Откриена нова димензија на стварноста

09.07.2009 12:48
333333333333_3.jpg

 

Петар Панк, од СКОПЈЕ, специјално за The Onion

Од овој необичен град минатиот пат се јавив со револуционерната космолошка вест: според истражувањата на двајца овдешни некроманти/физичари, Али Би и Али Ба (кои работат во тајната Алибабина пештера сместена под темелите на блиската и древна Јустинијана Прима), токму во Скопје (кое мештаниве колоквијално го нарекуваат „папок на космосот“) е регистрирано зрачењето на сјајот на топлиот ран космос (или бебето-космос), она зрачење кое доаѓа пред Големиот праскот.

Да потсетам што тогаш ни рече Флуктус Фруктус, локалниот пророк кого го затекнавме како ја извршува функцијата министер за наука, веронаука и земјоделство: „Кому му е гајле што се случило пред 14 милијарди години?! За нас овде тоа е ко вчера! Она што нас не’ интригира е што било пред тоа. Денес гордо и со сигурност на целиот свет можеме да му соопштиме дека пред Биг бенгот постоела (ај да речеме, Република) Македонија, како зачеток (ај да речам, јајце) од кој израснале јатата галаксии во космосот.“

Откако, значи, Скопјаните (т.е. Македонците) го шокираа светот со најновата теорија за настанувањето на космосот (базирана на егзактни мерења извршени истовремено - заради компаративна контрола на примерокот - во рудникот Алшар и во живинарската фарма Белинбегово), денес пренесувам нова шокантна вест: овдешниот премиер Никола Груевски со својот живот и дело (како и со целокупната влада) влегува во потполно одвоена сфера на постоење!

Еве за што станува збор: нарекувајќи го следен логичен чекор во својата фабулозна кариера, како и пионерски потфат во полето на применетата квантна теорија, Никола Груевски, овдешниот водач и универзален естетско-научен арбитар (затекнат како привремено ја извршува работата прв министер), во понеделникот (низ устата на својот гласноговорник) ни го откри својот најнов проект: наполно одвоена сфера на постоење контролирана на субатомско рамниште.

Изминативе две години потрошивме сто милиони долари за лицкање и шминкање на јавната слика на владата“, ни изјави гласноговорникот Ивица Боцевски (кој воедно ги води и ресорите за национална книжевност, парапсихологија и НЛО). „И каде не’ одведе тоа? Сфативме: никаде! Нашата партија освои мизерни 63 пратеници, т.е. ги доби гласовите само на секој трет македонски гласач. За нас тоа е сосема неприфатливо и затоа решивме да преземеме порадикални мерки: контрола над целокупната стварност која штотуку почнуваме да ја креираме на субатомско ниво. Со помош на добрината и големината на милиот ни водач, нашиот тим од научници и посветени волонтери успеа да создаде место каде што можат да дојдат сите Македонци, за да ги споделат своите искуства, да се радуваат и да се чувствуваат сосема слободни во однос на конвенционалните закони на физичкиот космос“, рече Боцевски.

На спектакуларната прес конференција ни се обрати (со глас и слика, речиси како да е во нашата димензија) и локалниот шаман лично, премиерот Никола Груевски: „На овој субатомски проект изминативе две години деноноќно работеше целокупниот колектив на владата зајакнат со (генетски) угледните мажи од МАМУ. Тргнавме од едно микроскопско дупченце во ткивото на веќе постојната стварност – а гледајте кај стигнавме! Овој треперлив простор пред вас, од каде што ви се обраќам, засега е изолиран на подрачјето околу Јустинијана Прима (во чиишто катакомби во моментов е збутана целата наша горда научно-културно-политичка заедница), но матрицава, како што реков – а и како што тврди еминентниот Флуктус Фруктус - има тенденција на ширење и пулсирање.“
Според Боцевски, премиерот Груевски лично бил вклучен во најситните детали на планирањето, од типот на изборот на тапетите за новата просторна димензија до генетските перформанси на секој искреиран организам за кој владата смета дека ја заслужува дарбата наречена живот. „Груевски отсекогаш бил крал на својата временска отсечка, а сега станува и крал на Времето“, рече гласноговорникот Боцевски.

Боцевски не сакаше да открие колку пари потрошила владата за да ја создаде специјалната димензија која ќе ја вшмука, за почеток, целата територија на Република Македонија, но откри дека самитот на шаманите (едно од владините тела) патентирал неколку честици наречени грујони, ставрони, славони и гордани. Боцевски додаде: „Сеедно дали станува збор за најнова образовна кампања од типот ’Знаењето е ноќ’, или за најнова истовремена победа над сиромаштијата&Грција, или за враќање на достоинството на македонскиот народ, или за терање на црвоточината низ повеќедимензионалното ткиво на простор-времето со цел да се овладее со сопствениот космос, Груевски уште еднаш покажа дека ниедна препрека не е доволно голема.“

Иако тврди дека повеќето стандардни космолошки принципи (од типот на Хојловата теорија за постојаната состојба на космосот или релативистичката дилатација на времето) на ист начин ќе функционираат и во матрицата „Грујоленд“, Боцевски тврди дека новата стварност ќе овозможи постигнување на некои работи „кои до вчера едноставно не беа можни“ во тридимензионалниот свет на смртниците. „Откако докажавме дека пред-космосот потекнува од Македонија, со најновиве продори зад завесата на просторот, ги укинуваме неодреденоста и неопределеноста како на субатомско така и на психолошко рамниште: идентитетот веќе не е проблем, паѓаат во вода сите анахрони расправи за јајцето и кокошката, оти, пред се’ и над се’, сите ние сме Македонци!“, елиптично резимира Боцевски.

Наспроти главно мошне позитивните реакции, некои ретки овдешни изроди предупредуваат дека „Грујоленд“ како цврст приказ на нестабилните полиња на веројатност би можел да се одвои од своите самопроизведени темели и дека преку другите галаксии одново ќе се пресели во нашата. „Ако тоа се случи, целата позната материја во космосот истиот миг ќе експлодира“, ни рече за крај Ентелехија Икс, професорот по квантна механика од институтот за паралелни димензии „Контрапункт“.

 

Илустрации: Cedric Tangay

 


За изгледот на објектите

За изгледот на објектите одлучувале стручњаци, а преку изборите поддршка на проектот дале и граѓаните - оттаму, смета Милевска, референдум не е потребен.„Тие проекти стигнувале од стручни лица, а не од нестручни. Тие проекти ги жирирале стручни лица, архитекти професори, а не нестручни лица. Значи тука е инволвирана стручната маса, компетентната маса да даде обликување на централното градско подрачје“, вели Милевска.Чувај ме боже од вакви стручни лица и експерти. Избори да ти биле бланко чек... Никогаш не мислев дека ќе дојде денот кога Б.Ц. и СДСМ ќе бидат гласот на разумот... Можеби созраеле. А можеби некој овде режира многу пообемен филм во кој сите ние сме плишани куклички. Нешто е труло во „демократска“ држава во која секогаш тие што не се на власт се трезвените. Моќта навистина опива... Ако не ви држи гзот, менуајте се на една година.

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Крст [к:3]
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Општество / Став / Историја

ОкоБоли главаВицФото