Моќта на народот

15.11.2011 11:47
Моќта на народот

Пред повеќе од една година Белгијците избраа луѓе за водечките позиции во земјата, но владата сè уште не е формирана. Излезот од кризата граѓаните на оваа земја го гледаат во новите облици на демократија, сметајќи дека предизвиците со кои моментално се соочува Белгија се преголеми за да се решаваат со вообичаените политички процедури. Демократијата, сметаат Белгијците, е повеќе од она што го нудат политичките партии.

„Ако политичарите не можат да најдат решение, тоа нека го сторат граѓаните“, е мотото на групата белгиски интелектуалци и активисти кои решението на политичката криза во својата земја го гледаат во радикалната демократија. Имено, тие сметаат дека демократијата во која граѓаните само гласаат, за потоа политичарите да водат преговори и носат одлуки, е застарена и дека новото време бара понапредни видови демократија. На нивна иницијатива, во Брисел на 11 ноември годинава се одржа самит на илјада случајно одбрани Белгијци (G1000), кои директно учествуваа во дискусијата за иднината на земјата.

G1000 е самит на граѓани кој потекнува од верувањето дека неодамнешната политичка криза во Белгија не е само белгиска криза туку воопшто криза на демократијата. Решението на кризата Белгијците го гледаат во поголемата вклученост на обичните граѓани во решавањето на горчливите прашања во општеството. Можеби обичните граѓани не се стручњаци за одредени прашања, но имаат поголема слобода бидејќи, за разлика од политичарите, не мораат да балансираат меѓу државните интереси и изборните стратегии. Обичните граѓани не мораат да калкулираат како подобро да поминат на изборите, па се во подобра положба да носат непристрасни одлуки, сметаат организаторите на G1000. Своите убедувања тие ги аргументираат со најновите научни истражувања, релевантни примери од други земји и можностите кои ги пружаат новите технологии.

Денес се соочуваме со границите на претставничката демократија. Изборите повеќе не им овозможуваат на владите да работат туку стануваат пречка за доброто управување. Политичките партии, кои би требало да ги застапуваат различните интереси во општеството, сега се држат едно со друга во постојан клинч. Политичарите се како гнездо млади стаорци чии опаши толку се испреплеткани што со секој обид да се ослободат уште повеќе се затегнуваат во јазолот. Животните, во неможноста да ги координираат своите постапки (секој влече на своја страна), умираат од глад. Претставничката демократија, систем кој до пред некое време беше толку свеж, сега е застарен.

Големиот технолошки напредок, пред сè, доаѓањето на интерактивниот интернет – Web 2.0 – на почетокот на 21 век донесе големи промени. Порано граѓаните мораа да го искажуваат своето мислење за политичките одлуки преку изолирани акции (писма на читатели, демонстрации, штрајк), додека сега можат да го искажат своето незадоволство на безброј начини. Секој миг можеме да ги следиме и коментираме политичките случувања, но дури секои четири години можеме да гласаме. Дали тогаш изненадува фактот што интернет форумите се полни со фрустрирани коментари? Никогаш порано граѓаните не биле толку артикулирани, а сепак немоќни. Нелогично е да живееме во ера на информации со изборен систем кој остана суштински непроменет од раниот 19 век. Демократијата стана тиранија на изборот.

Директната демократија совршено одговараше во ерата на ораторството, претставничката демократија беше добро решение во ерата на печатениот збор, весниците и подоцна еднонасочните медиуми како радиото, телевизијата и првата фаза на интернетот. Но во ерата на Web 2.0, ера на постојана интеракција, сè уште не сме нашле соодветен облик на демократија. Иновациите се сеприсутни, освен во демократијата. Компаниите морат да бидат иновативни, научниците мораат да ги поместуваат границите, спортистите мораат да уриваат рекорди, но кога станува збор за организација на општеството, сè уште се задоволуваме со процедурите од 19 век. Зошто сме обврзани да се придржуваме до формулата која е стара речиси два века? Ако демократијата повеќе не се остварува на изборите, туку тие само ја попречуваат, граѓаните мораат да помогнат да се најдат демокрартски алтернативи.

Ова не е само белгиски проблем. Британскиот политиколог Џон Кин ги проучува демократиите во светот и најавува раѓање нов вид демократија, пост-претставничка демократија, која е радикално поинаква од претходните парламентарни или претставнички демократии. Тој предвидува облици на граѓанско учество кои го прекинуваат монологот на партиите, политичарите и парламентите.

Во последно време многу западни земји експериментираат со различни видови делиберативна демократија. Граѓаните се повикани активно да учествуваат во дискусиите за иднината на општеството. Во Канада реформата на изборниот закон е спроведена на тој начин што група од стотина граѓани детално беа запознаени со материјата за потоа да ги разгледаат различните модели и да дискутираат за можните изборни системи. Независни од партиските интереси, обичните граѓани можеа да донесат порационални одлуки одошто професионалните политичари.

Граѓанските форуми, собранија и граѓанските панели се организираат во многу држави, секогаш со намера да започнат дебата меѓу луѓето со различни ставови. Исход од тоа често е подобар увид во проблемот и поспокојни одлуки. Еден од примерите годинава е Исланд, каде што на група граѓани им беше доверена задача за пишување нов Устав.

Американските истражувачи Џејмс Фишкин и Роберт Лускин имаат убедливи докази дека луѓето, кога ќе им се даде можност да разговараат едни со други и кога им се достапни доволно информации, се способни да најдат рационални спогодбени решенија за релативно кратко време. Ова успеа дури и во длабоко поделени општества како Северна Ирска. Католиците и протестантите, кои повеќе зборуваат едни за други одошто едни со други, успоеаја да најдат решенија во многу чувствителни области како што е образованието.

Делиберативната демократија нуди корисни методи за надминување на ограничувањата на претставничката демократија. Со тоа не се игнорира работата на парламентот и политичките партии, туку се надополнува. Исто како и во системот на директна демократија, целта е поголемо учество на обичните граѓани, но учесниците на самитот се бираат во дух на претставничката демократија. Формулата значајно се разликува од референдумот или плебисцитот, бидејќи овие системи бараат од сите граѓани да се изјаснат по прашањата кои само неколкумина добро ги познаваат. Овде од одреден број луѓе се бара да дискутираат за нешто со што претходно добро се запознале. Резултатите обично се порелевантни и позрели.

Делиберативната демократија би можела да биде демократија на иднината. Таа совршено одговара на ерата на Web 2.0 во која содржините ги создаваат самите корисници. Тоа е Википедија политика. Со ова се покажува дека не мора сето знаење за иднината на општеството да дојде од врвот. Причината е едноставна: врвот повеќе не постои. Постојат само разни гранки на знаење. Општеството е мрежа. Масите денес знаат повеќе одошто елитите. Дебатата е срце на демократијата. Кога луѓето разговараат, можат полесно да ги усогласат своите лични интереси со јавниот интерес. Гласот на мнозинството може да придонесе со подобри одлуки од оние на неколкумина луѓе.

Извор: Eurozine

ОкоБоли главаВицФото