Скандалозно: Македонија стои зад грчкиот банкрот!

15.11.2011 11:58
Новиот грчки премиер или...?

Високи дипломатски извори за „Копи пејст“ њуз порталот и за прес агенцијата „Гугл транслејт“ потврдуваат дека зад банкротот на нашиот јужен сосед стојат високи политички функционери од Македонија.

Според овие извори кои, се разбира, побараа да останат анонимни, во тек се некои од последните фази на планот за банкрот на Грција смислен и внимателно спроведен од страна на Скопје, но со знаење и на опозицијата. Главниот „ороводец“ и конспиратор во овој план е првиот македонски претседател Ќиро Глигоров. Глигоров ѝ се има замерено на Грција уште од 90-те години заради ембаргото, но особено е зајаден со семејството Папандреу, односно Андреас Папандреу, таткото на доскорешниот грчки Премиер, Јоргос Папандреу.

Планот се состоел од навлекување на Грција на големи трошоци во спорот за името и битката која се води по ова прашање. Една од клучните стратегии биле оперативните активности на специјалната единица „Предавници“ чии членови им се нуделе на Грците дека ќе се борат за нивните интереси во овој спор за високи парични надомести. Бројот на овие македонски оперативци за кои Грците верувале дека всушност работат за нив, и трошоците кои тие успевале да ги извлечат од грчката страна, де факто ја банкротира Грција, тврдат упатените.

Тие додаваат дека проектот „Скопје 2014“ е дел од овој план кој имал намера да го дефокусира вниманието на грчката страна од вистинските цели. Додека Грците мислеле дека целиот отпор и ресурси на македонската страна се исцрпува со овој мегаломански проект, планот за постапен банкрот на Грција успешно се спроведувал. Дополнителни трошоци на Грците им направиле разните активности и лобирање против македонската страна, почнувајќи од Обединетите Нации, преку изборите за Мис, па сé до различни веб-страници, како на пример livescore.com, кои биле исплатувани да го избегнуваат нашето уставно име.

Финалната фаза од планот е поставување на „наш човек“ на чело на грчката Влада, велат овие добро информирани извори, кој треба да ја „заврши работата“. Засега се шпекулира дека оваа задача ја презел Саво Климовски, поранешен спикер на Собранието и професор на Правниот факултет во Скопје. Со благи корекции на неговиот лик, Климовски е „подметнат“ како „спасител“ на грчката економија и држава, но всушност се работи за клучен играч на македонската страна.

Дали овие информации се издржани и дали навистина Саво Климовски е новиот премиер на Грција оставаме на слободна проценка на нашите читатели со фотографијата која вреди илјада зборови.

Извор: sead93.blog.com