигурно дека не буди верски чувства. Има уште учесници во ова необично натпреварување на новоразбудените православци. Весниците пишуваат дека Хаџи Милош Видаковиќ од движењето „Трн“, доцент на Државниот универзитет во Нови Пазар, ја најави изградбата на најголемиот крст на светот, на Мучно, најголемиот врв на Златибор. Крстот би требало да има висина од неверојатни 333 метри!? Да чини 20 милиони евра!?

„Тоа се големи пари, но ако биде според милоста Божја, тоа и ќе се оствари“, порачува Видаковиќ. Кој тука не полуди тој не е нормален, вели еден актуелен афоризам Made in Serbia. Никнуваат крстови, на сите страни никнуваат цркви, а црквите се полупразни, недамна ги коментираше активностите на овие градители социологот на религијата Мирко Ѓорѓевиќ. Кај нас има претерување и кај другите верници: муслиманите во селото Делимеѓе подигнаа џамија со две минариња од 80 метри! Сега тоа се најголемите минариња на Балканот, а џамијата, подарок од богатите Санџаклии, гастарбајтери, стана исламски центар.

Најголемиот Исус

Но, лудилото за подигнување огромни крстови, споменици и мегаломанијата не ја тресе само оваа земја. Крстот покрај Скопје е висок 68 метри, на ридот Хум покрај Мостар е поставен крст од „само“ 33 метри, градоначалникот на Сплит Жељко Керум објавува дека на Марјан, над Сплит, ќе го постави најголемиот Исус на светот кој ќе биде висок 39 метри, девет метри повисок од најпознатиот во Рио де Жанеиро. Изгледа дека градителските халуцинации на Керум за „највисокиот Исус“ нема да поминат на оваа точка: Марјан е заштитен со разни закони и урбанистички планови, но му успеа во Градското собрание да ја протурка замислата и Сплит да добие единствен Пантеон: во споменичкото лудило градот ќе подигне споменик на Фрањо Туѓман, политичкиот идол на Керум, и тоа не на некој градски плоштад, како што првобитно беше замислено, тука на самата ривиера, каде што друштво ќе му прави споменикот на папата Јован Павле II, но и грандиозниот споменик на Татковинската војна и на бранителите. Керум имаше намера да подигне и споменик на Анте Готовина, а некои весници пишуваат дека има намера да си подигне споменик и на себеси?! Изгледа дека засега тука застанаа градителските халуцинации на сплитскиот градоначалник кој порачува дека спомениците на сплитската рива ги гради „за инает на сите ’урбани Југословени’, кои се вдомија во двете најголеми партии“.

Споменично лудило го тресе и Скопје. Монументални споменици во стилот на барок кој со Европа владееше во 17 век сега го менуваат изгледот и душата на некогаш шармантниот и модерен главен град кој има и делови кои го задржале шармот на старата чаршија. Македонија се наоѓа во катастрофална економска ситуација, но во главниот град никнуваат над 30 споменици! Тука се спомениците на императорот Јустинијан, цар Самуил, Гоце Делчев, Карпош, Кирил и Методиј, па и на Албанецот Скендербег. Се разбира, највисокиот е на Александар Македонски; тоа е колосален споменик, висок 24 метри, кој се гледа од секој дел на главниот град. Бронзениот споменик на Александар Македонски на коњ не запрепастува само со својата големина туку и со својата цена – 10 милиони евра! Се гради и Триумфална порта, и народен театар, и музеј на ВМРО... Најавена е и изградба на споменик на Филип II Македонски кој треба да биде повисок за еден метар од оној на Александар.

Македонија е на самиот европски врв по бројот на невработени, една третина граѓани бараат работа, друга третина живее под границата на сиромаштијата, вели статистиката. Противниците на овие мегаломански проекти сметаат дека е поумно да се дадат тие милиони евра во оживување на тутунската, прехранбената и винарската индустрија. Некои огорчено порачуваат дека огромни средства се дадени за кичерски споменици. Сепак, повеќето граѓани изразуваат национална гордост што сега „имаат што да им покажат на туристите“.

Главниот град на Македонија, кој на 26 јули 1963 г. настрада во земјотрес, во кој загинаа над илјада лица, а беа урнати над 80% од зградите, веќе со години е во потрага по својот изгубен визуелен идентитет. Футуристичкиот проект на ново Скопје на познатиот јапонски архитект Кензо Танге никогаш не е завршен во целина, а сега е усвоен проектот „Скопје 2014“ кој сè преврти наопаку: на бранот македонски етнонационализам никнуваат цркви и споменици на националните јунаци и митови.

„Се гради носталгија кон еден град кој никогаш не ни постоел“, вели архитектката Мери Батокаја. Очигледно, матрицата се повторува на Балканот, па се гради едно „постаро и поубаво Скопје“.

Проектот „Скопје 2014“ не предизвика само полемика во македонската јавност туку и ги влоши одосите со Грција, настанати уште во 1991 г., околу правото Македонија да го користи името на северната грчка покраина. Грандиозниот споменик на Александар Македонски во Скопје, кој ги надмиа размерите на оној што Грците го подигнаа во Солун, Грците го „протолкуваа“ како уште една провокација на соседната земја, исто како и преименувањето на аеродромот во Петровец кој сега го носи името Александар Велики.

