Изгледите на балканските економии

11.11.2011 15:09
Изгледите на балканските економии

Во овие мигови најголема тежина имаат краткорочните ефекти од грчката криза, со очекувањата за зголемени потешкотии со кои ќе се соочи италијанската економија. А потоа треба да се земе предвид и состојбата во еврозоната и ЕУ во целина.

Независно од тоа, перспективите не беа добри. Всушност, и да не постоеше оваа надоаѓачка криза, балканскиот регион веројатно би поминал полошо одошто некој друг регион во светот. И тоа не само краткорочно, туку и на среден рок, значи, во идните неколку години. Оваа оцена може да се изрази и на следниов начин: дури и да се обноват финансиските текови кои сега се намалени во значителна мера, балканските економии мораат да поминат низ сериозни институционални и структурни реформи за да имаат корист од странските вложувања или кредити. Причината за тоа е ниската конкурентност, која доведе до значајни надворешни дефицити кои ги зголемија долговите кон странство кои, пак, треба да се сервисираат со зголемени приходи од извозот на стоки и услуги, а тоа подразбира три нешта: зголемени вложувања во производството на стока за извоз, намалена домашна потрошувачка и намалување на трошоците за производство. Промените кои се потребни како во економската политика така и во однесувањето на претпријатијата и домаќинствата се такви што би требало да се жртвуваат неколку години значајни откажувања за да се постигне тоа. Тие промени можеа да се случат минатата година, ама ниедна балканска земја не ги искористи за да го направи потребниот пресврт во политиката и институционалната преобразба.

Сега треба да се согледаат и ефектите од кризата во Грција и проблемите со кои се соочува Италија, не е реалистично да се очекува оти грчката економија ќе ја избегне многу сериозната финансиска криза која задолжително ќе ги погоди и земјите во кои работат нејзините банки, и со кои постојат значајни трговски, па и инвестициски врски. Треба да се очекува дека грчкото стопанство ќе се прилагодува на новата економска рамнотежа во релативно долг временски период, што значи дека секако нема да даде позитивен придонес во стопанскиот раст на регионот. Покрај тоа, повеќето економисти кои се занимаваат со Италија исто така очекуваат подолг период на економско прилагодување со многу низок или никаков економски раст. На Германија ѝ требаа десет години за да ја поврати конкурентноста во околности на рестриктивна монетарна политика. Доколку Италија тргне по тој пат, не треба да се очекуваа некои значајни финансиски и трговски поттици од таа страна.

Останатиот дел од еврозоната и ЕУ допрва треба да разработи сигурна и одржлива стратегија за стабилизација и поттикнување на стопанскиот раст. Како што сега стојат работите, не би требало да се очекува некој значаен поттик од Европската централна банка, што значи дека овој дефилаторен притисок ќе се одржи во целата еврозона која претставува клучен пазар за целиот Балкан. Покрај тоа, треба да се пресмета и ризикот на сериозната финансиска криза, т.е. дополнителното влошување на состојбата во банкарскиот сектор, што сигурно нема да му помогне на балканскиот банкарски сектор кој во најголема мера е интегриран со оној од еврозоната. Секако, можен е и распад на еврозоната, што би можело да доведе и до финансики кризи во балканските економии, бидејќи сите тие се засноваат на еврото. Така што, не може премногу позитивни нешта да се очекуваат од среднорочните економски движења во еврозоната.

Она што е посебно проблематично во балканскиот регион е силниот ефект на кризата врз пазарот на труд. Падот на вработеноста и растот на неактивноста во некои земји е навистина голем; најголем во Србија, но значаен и во Бугарија, Хрватска, Црна Гора, со нешто позитивни движења во земјите со висока стапка на невработеност, како Македонија, Босна и Херцеговина, и Косово. Ситуацијата е малку подобра во Албанија, но нејзината економија е многу слабо поврзана со остатокот на регионот, освен Грција, па е реално да се очекува значаен негативен ефект од грчката криза. Проблемот е во тоа што фискалните биланси на сите балкански земји се такви што тие не можат многу да помогнат во ублажување на социјалните последици од кризата, а во некои случаи ќе имаат и негативен ефект, но да се надеваме дека нема да биде толку голем како во случајот со Грција.

Доколку социјалните проблеми се заострат, политичките последици не е лесно да се предвидат. Практично на сите балкански земји им се потребни многу далекусежни и сеопфатни реформи. Доколу тие се преземат, би можело да се очекува значајно заздравување по неколку години, да речеме во период од владеењето на еден владин мандат. Во постоечките социјални околности, тоа не мора да биде лесно изводливо. Моменталните среднорочни предвидувања се пресметуваат со економски раст од неколку проценти кој не е доволен да се подобри барем минимално состојбата на пазарот на труд. Подобри резултати се можни само ако значајно се подобрат економските текови во еврозоната, и посебно во земјите од кои најмногу зависат балканските стопанства. Доколку тоа изостане, а изостанат и внатрешните реформи и промени во економските политики, не е реално да се очекува дека економските текови значајно ќе се подобрат ни по подолг временски период.

Во тоа сценарио на пасивност и нерешителност, социјалните тензии во одреден миг ќе се заострат, така што ќе ја доведат во прашање политичката издржливост. Во случајот со земјите кои се членки на ЕУ тоа можеби ќе се ублажи со влијанието на тие политички рамки, но значаен дел од Балканот ќе остане надвор од Унијата уште најмалку една деценија, а кон тие земји лесно може да се придружи и Грција. Така што, не е едноставно да се формираат рационални очекувања за политичките текови ни среднорочно, а не, пак, на подолг рок.

Најпосле, многу нешта зависат од способноста да се даде политички одговор на оваа самрачна регионална перспектива, а во овој миг навистина е неизвесно каков би можел да биде тој.

Извор: peščanik.net

ОкоБоли главаВицФото