Десничарската реторика лепило за европската младина

10.11.2011 12:52
Десничарската реторика лепило за европската младина

Екстремната десница се засилува низ Европа, а посебно им е привлечна на младите до 30 години, покажува истражувањето кое во понеделникот во Брисел го објави британскиот истражувачки институт Демос.

Истражувањето е спроведено преку социјалната мрежа Фејсбук, а во него учествуваа над 11 000 испитаници од 14 групи на екстремната десница од 11 европски земји. Анонимната анкета покажа дека нивните стравови од иднината се сосредоточени на културниот идентитет, посебно поради имиграцијата и ширењето на исламот.

„Во цела Европа младите се чувствуваат како традиционалните партии и нивните претставници да ги напуштиле, и сега покажуваат симпатии кон популистичките групи“, предупредува Џејми Бартлет, автор на истражувањето. Додека голем број европски земји се фокусирани на состојбите во економијата, според Бартлет, се претчувствува нова криза во довербата.

Испитаниците исто така ги осудија последиците од глобализацијата која ги уништува „правата на работниците“. Тие велат дека ја изгубиле вербата во владата, европските институции и правосудниот систем, наведува Демос.

Сè поголемо непријателство се чувствува кон ЕУ. Голем дел од приврзаниците на сите групи, освен италијанската Северна лига, Европската унија ја сметаат за трошење пари со несоодветна заштита на надворешните граници и ја сметаат за одговорна за губење на културниот идентитет.

„Ги има стотици илјади низ Европа. Тие се разочарани од политичките главни струи и европските институции, и се загрижени поради нарушувањето на нивниот културен и национален идентитет, па се вртат кон популистите кои ги сметаат за способни за решавање на проблемите на кои се жалат“, вели Бартлет. „Според нив, главните политички партии изгубиле контакт со реалноста... не можат да одговорат на тешкотиите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните.“

Додека мнозинството испитаници го отфрлаат насилството, 26% од нив сметаат дека „тоа е прифатливо доколку со него би се постигнала целта“. Меѓу следбениците на француската организација Bloc Identitaire и италијанската CasaPound, над 40% од испитаниците го имаат овој став.

Приврзаниците на француските екстремистички партии најмногу се жалат на имиграцијата, додека поддржувачите на холандскиот ксенофоб Герт Вилдерс за најголема закана го сметаат исламот.

Во истражувањето се заклучува дека младата возраст на поддржувачите на десничарски идеи е нивен заеднички именител. Рекламниот алат на Фејсбук овозможи анализирање на податоците на речиси 450 000 приврзаници на екстремистичките партии. Речиси 2/3 од нив биле под 30 години, а 3/4 се мажи, обично невработени. Како одговор на прашањето што ги натерало да се зачленат во одредени партии, испитаниците во анкетите многу почесто го навеле исламот и имиграцијата одошто економските проблеми.

Затоа во истражувањето се истакнува дека оваа загриженост треба сериозно да се сфати, а Бартлет им порачува на европските политичари дека мораат „ да застанат, да ислушаат и да одговорат“.

Емине Бозкурт, холандски пратеник кој е на чело на антирасистичкото лоби во Европскиот парламент, смета дека резултатите покажуваат оти се наоѓаме на „раскрсница во европската историја“.

„За пет години ќе доживееме пораст на омразата и поделба во општеството, вклучувајќи ултра-национализам, ксенофобија, исламофобија и антисемитизам, или ќе бидеме во состојба да се избориме со овие ужасни тенденции“, вели тој за британскиот весник Guardian.

Податоците од ова истражување во најголема мера се собирани во јули и август, пред влошувањето на финансиската криза во еврозоната. Во извештајот се истакнува антидоселеничкото чувство, посебно кон муслиманите.

Додека антисемитизмот беше обединувачки фактор кај екстремно десничарските партии во првата половина на 20-от век, исламофобијата стана тој фактор на почетокот на 21-от век“, вели Томас Клау од Европскиот совет за меѓународни односи.

Партиите кои промовираат антиимигрантски и исламофобни идеи се проширија вон своите историски упоришта во Франција, Италија и Австрија кон традиционално либералните Холандија и Скандинавија, и денес имаат значајна парламентарна моќ во осум држави.

Во другите нации е забележан раст на националните улични движења, како што е Англиската одбранбена лига (EDL), пренесува Guardian. Меѓутоа, стручњаците велат дека длабоките чизми и демонстрациите се само дел од сликата, додека новите поколенија ги следат овие организации на интернет и впиваат популистички идеи, посебно преку Фејсбук. Повеќето партии и движења имаат значително повеќе поддржувачи на интернет отколку во формалното членство.

Екстремно десничарската Британска национална партија и австриската Слободарска партија поединечно имаат над 80 000 приврзаници на Фејсбук, од кои 32% се помлади од 21 година.

Истражувањето беше спроведено три месеци откако Андерс Брејвик, екстремен десничар од Норвешка, уби 69 лица во младински камп близу Осло. Иако екстремните групи се одрекоа од него, преку полициска истрага на неговите контакти беше откриено дека низ Европа се водат интернет дискусии за антиимиграциски и националистички идеи.

Демос велат дека истражувањето покажува оти приближувањето на виртуелната и реалната политичка активност се начин на кој милиони луѓе, посебно младите, во 21-от век се однесуваат кон политиката. Предизвиците за европските политичари, кои од еден кризен самит трчаат на друг, се да сторат сè за оваа оттуѓена генерација да не го отфрли целосно граѓанското општество.

Извор: e-novine

Илустрации: Тамара Мулер

ОкоБоли главаВицФото