***

На балканските простори, каде што рекорден број луѓе останаа без работа, каде што економијата е на издишување, каде што се разорени патиштата и селата, би било подобро да се градат или барем поправат или варосаат училиштата и болниците, центрите за дневен престој, да се помагаат надарените деца. Сите овие скапи магеломански проекти, подигање споменици, градење нови „поубави и постари“ градски населби, како и уривањето споменици и преименувањето на улиците, па и градовите, имаат и јасна политичка порака: на оние другите им порачуваме дека ова повеќе не е нивен град, ако некогаш и бил. Шовинистичките градители имаат само една порака – нашата црква е повисока од вашите минариња, нашиот крст е највисок и треба да покаже кој е мнозинскиот народ и да биде поважен од уставот кој вели дека ова е секуларна држава. Суштината на овие балкански матрици во споменичното лудило е дека првенствено тоа се проекти против оние другите.

Споменичкото лудило е само материјален прилог кон упорните обиди за прекројување на историјата, нови лекции, како што вели Кустурица. Овие нови споменици, цркви, крстови, мостови, па и градови, се само материјален прилог кон новата националистичка митоманија за некоја подобра и пославна историја и традиција која никогаш не постоела, како што вели еден од најголемите неимари Емир Кустурица.

Приказната за тројцата Титовци

Пред точно дваесет години, во 1991, споменикот на Јосип Броз Тито (автор Фране Кршиниќ), висок 6 метри и тежок 2,5 тони, кој 30 години доминираше на главниот плоштад на дотогашното Титово Ужице, беше отстранет со тешка градежна механизација. Некои тврдат дека е испратен со пцовките и клетвите на новоосвестените идеолози, други велат дека повеќето Ужичани биле збунети од бруталното отстранување на овој „природен“ ужички топоним од тогашниот Плоштад на партизаните. Споменикот е положен зад Народниот музеј; првин легнат, а потоа исправен. Само ужичкиот СУБНОР уште од почетокот сериозно се залагал за негово враќање на старото место. Борците, но и неопределиените незадоволно вртеле со главите поради ова уривање на споменикот. Министерот Велимир Илиќ ги посоветувал граѓаните дека не би било лошо на огромниот плоштад наместо него да се „намонтира една убава црква“.

Три години подоцна, од опустошениот од војната Рудо, во Ужице допатува уште еден споменик на Тито. Беше тоа делото на Антун Аугустинчиќ, копија на „кумровечкиот“ споменик на маршалот Тито кој, наводно, е собран во историскиот град Рудо: приказната вели дека вработените во Музејот на Првата пролетерска бригада во раните 1990-ти решиле да го продадат „кумровечкиот Тито“ како „отпаден материјал“ на фирмата Inos Sinma од Ужице и да си обезбедат, како што пресметале, шест месечни плати. Понекогаш животот е пофантастичен и од сонот: чуварите на музејот на револуцијата во легендарната босанска касаба го крчмат споменикот на врховниот командант чии борци го прославиле гратчето и среде воените разорувања од 1990-те го пренесуваат тешкиот бронзен споменик на Тито на воловска запрега до Прибој, од каде што го префрлаат во Ужице.

На тој начин двете најсилни скулпторски дела посветени на Тито се сретнале во градот кој некогаш го носеше неговото име. Новодојдениот „Тито“ стигна во складиштето на претпријатието Inos Sinma кое се занимава со преработка и трговија со секундарен и индустриски отпад, каде што и денес стои заклучен во метален кафез. Имаше обиди од страна на колекционери да се откупат тие две скулптури, но засега не го менуваат сопственикот.

Третиот Тито, кој не се наоѓа во Ужице, е оној од Словенија. Тој си е на своето место, на централниот плоштад на рударскиот град Велење. Недопрен и свечено украсен со цвеќе.

Ни за време на окупацијата...

„Непознати лица“ уриваат спомен-бисти, споменици и спомен плочи на народните херои. Со графити се осквернавени бистите на Моша Пијаде, Лола Рибар, Ѓуро Јаковиќ на белградски Калемегдан, со сина боја се ишарани спомениците на народните херои Драгојло Дудиќ и Милица Павловиќ во паркот Вида Јосиќ, во Ваљево. И во Ниш се осквернавени неколку споменици со народни херои од Втората светска војна... Бистата на писателот Милован Глишиќ е унакажена во Ваљево, споменикот на Борисав Станковиќ во неговото Врање, а во Ниш не го оставаат на мира споменикот на Шабан Бајрамовиќ... Во Белград е украден бронзениот споменик на Момчето од Чукур-чешма. По неколку месеци беше најден на отпад: бил искршен на неколку дела и продаден како старо железо... Многумина се запрашуваат, какви луѓе сме ние? Постарите белграѓани тврдат дека слични вандализми не се случувале ни за време на окупацијата...

Извор: Хелсиншка повеља, сеп-окт 11

Колажи: Свирачиња

Проверете колку е посетен

Проверете колку е посетен Дрвен Град и колку внесол пари а колку е инвестирано, па потоа ќе правиме муабет... некако ова изгледа се напамент зборено без конкретни бројки...

ОкоБоли главаВицФото