1011 hPa
77 %

18 °C
Скопје - Пет, 25.04.2025 09:59
Некои од нас долго му се закануваа на нашиот пријател Колби за начинот на кој се однесуваше. А сега отиде предалеку, па решивме да го обесиме. Колби се спротивстави дека тоа што отишол предалеку (не негираше дека отишол предалеку) не значи дека би требало да биде потчинет на чинот на бесење. Одењето предалеку, рече тој, е нешто што секој понекогаш го прави. Не обрнавме многу внимание на овој аргумент. Го прашавме каква музика сака да оди додека го бесиме. Тој рече дека ќе му биде потребно малку време додека се одлучи. Јас укажав на тоа дека набрзо ќе треба да дознаеме, бидејќи Хауард, кој е композитор, ќе треба да најми музичари и да вежба со нив, а тоа не може да го направи додека не дознае која ќе биде музиката. Колби рече дека отсекогаш му се допаѓала Четвртата симфонија на Ив. Хауард рече дека ова е „тактика на одложување”, сите знаат дека Ив е речиси невозможен за изведување, тоа би значело недели и недели проби, а големината на оркестарот и хорот ептен ќе го надмине буџетот за музика. „Биди разумен”, му рече на Колби. Колби рече дека ќе се обиде да размисли за нешто што изискува помалку.
Хју беше загрижен за текстот на поканите. Што ако некоја од нив падне во рацете на полицијата? Без сомнение, бесењето на Колби беше противзаконско, и ако полицијата однапред дознае за планот, многу е веројатно дека ќе дојде и ќе се обиде да уништи сè. Реков дека иако бесењето на Колби речиси со сигурност е незаконско, ние имаме совршено морално право да го сториме тоа бидејќи тој ни е пријател, ни припаѓа на многу различни начини, а на крајот на краиштата, тој отиде предалеку. Се согласивме дека поканата треба да биде составена на тој начин за личноста која е поканета да не биде сигурна за каков настан е поканета. Решивме настанот да го означиме како „Настан кој се однесува на г. Колби Вилијамс”. Од каталогот избравме убави букви и кремаста хартија. Магнус рече дека ќе се погрижи за печатење на поканите, и праша дали би требало да сервираме пијачки. Колби рече пијачките би легнале фино, но беше
загрижен за трошоците. Љубезно му рековме дека трошоците не се важни, дека на крајот на краиштата ние сме неговите драги пријатели и ако групата негови драги пријатели не може да се собере и работата да ја изврши на малку повисоко ниво, тогаш каде оди светот? Колби праша дали ќе може да има пијачки, исто така, пред настанот. Ние рековме: „Секако”.
Следната точка на дневниот ред беше бесилката. Никој од нас не беше премногу запознаен со конструкција на бесилки, но Томас, кој е архитект, рече дека ќе разгледа некои стари книги и ќе направи план. Важна работа, колку што можеше да се сети, е вратичката под нозете да функционира совршено. Грубо пресмета дека откако ќе се собере работната рака плус материјалите, тоа не би чинело повеќе од 400 долари. „Уф леле!”, рече Хауард. Го праша Томас што си замислува, дека ќе ја прави од масивно дрво? Не, само добро парче бор, рече Томас. Виктор праша дали небојадисаниот бор нема да изгледа малку „сирово”, а Томас одговори дека без премногу проблеми може да се бојадиса во нијанса на темен орев.
Реков дека иако мислам оти целава работа треба да се изврши навистина добро со сите салтанати, јас исто така сметам дека 400 долари за бесилка, плус скапите пијачки, поканите, музичарите и сето останато, е преголем залак, и зошто да не
употребиме само дрво – некој фин даб или нешто слично? Укажав дека со оглед на тоа што бесење ќе се случи во јуни, најверојатно дрвјата величествено ќе бидат разлистени, а не само што дрвото ќе даде дополнително чувство на „природност”, туку тоа е во силна врска со традицијата, особено на Западот. Томас, кој си црташе скици на бесилки врз позадина од пликови, нè предупреди дека при надворешното бесење секогаш постои опасност од дожд. Виктор рече дека му се допаѓа идејата тоа да го направиме надвор, особено на некој речен брег, но напомена дека ќе треба да го изведеме некаде надвор од градот, што го отвора прашањето за превозот на гостите, музичарите и слично, до
местото, а потоа и назад до градот. Во овој миг сите погледнаа кон Хари, кој има фирма за изнајмување коли и камиони. Хари рече дека би можел да собере доволно лимузини за да го реши тоа, но ќе треба да ги платиме возачите. Возачите, укажа, нема да бидат пријатели на Колби и не може да се очекува да работат бесплатно, како што тоа не може да се очекува од шанкерот или музичарите. Рече дека има околу десет лимузини, кои најчесто ги користи за погреби, а најверојатно ќе набави уште дузина јавувајќи се на свои деловни соработници. Исто така рече дека ако го правиме тоа надвор, на отворено, подобро би било да размислиме за шатор, натстрешница или некој вид прекривка барем за поглавните или оркестарот, бидејќи ако за време на бесењето врне, смета дека ќе биде малку мрачно. Што се однесува до просторот меѓу бесилката и дрвото, рече, нема некои посебни желби и навистина смета дека изборот треба да си го направи Колби, бидејќи тој е оној кој ќе биде обесен. Колби рече дека понекогаш сите одат предалеку, и нели сме малку
премногу драконски настроени? Хауард мошне остро рече дека за сето тоа веќе разговаравме, и за што се одлучува, за бесилка или за дрво? Колби праша дали би можел да има почесна стрелба. Не, рече Хауард, не може. Хауард рече дека почесната стрелба би била нешто премногу суетно за Колби, можеби може превез врз очите и последна цигара, и дека Колби доволно е заглавен и без да ги „тупи” сите со непотребна театрализација. Колби се извини, не мислел така, се решава за дрво. Томас со одвратност ги стутка скиците за бесилка што ги црткаше.
Потоа на дневен ред дојде прашањето за џелатот. Пит праша дали навистина ни е потребен џелат? Зашто ако користиме дрво, јамката може да се намести на соодветното ниво, па Колби ќе може само да скокне од нешто – од стол, коклица или нешто слично. Освен тоа, рече Пит, ептен со сомнева дека низ земјата се врткаат хонорарни џелати, особено сега кога смртната казна е укината, и дека најверојатно ќе треба да летаме до Англија, до Шпанија или до некоја од земјите во Јужна Америка, а дури и да го направиме тоа, како можеме да бидеме сигурни дека типот е професионалец, вистински џелат, а не само некој кому му се потребни пари, аматер кој би може да ја закашка работата и да нè посрамоти пред сите? Сите се согласивме дека Колби би требало само да скокне од нешто, а изборот не би паднал на столот, бидејќи сметавме дека тоа изгледа исклучително невкусно – некој стар кујнски стол поставен под нашето прекрасно дрво. Томас, кој има многу современи сфаќања и не се плаши од иновации, предложи Колби да стои на голема тркалезна гумена топка со дијаметар од три метри. Ова, рече, ќе овозможи дополнителен „пад”, а топката ќе се истркала ако Колби одеднаш се премисли откако ќе скокне. Исто така, нè предупреди дека ако не ангажираме официјален џелат ужасно силна
одговорност за успехот на работата префрламе врз Колби, и иако е сигурен дека Колби примерно ќе се однесува и нема во последен миг да ги посрамоти своите пријатели; сепак, познато е дека луѓето во такви мигови се однесуваат малку колебливо, а триметарската гумена топка, која најверојатно може да се произведе за ич пари, ќе обезбеди добро „повлекување” на жицата.
При споменувањето на „жицата”, Хенк, кој цело време си молчеше, одеднаш прозборе и рече дека се прашува дали нема да биде подобро да употребиме жица наместо јаже – нешто што е поефикасно и на крајот на краиштата пофино кон Колби. Колби како малку да позелени, а јас не го обвинував за тоа, бидејќи навистина е невкусно кога се размислува како те бесат со жица наместо со јаже – кога размислуваш за тоа, ти станува малку одвратно. Сметав дека е мошне непријатно тоа што Хенк си седи и ломоти за жицата, веднаш штом го решивме проблемот за тоа од што Колби толку уредно ќе скокне, со идејата на Томас за
гумената топка, па избувливо реков дека жицата не доаѓа предвид, бидејќи ќе го оштети дрвото – ќе ја исече гранката кога Колби со целата своја тежина ќе повлече надолу – и дека во овие денови на зголемена грижа за животната средина, не би сакале да го сториме тоа, нели? Колби благодарно ме погледна, и така состанокот заврши.
На денот на настанот сè течеше мазно (музиката што Колби на крајот ја избра беше стандард, „Елгар”, а Хауард и неговите момци ја отсвиреа многу добро). Не врнеше, настанот беше добро посетен, а имавме доволно скоч, како и сите други керефеки. Триметарската гумена топка беше обоена темнозелена и многу добро се вклопи во пасторалното опкружување. Двете нешта што најдобро ги запомнив од целата епизода беше благодарниот поглед кој Колби ми го испрати кога го реков она за жицата и фактот дека никој потоа не отиде предалеку.
Превод од англиски: Владимир Јанковски
Слика: Christoph Ruckhaberle