Да се спречи Иран без бомбардирање

16.11.2011 13:36
Да се спречи Иран без бомбардирање

„Проблемот со Иран“ може да се сумира на следниов начин: се чини дека Иран навистина создава нуклеарно оружје и иако сè уште не го поседува (многу битна работа), има сè што му е потребно за остварување на таа цел. Во случај Иран да го отвари тој последен чекор, тоа би било многу лошо. Меѓутоа, превентивниот воен удар на постојните нуклеарни постројки минимално би ја уназадил нуклеарната програма на Иран и би обезбедил дополнителна поддршка за сегашниот режим, а најверојатно и би иницирал низа терористички напади и економски мерки од самиот Иран кои би имале разорен ефект врз целиот свет.

Значи, што да се прави во случај – и покрај сите санкции и притисоци – Иран да создаде нуклеарна бомба? Постои само една опција која претходно се покажа делотворна и кај многу помоќни режими – смирено, енергично и континуирано ограничување.

Во случајов, енергичното ограничување може да подразбира и силен притисок на сирискиот режим на Башир Асад, како што тоа веќе го прават европските и арапските сојузници. Сирија е прозорец на Иран кон западниот дел на регионот, вклучувајќи го и Хезболах во Либан. Смената на режимот во Дамаск, со помош на регионалните сили, значајно би го ослабнала режимот во Иран, неговото влијание на околните земји и поддршката што ја ужива дома.

Да се вратиме еден чекор наназад.

Оние кои веруваат дека Иран сака да ја користи нуклеарната енергија исклучиво за производство на струја, треба да го прочитаат најновиот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија или краткиот преглед и анализа на истиот од страна на Дејвид Олбрајт и неговите соработници од Инситутот за наука и меѓународна безбедност. Со други зборови, овде не станува збор за обид за создавање оружје за масовно уништување, како во случајот со Ирак.

Меѓутоа, и покрај тоа некој би можел да каже: па што? Израел поседува неколку стотици атомски бомби. Во случајот Иран да фрли нуклеарна бомба врз Израел, Израел би го срамнил Иран со земја; значи, според овој аргумент, Иран не би можел да ја оствари својата намера, т.е. неговото атомско оружје би било сосем бескорисно.

Проблемот со овој аргумент е дека нуклеарното оружје е многу ефикасен метод за закана. Мала е веројатноста, токму поради претходно наведените причини, дека Иран би започнал нуклеарен напад против Израел или некоја друга земја. Меѓутоа, тој би можел да го користи ова оружје за лесно да наметнува други видови агресија и притисоци низ регионот.

Гледајте го тоа на следниов начин: ако Садам Хусеин успееше да создаде нуклеарна бомба пред нападот на Кувајт во 1990 г., Џорџ Буш и Џејмс Бејкер немаше да успеат да соберат или одржат широка коалиција која на крајот ја порази неговата војска. Ако Гадафи го завршеше својот проект за нуклеарно вооружување, наместо да им го предаде на Американците и Британците, тешко дека НАТО ќе се осмелеше да ги уништува неговите копнени сили или да ја поддржува опозицијата.

Теоретичарите кои се занимаваат со темата за нуклеарно одвраќање ова го нарекуваат „стратешко уценување“ или „ескалирачка доминација“. Во сериозното меѓународно соочување на силите, онаа страна која има можност да се заканува со ескалација на конфликтот е страната која обично победува. Нуклеарното оружје не само што ги одвраќа државите од започнување иницијален нуклеарен удар; тоа исто така ги одвраќа сојузниците на загрозените земји да одговорат во случај таа да е нападната (или заплашувана) со конвенционално вооружување.

Соодветен начин на одговор на овој вид уцена е да се создаде ситуација која би овозможила да се игнорира заканата. На пример, во случај Иран да успее да изгради мал нуклеарен арсенал, а потоа почне да доставува барања до Израел, Саудиска Арабија, Либан или некој друг – или ако тргне да го поддржува Хезболах во спроведување големо насилство, и потоа каже „правете како што барам, бидејќи поседувам нуклеарно оружје и доволно сум луд да го употребам“. Добар одговор би бил: „Ние ја имаме Петтата флота во Бахреин, неколку носачи на авиони под Централната команда, неколку воздушни бази во околината, единици за специјални операции во Кувајт, еден куп забавни работи во Кибер командата и нема да се стеснуваме да ве бомбардираме, да ви ја онеспособиме дигиталната мрежа за многу години однапред и да испратиме командоси да ги уништат вашите палати и бункери“. Или нешто слично.

Со други зборови, би можеле експлицитно да му кажеме на Иран – и да го демонстрираме тоа преку нашето присуство во регионот: „Вашето нуклеарно оружје не значи дека имате ескалирачка доминација“.

Се разбира, ова не го решава проблемот докрај. Ограничувањето и одвраќањето веќе беа од корист за време на Студената војна, делумно благодарение на советските лидери кои ја ценеа стабилноста и не беа месијански настроени. Ова не важи за сегашниот режим на Иран. Уште една причина зошто ограничувањето досега беше успешно е тоа што суперсилите со тек на време развија радарски системи за рано предупредување и кодирани боеви глави. Не постојат гаранции дека слични нешта ќе се употребуваат во Иран. Конечно, Москва и Вашингтон се оддалечени илјадници километри. Во случај радарот да потфрли (во неколку случаи излезе дека јато гуски се ракетен напад), на командантите им треба најмалку половина час да решат што ќе прават. Техеран и Тел Авив се на оддалеченост од пет минути. Напнатата ситуација и поогрешната проценка би можеле да доведат до катастрофи.

Значи, постојат многу причини зошто би било најдобро кога Иран би можел да се одврати од изградба на нуклеарен арсенал.

Мит Ромни, водечкиот републикански претседателски кандидат, во статија објавена во Волстрит журнал со наслов „Нема да дозволам Иран да поседува нуклеарно оружје“, го изнесува тврдењето дека претседателот Обама „го поткопа“ својот кредибилитет и „остави впечаток дека Америка е слаба“. Администрацијата на Ромни, продолжува тој, би водела „поинаква политика“. Тој би наметнал „нова рунда поригорозни економски санкции... поагресивно би застанал во заштита на иранските дисиденти... би ја поддржал американската дипломатија со многу реална и кредибилна воена опција... би го обновил редовното присуство на носачи на авиони во Средоземјето и Персискиот залив... (и) би ја засилил воената поддршка за Израел“. Ваквите акции „би испратиле јасен сигнал дека САД, заедно со сојузниците, никогаш нема да му дозволат на Иран да поседува нуклеарно оружје“.

Овој сигнал веќе е испратен. Кои „ригорозни економски санкции“, покрај веќе постоечките на САД и ЕУ, ги предлага Ромни? Тој не ни кажува. Што се однесува до иранските дисиденти, тајната поддршка би била добра идеја, бидејќи искуството покажува дека секое јавно пружање поддршка завршува со праќање на реформистите во затвор.

Конечно, која е таа „многу реална и кредибилна воена опција“ која ја заговара Ромни, и како таа се разликува од опциите кои ги состави Заедничката команда? Зошто ни се потребни носачи на авиони истовремено и во Средоземјето и во Перисискиот залив, кога два носачи веќе го имаат Иран на дострел, покрај сите постоечки воздушни, морски и копнени трупи во регионот? Според страницата GlobalSecurity.org, авионите на еден носач имаат доволно вооружување за во еден налет да погодат над 1000 цели. Зарем тоа не е доволно?

Проблемот со Иран е многу тежок, можеби најзаплеткан од сите проблеми со кои Западот се соочува денес. Никој не знае што да се прави; секој предлог (вклучувајќи го и мојот) носи ризици и неизвесност. Ромни не прави ништо друго освен што политички го експлоатираше чувствителното национално-безбедносно прашање, преправајќи се дека нуди нови решенија.

Некој републиканец би требало да го извести дека Џорџ Буш сето тоа веќе го разгледа за време на својот мандат. Дик Чејни силно заговараше воздушни напади (американски, израелски или заеднички) на иранските постројки. Заедничката команда во теорија ги тестираше овие сценарија. Првите неколку дена, некои се чинеа ветувачки, но потоа се случи пресврт: Иран успешно би се обновил и би ја поправил штетата во рок од неколку години, обезбедувајќи уште поголема поддршка од останатите земји и домашното население. Откако ги виде овие резултати, Буш реши да се откаже од оваа стратегија.

Дури и статијата на Ромни не сугерира дека нападот треба навистина да се изврши. Тој, всушност, не предлага ништо друго од она што моментално се прави, освен неколку нешта кои ситуацијата би можеле да ја влошат или кои би воделе кон залудно трошење на ограничените ресурси.

Извор: Slate

Илустрации: Патрик Крижановски