Отворена најголемата изложба на Леонардо да Винчи

10.11.2011 14:23
Отворена најголемата изложба на Леонардо да Винчи

Лондонската Национална галерија со гордост ги претставува најголемиот број дела на генијалниот италијански ренесансен мајстор која некогаш е покажана во историјата. И додека многу изложби се темелеа врз идејата за Да Винчи како изумител или научник, оваа изложба е посветена на неговиот сликарски опус.

„Леонардо Да Винчи – сликар на миланскиот двор“ е насловот на изложбата посветена на неговата способност за набљудување и имагинација, како и на неговата сликарска техника. Временската рамка за избор на делата е кариерата на Леонардо како дворски сликар во Милано во 1480-тите и 1490-тите години, кога бил ангажиран од градскиот владетел Лудовик Мари Сфорца.

Опусот на големиот уметник во Лондон стигна како резултат на петгодишниот проект за размена и позајмување, со кој е покажано оптимистичко ниво на соработка меѓу најголемите светски галериски куќи. Покрај Лувр, кој со позајмувањето на својата верзија на Богородица на карпите овозможи историско изложување на двете верзии една покрај друга, голема отстапка направи и британското кралско семејство, кое на галеријата и’ позајми 33 цртежи и студии на Да Винчи. Од вкупно 50 студии, голем број ќе бидат изложени за првпат.

Salvator Mundi, приказот на Исус како спасител на светот, е дело кое предизвика контроверзии меѓу критичарите, од кои некои се најдоа во дилема зошто воопшто делото е вклучено во поставката. Имено, не е сигурна автентичноста на ова дело, кое потекнува од приватна збирка во Њујорк. Од друга страна, дел од културната јавност ја поддржува оваа одлука и во неа гледа храбро истапување и своевидно освежување.

Сите се согласуваат во едно – ова е единствена можност, која се појавува еднаш во животот, да се сретнете со олку голем опсег на дела на еден од најголемите мајстори на класичното сликарство.

Изложбата се отвори вчера (9 ноември), а ќе трае до 2 февруари 2012 година.

Повеќе за изложбата може да се види на следниот линк.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото